Свет
Зеленски: Им веруваме на САД, веруваме дека претседателот Доналд Трамп сака да ја заврши војната
Им веруваме на САД, веруваме дека претседателот Доналд Трамп сака да ја заврши војната, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски на прес-конференција по средбата со американскиот шеф на државата во Белата куќа.
Зеленски ја опиша средбата со Трамп како продуктивна.
Украинскиот лидер одби да даде каква било изјава во врска со потенцијалната испорака на ракети „Томахавк“ од САД во Украина.
„Разговаравме и за ракети со долг дострел и нема да давам никакви изјави за ова прашање. Решивме да не зборуваме за ова бидејќи САД не сакаат ескалација“, објасни Зеленски.
Кога беше прашан дали има оптимизам во врска со добивањето на ракети „Томахавк“, Зеленски одговори дека гледа на работите реално. Украинскиот лидер го изрази своето мислење дека Русија се плаши од ракетите „Томахавк“ бидејќи знае што можат да постигнат со нив, во комбинација со другите системи за оружје на Украина.
Украинскиот претседател рече дека тој и Трамп разговарале за прашања поврзани со системите за воздушна одбрана. Зеленски посочи дека не разговарал со Трамп за украинските напади врз руските енергетски објекти.
Зеленски, исто така, рече дека по средбата со Трамп, разговарал со стратешките партнери на Украина.
Украинските медиуми објавија дека по средбата со Трамп, украинскиот претседател разговарал со европските лидери.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Орбан: Распадот на Украина би бил катастрофа за Украина
Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан денеска изјави дека распадот на Украина би имал сериозни последици по неговата земја.
– Немојте да се залажувате: распадот на Украина би бил катастрофа за Унгарија, напиша Орбан на платформата Икс.
Тој додаде дека стабилноста на соседните држави е важна.
– Унгарија ја снабдува Украина со 44 отсто електрична енергија и 58 проценти гас. Во меѓувреме, војната ја слабее Украина секој ден. Само мирот може да ја зајакне. Секој кој навистина ја поддржува Украина мора да сака мир, и сега, посочи Орбан.
Свет
Нема да има блокада на граничните премини со Грција за време на празниците
Грчките земјоделци најавија прекин на блокадите на граничните премини со Македонија за време на божиќните и новогодишните празници, овозможувајќи им непречено патување за граѓаните.
Блокадата на земјоделците е проблем за многу македонски државјани кои изминативе недели им беше отежнато патувањето кон или од Грција.
Грчките медиуми известуваат дека за време на празничната сезона нема да има блокади, со цел граѓаните да можат непречено да патуваат.
Земјоделците одлучија да ги прекинат блокадите и да ги отворат граничните премини и патиштата во два периода: од вторник, 23 декември, до недела, 28 декември 2025 година и од вторник, 30 декември, до недела, 4 јануари 2026 година.
Во меѓувреме, премиерот на Грција посочи дека многу од барањата на земјоделците од неговата држава се исполнети.„Од листата со 27 побарувања на земјоделците, 16 се веќе задоволени или се третираат позитивно. Четири се во процес на разгледување или дискусија со цел да се пронајде решение, додека само седум не можат да бидат решени. Причините за тоа се или спротивност со основните европски правила и функционирањето на заедничката земјоделска политика, или финансиска неизводливост“, објави на Фејсбук премиерот Кирјакос Мицотакис.
Земјоделците, кои ги започнаа своите протести на 30 ноември со околу 60 блокади низ цела Грција, не се откажуваат од своите барања.
Свет
Околу 130.000 домаќинства и компании во Сан Франциско останаа без струја
Околу 130.000 домаќинства и компании во американскиот град Сан Франциско вчера останаа без електрична енергија. Напојувањето со електрична енергија постепено се стабилизира и сега речиси 20.000 потрошувачи се без струја.
Електрична енергија немаше во северниот дел од градот, поради што беа затворени голем број продавници и ресторани, а нарушен беше и градскиот транспорт.
Компанијата „Пацифик гас енд електрик“ ((Pacific Gas and Electric, PG&E), соопшти дека се истражува причината за масовниот прекин на електричната енергија, додавајќи оти се стабилизира електричната мрежа и не се очекуваат нови прекини.
Според противпожарната служба, дел од прекините беа предизвикани од пожар што избувна во потстаница на ПГ&Е.

