Свет
(Видео) Холандската полиција откри тајна соба за тортура, се наоѓала во контејнери за испорака

Властите во Холандија откриле тајна просторија за тортура, скриена во контејнери за испорака. Собата била обложена со звучна изолација и полна со опрема која може да се користи при злоупотреба и измачување луѓе.
Полицајците на 22 јуни спровеле рација во место на холандско-белгиската граница и уапсиле шест мажи осомничени за киднапирање. Пронашле шест контејнери за превоз, кои се претворени во затворски ќелии, како и резерви оружје, објави Си-ен-ен.
„Во секоја ќелија се наоѓаа лисици, кои беа зацврстени за таванот и подот“, се наведува во соопштението на полицијата.
Во еден контејнер имало стоматолошки стол со ремени за нозете и рацете.
„Резервоарот на бродот со стоматолошки стол исто така содржеше торби со предмети за кои претпоставуваме дека биле наменети за тортура или барем да создадат притисок врз жртвите“, се додава во соопштението.
Во контејнерите имало и камери за надзор. Полицијата открила и три украдени комбиња за испорака, две „бмв“, седум пиштоли и кинеска варијанта на пушката „АК-47“.
Властите соопштија дека истрагата почнала во април за време на која полицајците пристапувале до криптираната социјална мрежа „Енкрочат“ за да ги следат движењата и плановите на групата осомничена за киднапирања. На овој начин полицијата открила кои се планираните жртви и успеала да ги предупредува и да ги заштити.
„Ентрочат“, која нудела безбедна услуга за размена на пораки преку мобилна апликација, била криминален пазар што го користеле 60.000 луѓе во светот за да ја координираат дистрибуцијата на нелегална стока, перење пари и планирање убиства, според британската Национална агенција за криминал (NCA).
За време на рацијата полицијата уапси шест мажи поврзани со контејнерите за тортура. Сите уапсени се од Холандија, а судот во Амстердам им одреди 90-дневен притвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Германскиoт министер за одбрана: Упадот на руски беспилотни летала во Полска не е грешка

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус изјави дека руските беспилотни летала што влегле во полскиот воздушен простор биле „јасно насочени на тој начин“.
Писториус ја отфрла можноста за случајна грешка.
Одговарајќи на прашања од пратениците во Бундестагот во Берлин, Писториус рече: „Нема причина да се сомневаме дека станува збор за корекција на курсот, грешка или нешто слично“.
Тој нагласи дека ова покажува како тие се „постојано изложени на закани од провокации“ од руските сили – во Балтикот од морето, а за Централна Европа преку „хибридни напади“ или летови како овие дронови.
Свет
Поплави на Бали, најмалку девет лица загинаа

Поплавите на индонезискиот остров Бали оваа недела убија најмалку девет лица, ги блокираа главните патишта во главниот град и го нарушија животот во прометната туристичка дестинација, соопштија денес официјални лица.
Силните дождови помеѓу вторник вечерта и среда предизвикаа големи поплави и убија пет лица во главниот град на Бали, Денпасар, изјави Абдул Мухари, портпарол на државната агенција за природни катастрофи.
Уште четири лица загинаа во регионите Џембрана, Џијањар и Бадунг, додаде Мухари. Две лица сè уште се водат како исчезнати.
Од 600 жители погодени од поплавите, речиси 200 се евакуирани од своите домови во училишта и џамии бидејќи нивните куќи се сè уште поплавени, соопшти агенцијата.
И. Њоман Сидакарја, раководител на агенцијата за пребарување и спасување на островот, изјави дека поплавите уништиле две згради во Денпасар и додаде дека пристапот до меѓународниот аеродром, кој се наоѓа недалеку од Денпасар, е ограничен бидејќи по патиштата можат да се движат само камиони.
Индонезискиот претседател Прабово Субианто изрази сочувство и му нареди на раководителот на националната агенција за катастрофи да отпатува на Бали за да ги води итни интервенции таму и да ги гарантира основните потреби на населението.
Свет
Руското Министерство за надворешни работи: Полска шири митови

Руското Министерство за надворешни работи ги отфрли обвинувањата дека беспилотните летала намерно влегле во полскиот воздушен простор, нарекувајќи ги митови.
Ја обвини Варшава за „понатамошно ескалирање на украинската криза“ со вакви тврдења, но потврди дека е подготвена да учествува во евентуални разговори со Полска.
Претходно, руското Министерство за одбрана соопшти дека „ниту една педа на територијата на Полска не е планирана како цел“ и дека максималниот дострел на руските беспилотни летала што се користат во нападот врз Украина не надминува 700 километри.