Свет
Една третина од човештвото е во изолација
Денеска во Индија стапи во сила наредба за 1,3 милијарди жители да не ги напуштаат своите домови во следните три недели, што значи дека една третина од човештвото е во изолација поради коронавирусот.
По одлуката на индискиот премиер, Нарендра Моди, да ја изолира најнаселената земја во светот по Кина, бројот на луѓе во изолација во светот се искачи на 2,6 милијарди лица.
„Да се спаси Индија, да се спаси секој граѓанин, ти, твоето семејство (…) секоја улица и секое соседство значи да се биде во изолација“, рече Моди во телевизиското обраќање до нацијата.
Сепак, Кина во средата ги укина драстичните ограничувања наметнати пред неколку месеци во провинцијата Хубеи, жариштето на пандемијата на коронавирусот.
Пекинг во вторникот објави дека го укинува карантинот за повеќе од 50 милиони луѓе во Хубеи, воведен во јануари, за да можат сега да патуваат ако се здрави. Некои аеродроми и железнички станици повторно работат. Но, училиштата се сè уште затворени во оваа фаза, а жителите на Вухан, каде се наоѓа заразата, ќе треба да чекаат до 8 април за да можат да патуваат надвор од градот.
Во земјата не се откриени случаи на локална зараза во последните 24 часа, но има пријавено 47 случаи од странство во тој период, соопштија кинеските здравствени власти.
Низ целата планета, бројот на починати од вирусот Ковид-19 продолжува да се зголемува. Вирусот ги одзеде животите на повеќе од 18.200 луѓе, а 405.000 лица се заразени, половина од нив во Европа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Израел: Способноста на Иран да лансира ракети ќе биде значително нарушена
Израел очекува способноста на Иран да испали балистички ракети да биде значително нарушена во следните 24 часа, изјавија двајца израелски функционери, како резултат на зголемените напади на САД и Израел. Според нив, се очекува фреквенцијата на иранските ракетни напади да се намали до вторник вечерта и да бидат испукани помалку ракети кон Израел, пренесуваат медиумите во регионот.
Во првите три дена од војната, САД и Израел погодија повеќе од 1.200 цели. Се очекува тој број да се удвои до вторник, по она што официјалните лица го опишаа како неуморно темпо на напади што започна во понеделник и се очекува да продолжи во текот на ноќта.
Еден од функционерите рече дека се очекува нападите на американските и израелските сили во понеделник вечерта да бидат насочени кон ракетни лансери, сили за внатрешна безбедност и цели на Револуционерната гарда. Американските и израелските функционери денес нагласуваат дека темпото и успехот на воздушната кампања досега ги надминале сите очекувања.
Свет
Иранската револуционерна гарда: „Непријателот нема да биде безбеден никаде во светот, дури ниту во своите домови“
Иранската револуционерна гарда, паравоена формација на која се потпира исламската влада во Техеран, денес се закани, по повод американско-израелските напади врз Иран, дека ќе продолжи да се бори „додека непријателот не биде поразен“ и дека непријателите нема да бидат безбедни „никаде во светот, дури ни во своите домови“, објавува CNN.
Како што објави иранската државна телевизија, Иранската револуционерна гарда соопшти дека неодамнешната загуба на врховниот лидер ајатолахот Ал Хамнеи и други високи функционери „не го потресе (Иран), туку само го направи посилен“.
Високо вооружената и организирана гарда – која постои паралелно со иранската армија и вклучува доброволни одреди – вети во соопштение дека Иран ќе продолжи да се бори „додека непријателот не биде поразен“.
„Непријателот треба да знае дека неговите среќни денови се завршени и дека повеќе нема да бидат безбедни никаде во светот, дури ни во своите домови“, се додава во соопштението што го пренесе CNN.
Регион
Дачиќ симнат од респиратор
Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ денес е симнат од механичка вентилација, пренесува „Блиц“.
Медиумот пренесува дека министерот за здравство Златибор Лончар денес изјави дека здравствената состојба на министерот за внатрешни работи и претседател на Социјалистичката партија на Србија Ивица Дачиќ е подобра отколку што беше, додавајќи дека постојат причини за оптимизам, но и дека мерките за интензивно лекување и терапија продолжуваат.
„Неговата моментална состојба е подобра отколку што беше, што ни дава причина за оптимизам. Важно е што сè уште има многу работа да се направи, мерките за интензивно лекување и примената на интензивна терапија продолжуваат. Тоа е она што ќе го кажам во овој момент, а луѓето што го лекуваат ќе го објаснат подетално во текот на денот“, изјави Лончар за новинарите по посетата на здравствениот центар Вождовац.

