Европа
Во пресрет на годишнината од Кадифената револуција, илјадници Чеси повторно на протести
Речиси четвртина милион Чеси протестираа против премиерот и претседателот, обвинувајќи ги за поткопување на демократијата во оваа длабоко поделена нација, која утре ја слави 30-годишнината од Кадифената револуција.
Демонстранти од целата земја, со население од 10,7 милиони жители, се собраа во паркот Летна, веејќи чешки и европски знамиња на местото на масовниот протест во ноември 1989 година, кога мирно падна комунизмот во поранешна Чехословачка, непосредно по падот на Берлинскиот ѕид.
Многумина од присутните извикуваа „Тука сме“, како што правеа и демонстрантите пред 30 години за време на протестите што го доведоа на власт Вацлав Хавел.
Организаторите на протестите сакаат премиерот Андреј Бабиш да ги прекине врските со неговата компанија „Агроферт“, тврдејќи дека станува збор за судир на интереси или пак во спортивно бараат тој да поднесе оставка до крајот на годината. Бабиш негира какви било неправилности.
„Борбата за слобода и демократија никогаш не запира“, истакна Бенџамин Рол, потпретседател на организацијата „Милиони моменти за демократија“, која го организираше протестот.
Говорници, меѓу кои и поранешни дисиденти, кои исто така зборувале на митинзите во 1989 година, истакнаа дека Бабиш и претседателот Милош Земан не треба да ги запоседнат функциите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Уапсени двајца тинејџери во Франција: планирале терористички напад
Двајца 16-годишници беа уапсени претходно оваа недела во северна Франција под сомнение за планирање напади врз трговски центар или концертна сала, соопшти канцеларијата на францускиот обвинител за антитероризам во петокот.
Апсењата спречија планиран напад, соопшти канцеларијата, пренесува Ројтерс.
Обвинителот за антитероризам рече дека еден од двајцата малолетници почнал да следи џихадистичка пропаганда. Имињата на уапсените не беа објавени.
Европа
Мерц реизбран за лидер на ЦДУ
Германската владејачка партија, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), денес го реизбра Фридрих Мерц за свој лидер.
Мерц беше поддржан од 878 од 963 членови на партијата на националната партиска конференција во југозападниот град Штутгарт.
Резултатот е негов втор најдобар досега.
Во 2022 година, тој беше избран со 94,6 проценти од гласовите на онлајн партиска конференција, а подоцна беше потврден со гласање по пошта со 95,3 проценти од гласовите. Во 2024 година, тој доби 89,8 проценти од гласовите.
Дводневниот партиски состанок доаѓа на почетокот на предизвикувачка година за ЦДУ, која се соочува со избори во пет федерални држави во март и септември.
Според анкетите, крајната десница ги надминува конзервативците во две источни држави.
Мерц на митингот изјави дека ЦДУ мора „да спречи враќање на крајнодесничарскиот радикализам на власт во федералните држави на Германија“.
Европа
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија денес, соопштија властите, во најновиот смртоносен инцидент оваа зима.
Две лица се пронајдени мртви по лавина во скијачкиот центар Санкт Антон ам Арлберг.
„Жртвите беа извлечени од снегот, но не беше можно да се спасат“, изјави портпаролот на полицијата. Уште три лица се повредени. Властите првично не дадоа никакви детали за идентитетот, возраста или националноста на жртвите.
Претходно, 42-годишен германски скијач загина во лавина во тиролскиот скијачки центар Наудерс. Мажот скијал надвор од стазата со својот 16-годишен син, кој преживеал со сериозни повреди, соопшти полицијата. Тие се обидувале да ја преминат северната падина кога се откинала плоча од снег широка околу 400 метри, носејќи ги околу 200 до 300 метри надолу.
До 40 сантиметри свеж снег паднале во делови од Тирол во последните денови. Властите предупредија дека ризикот од понатамошни лавини останува висок. Само во среда во Тирол беа регистрирани повеќе од 30 лавини.

