Свет
(Видео) Спречен терористички напад во Будимпешта

Унгарската антитерористичка единица уапси човек осомничен дека планирал да постави експлозивна направа во „Арената Пушкаш“ во Будимпешта.
Шефот на антитерористичката единица, Јанош Хајду, за телевизијата АТВ изјави дека го следеле осомничениот повеќе од еден месец, како и дека за нападот и набавката на експлозивот тој разговарал со истомисленици преку интернет.
Хајду исто така рекол дека за време на истрагата за начинот на кој овој унгарски државјанин се радикализирал, тој положил заклетва пред Исламската држава и планирал напад.
Унгарските медиуми наведуваат дека уапсениот планирал да активира експлозив за време на натпревар во „Арената Пушкаш“ со капацитет од 70.000 гледачи.
Исто така, имало и план да влета со автомобил во толпа минувачи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Маж од Малезија скокнал од Стариот мост во Мостар и не испливал

Синоќа малезиски државјанин скокнал од Стариот мост во Мостар и не испливал. За ова била известена полицијата во Мостар, потврди Министерството за внатрешни работи на Херцеговско-неретванскиот кантон, пренесува „Кликс“.
Портпаролот на МУП на ХНК, Људевит Мариќ за „Klix.ba“ вели дека полицајците веднаш по пријавата излегле на терен.
На местото на настанот дознале дека е малезиски државјанин, но не нашле никакви документи.
Од таму објаснуваат дека било ноќ и условите не дозволувале потрага, но дека денеска истата ќе може да се спроведе.
Европа
Кремљ: Помошта од САД за Киев директен пат кон зголемена тензија и ескалација

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека нема планови за разговори меѓу рускиот претседател, Владимир Путин, и американскиот претседател, Џозеф Бајден.
„Засега нема планови за разговори меѓу Путин и Бајден. Нашата главна цел е да ја продолжиме специјалната воена операција, односно да ги исполниме нашите задачи поставени од шефот на државата“, изјави Песков за новинарите.
Тој го коментира и новиот пакет-помош од САД за Киев, кој го карактеризира како директен пат кон зголемена тензија и ескалација, но додаде дека тоа нема да го промени текот на настаните.
„Да, тоа е директен пат кон зголемување на тензијата, зголемување на степенот на ескалација, го гледаме тоа, бара дополнителни напори од нас. Сепак, уште еднаш, тоа нема да го промени текот на настаните, специјалната воена операција ќе продолжи“, нагласи Песков.
Претходно, агенцијата „Ројтерс“, повикувајќи се на двајца неименувани американски функционери, објави дека САД подготвуваат пакет воена помош за Украина во вредност од 2,2 милијарди долари, а првпат може да вклучи и ракети со двојно поголем дострел од досегашните испорачани.
Европа
Прво интервју на новиот чешки претседател: Украина треба да влезе во НАТО

Новоизбраниот чешки претседател Петр Павел денеска изјави дека на Украина треба да ѝ се дозволи влез во НАТО „штом војната ќе заврши“.
Павел, пензиониран генерал на НАТО, изјави за Би-би-си дека Украина ќе биде „морално и практично подготвена“ да ѝ се приклучи на алијансата кога ќе заврши конфликтот.
Во своето прво интервју како претседател за странски медиуми, Павел цврсто ја бранеше западната воена поддршка за Киев велејќи дека не треба да има „речиси никакви ограничувања“ за пратките.
Тој додаде дека за него испраќањето западни борбени авиони „Ф-16“ не е табу, но дека не е сигурен оти тие би можеле да бидат испорачани во време што би му одговарало на Киев.
Американскиот претседател Џозеф Бајден ја отфрли можноста за испраќање „Ф-16“ оваа недела иако францускиот претседател Емануел Макрон рече дека ништо не е исклучено.
„Се гордеам што мојата земја беше една од првите што обезбеди значителна воена помош за Украина“, изјави Павел за Би-би-си.
Тој го поздрави испраќањето тенкови од Западот во Украина, но додаде дека верува оти „сè уште не е доволно“ да се спротивстави на Русија.