Свет
Гутереш: Ширете го мирот за да се борите со коронавирусот

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, во своето годишно обраќање во Генералното собрание на светската организација истакна дека повторно ќе се заложи за општи примирја во светот.
Целта е сите земји да можат да се посветат на борбата со пандемијата на коронавирус, иако, како што оценува „Ројтерс“, ефектот од неговиот апел нема да биде голем бидејќи на заседанието нема да присуствуваат повеќето претседатели и премиери.
Американскиот претседател Доналд Трамп, според најавите, е единствениот лидер, кој заедно со Гутереш, утре лично ќе се обрати на првиот ден од заседанието на Генералното собрание.
Претседателите на Кина и Русија се едни од ретките светски лидери кои ќе дојдат во Њујорк за да ја одбележат 75-годишнината од основањето на светската организација, која денес брои 193 члена.
Околу 170 шефови на држави или влади ќе се обратат на сесијата со видеопораки.
Гутереш изјави за „Ројтерс“ дека општ прекин на огнот во светот ќе придонесе за напорите да се спречи ширењето на Ковид-19 и да се создадат услови за координирано, одржливо и инклузивно закрепнување од ефектите на пандемијата.
По повод 75-годишнината од ООН, основана по Втората светска војна, со цел да се спречат ваквите конфликти, Гутереш истакна дека е неопходен мултилатерализам, како и реформи со цел да се одговори на денешните предизвици.
„Ако сме … во овој момент на вистината, способни да ги спроведеме потребните реформи за да постигнеме вистинска мрежа на мултилатерализам и вистински инклузивен мултилатерализам, јас навистина верувам дека мултилатерализмот ќе надвладее и дека растечкиот национализам и популизам ќе пропаднат“, рече тој.
Додаде дека пандемијата на коронавирус и проблемите со климатските промени, беззаконието во киберпросторот и ширењето на нуклеарното оружје „јасно потврдуваат дека светот е многу ранлив“.
„Мојата надеж е дека, во овој момент, лидерите ќе бидат доволно скромни да ја прифатат нашата ранливост и да разберат дека ни треба единство и меѓународна соработка“, заклучи Гутереш.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Данската премиерка: Русија нема да застане кај Украина

Украина се бори за цела Европа, додека Русија не покажува знаци дека сака мир и дека ќе застане кај Украина, изјави денес данската премиерка, Мете Фредриксен во Архус.
„Мора да ја зајакнеме нашата поддршка за Украина бидејќи таа се бори за сите нас“, рече Фредриксен на заедничката прес-конференција со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
По повод преземањето на ротирачкото претседателство, данската влада го прими Колеџот на комесари на Европската комисија во Архус, вториот по големина град во Данска.
„Ни секунда не верувам дека Путин сака мир и има намера да застане кај Украина, затоа мора да ја ставиме Украина во најсилната можна позиција“, рече Фредриксен, додавајќи дека е потребно да се продолжи со работата за слабеење на руската економија, зајакнување на санкциите и запирање на увозот на руски гас.
Претседателката на Комисијата, фон дер Лајен, изјави дека одлуката на САД делумно да ја суспендира воената помош за Украина покажува дека ЕУ мора да ја засили својата поддршка за нападнатата земја.
Фон дер Лајен ги повика земјите-членки да ја користат кредитната програма SAFE, вредна 150 милијарди евра, за воена помош за Украина, преку купување воена опрема за Украина или инвестирање во украинската одбранбена индустрија.
Данската премиерка додаде дека нејзината земја почнала да инвестира во производство на оружје и друга воена опрема на украинска територија уште порано.
„Функционира многу добро, бидејќи тие произведуваат побрзо, подобро и поевтино од сите нас“, рече Фредриксен, додавајќи дека Украинците сè уште имаат 40 проценти неискористен капацитет за производство на оружје и опрема.
Таа, исто така, оцени дека запирањето на американската помош за Киев би значело „сериозен удар за Украина, Европа и НАТО“.
(Фото: ЕПА)
Свет
Путин вели дека денес ќе разговара со Трамп

Рускиот претседател, Владимир Путин, денес изјави дека подоцна во текот на денот ќе разговара со својот американски колега Доналд Трамп.
Ова ќе биде шестиот јавно познат разговор меѓу двајцата лидери откако Трамп се врати во Белата куќа во јануари, а ќе се одржи во услови на досега неуспешни напори на Соединетите Американски Држави да преговараат за прекин на огнот во Украина.
Двајцата претседатели последен пат разговараа на 14 јуни, а главната тема на нивниот разговор беше Иран.
Европа
Украина припаѓа на Европската Унија, му рече данската премиерка на Зеленски

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, пристигна во Орхус, западна Данска, каде што ќе присуствува на одбележувањето на почетокот на данското претседателство со Советот на Европската Унија.
Според најавата на данската влада, Зеленски ќе разговара со премиерката Мете Фредериксен, претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, и со претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста.
Тие ќе разговараат за поголема воена поддршка за Украина, соработка со украинската одбранбена индустрија и нови санкции против Русија.
„Украина припаѓа на Европската Унија, тоа е во интерес и на Данска и на Европа. Затоа данското претседателство ќе направи сè што може за да ѝ помогне на Украина на патот кон членство во ЕУ“, рече Фредериксен.
Данската премиерка истакнува дека ЕУ мора да ја зајакне Украина и да ја ослаби Русија.
„Украина е клучна за безбедноста на Европа. Мора да го зголемиме притисокот врз Русија“, рече Фредериксен.