Свет
Воен аналитичар: Путин нема причина да ја запре војната

„Претседателот на САД, Доналд Трамп, сфати дека нема едноставно и брзо решение за војната во Украина“, изјави поранешниот хрватски амбасадор во Москва, Божо Ковачевиќ.
„Без оглед на фактот дека очигледно свесно избрал да застане на страната на Владимир Путин и Русија, тој мораше да го коригира својот пристап бидејќи тоа би ризикувало посериозни превирања во рамките на конзервативното мнозинство, кое го поддржува во Конгресот“, додаде тој.
Воениот аналитичар Марио Галиќ верува дека Путин нема причина да застане со војната. Пред некое време, тврди Галиќ, се зборуваше дека за Путин станува сè потешко и тој додаде дека морал да донесе севернокорејски војници за да го ослободи Курск.
„Путин би можел да продолжи да води војна до крајот на оваа година“, рече Галиќ објаснувајќи дека Русија сега е во фаза во која победува освојувајќи село по село. „Но, прашањето е, што значат за него тие 20 % од територијата на Украина во однос на целата огромна територија што ја има Русија? Тоа е веројатно еден промил од територијата на Русија“, рече Галиќ.
„Во исто време, има стотици илјади мртви и сериозно повредени луѓе, кои нема да може да се грижат за себе до крајот на животот, со оглед на тоа колку лошо се повредени. Има огромно уништување и три години строги санкции, кои најтешко ја погодија руската средна класа. Тоа е најопасната работа кога ќе се случи. Богатите се справија. На крајот, Абу Даби и Дубаи и елитните одморалишта се полни со нив“, додаде Галиќ.
Гордан Акрап, воено-безбедносен аналитичар и помошник-ректор на Универзитетот за одбрана и безбедност „Д-р Фрањо Туѓман“, истакна дека на Владимир Путин му е потребен мир за да се обиде да ја реорганизира својата економија, да ја реорганизира државата и да се обиде да го надомести недостигот на работна сила. Тој верува дека Русија не добила помош од Северна Кореја, освен во однос на човечка сила, 15-16 илјади војници.
„Зборуваме за неколку десетици илјади контејнери со оружје и муниција, без кои руските магацини веќе би биле празни“, рече тој додавајќи дека Русија, како и Украина, зависи од надворешни извори.
Тој наведува дека на Путин му е потребен мир за да се обиде да ја реорганизира својата економија, да ја реорганизира државата, да се обиде да го надомести недостигот на работна сила.
Тој истакна дека Украина треба да ги развие сопствените капацитети во развојот на техничката индустрија и воената индустрија, но дека веќе работи на тоа. „Тие развија ракети од типот ‘Нептун’, кои достигнуваат растојание до 700-750 км, кои се многу прецизни. Затоа Украина ги развива своите капацитети. Украина сè уште има човечки потенцијал“, рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
(Видео) Долгиот прекин на струјата во Шпанија и Португалија предизвика хаос

Сообраќаен хаос низ Шпанија и Португалија предизвика долгиот прекин на електричната енергија. Прекинот на струја зафати големи области од овие две држави, а меѓу погодените градови се Барселона, Лисабон, Мадрид, Порто и Севиља. Делови од Баскија исто така накратко беа погодени од прекинот.
Хаос има на метро станиците, улиците, аеродромите, семафорите се исклучени. Оневозможена е интернет и мобилната мрежа, банкоматите за плаќања, лифтовите се заглавени. Не се во функција ниту полначите за електрични возила и бензинските пумпи.
Градоначалникот на Мадрид, Хозе Луис Мартинез-Алмеида ги повика граѓаните да останат таму каде што се и да го намалат движењето на апсолутен минимум.
„Ги замолувам сите жители на Мадрид да излегуваат што е можно помалку и, ако воопшто е можно, да останат таму каде што се во моментов. Сакаме да ги задржиме сите патишта слободни“, рече Мартинез-Алмеида во видео пораката објавена на социјалните мрежи.
Говорејќи од интегрираниот центар за вонредни ситуации во Мадрид, тој рече дека покрај исклучувањето на семафорите, морале да ги затворат и тунелите на некои автопати.
Мрежите на мобилната телефонија исто така беа погодени.
Новинарите на АФП од Мадрид и Барселона известија дека луѓето излегле на улиците, држејќи ги мобилните телефони високо во воздухот за да се обидат да фатат сигнал.
Според агенцијата, многумина ги следеле вестите преку радио, а не преку мобилни уреди.
Се појави и видео од жичница во Билбао, Шпанија, каде луѓето морале да слезат и да продолжат пеш.
Gente bajando a pie del funicular de Artxanda en Bilbao#apagon pic.twitter.com/PthoY01CNq
— Javi Regalado (@djobi71) April 28, 2025
Португалската авиокомпанија ТАП Ер Португалија ги предупреди патниците да не се упатуваат кон аеродромите до понатамошно известување.
Во соопштението објавено на својата Фејсбук страница, ТАП наведува дека некои летови не се одвиваат според распоредот и бара од патниците да чекаат нови информации.
Пристигнуваат бројни извештаи дека многу граѓани на Шпанија и Португалија останале без вода.
Неколку луѓе изјавија за „Скај њуз“ дека забележале панично купување вода и други потреби во супермаркетите во Лисабон.
Свет
Белата куќа: Трамп сака трајно, а не привремено примирје

Американскиот претседател, Доналд Трамп, јасно стави до знаење дека сака трајно примирје во Украина, а не привремен прекин на непријателствата, изјави портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит.
Таа зборуваше откако рускиот претседател Владимир Путин објави тридневно примирје од 8 до 11 мај, по повод 80-годишнината од крајот на Втората светска војна.
„Претседателот сака да види трајно примирје што ќе ги запре убиствата и крвопролевањето“, рече Левит.
Таа додаде дека Трамп останува оптимист за можноста за постигнување договор, но дека е сè повеќе фрустриран од лидерите на двете страни, кои, како што рече, мора да седнат на маса и да преговараат за излез од конфликтот.
Левит, исто така, нагласи дека недамнешната средба меѓу Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски во базиликата Свети Петар покажала дека Трамп сака повторно да биде претседател кој носи мир, како што беше во неговиот прв мандат.
Свет
Пристигна првата реакција на Украина на најавата на Путин за тридневно примирје

Украина реагираше на предлогот на Русија за тридневно примирје следниот месец.
Министерот за надворешни работи Андриј Сибиха на платформата „Икс“ порача дека ако Русија навистина сака мир, борбите треба веднаш да престанат.
„Зошто да чекате до 8 мај? Ако огнот може да престане сега и да продолжи без прекин најмалку 30 дена, тоа би покажало дека примирјето е реално, а не само заради парада“, напиша Сибиха.
Тој додаде дека Украина е подготвена да поддржи траен, стабилен и целосен прекин на огнот, кој, како што нагласи, постојано го предлага.
Рускиот претседател Владимир Путин претходно објави таканаречен хуманитарен прекин на огнот од 8 мај до полноќ на 11 мај по повод 80-годишнината од крајот на Втората светска војна, соопшти Кремљ.