Свет
Израелски и германски борбени авиони симболично ќе прелетаат над Дахау
Израелските борбени пилоти и нивните германски колеги денеска ќе им оддадат почест на жртвите на холокаустот со симболична прелетување над концентрацискиот логор „Дахау“ како дел од првите заеднички воени вежби во Германија, пренесува „Дејли мејл“.
Формацијата од борбени авиони, вклучувајќи ги израелските Ф-16 и авионите „јурофајтер“ на германскиот „Луфтвафе“, ќе ја прелетаат и блиската воздухолповна база „Фурстенфелдбрук“ за да ја одбележат годишнината од масакрот на Олимпијадата во Минхен во 1972 година, во кој беа убиени 11 Израелци.
Авионското оддавање почест ќе биде главен момент на двенеделни маневри на кои за првпат израелските воздухопловни сили ќе бидат на германско тло. Поради пандемијата на Ковид-19, таа е единствената мисија за обука што Израелските воздухопловни сили (ИАФ) ја спроведуваат во странство оваа година.
Началникот на „Луфтвафе“, Инго Герхарц, ја нарече заедничката вежба знак на нивното пријателство денес. Тој рече дека таа е исто така потсетник дека Германија има трајна одговорност да се бори против антисемитизмот со најголема конзистентност поради своето нацистичко минато.
ИАФ соопшти дека мисијата, која ќе трае до 28 август, ќе им даде шанса на нивните пилоти да вежбаат во непознато опкружување и ќе вклучува симулирани борби во воздух, битки воздух-земја и ракетни закани. Израелските пилоти за време на распоредувањето ќе учествуваат и на воздухопловните маневри со Германија и другите членки на НАТО.
Германија и Израел ја засилија својата воена соработка во последниве години, при што „Луфтвафе“ учествуваше на заеднички вежби во израелската пустина Негев во 2019 година. Но, важната израелска посета на Германија е обременета со историја.
Комеморациите денеска ќе почнат со заеднички прелет над базата „Фурстенфелдбрук“ пред Минхен, каде што девет члена на израелскиот олимписки тим беа убиени во престрелка откако беа земени како заложници од палестинските милитанти. Вооружените лица претходно застрелале израелски тренер и спортист во Олимпиското село.
„Тие беа убиени од страна на заеднички непријател на Израел и Германија: теророт“, изјави израелски офицер на воздухопловните сили, кој побара да бидет идентификуван само како „мајор Т“.
Германските и израелските авиони потоа ќе продолжат кон „Дахау“, каде ќе летаат ниско над нацистичкиот логор на смртта изграден во 1933 година, кој служеше како модел за другите логори. Повеќе од 40.000 Евреи беа убиени во Дахау за време на Втората светска војна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Топ десет најлуксузни градови во светот: победникот не е изненадување
Откриен е градот што нуди најлуксузен живот во светот, а победникот веројатно нема да ве изненади. Со речиси 900 врвни ресторани и 150 петѕвездени хотели, титулата ја понесе Париз, францускиот град на љубовта и позната дестинација за сите оние што бараат гламурозно искуство, пишува Дејли Меил.
Нова студија анализираше шест индикатори за богатство и начин на живот за да ги рангира светските градови. Конечниот „индекс на луксуз“ е создаден со комбинирање на податоци за бројот на милионери и милијардери во однос на бројот на жители, како и за густината на врвни ресторани, петѕвездени хотели, луксузни продавници и казина на квадратен километар, објавува „Индекс“.
Француската престолнина го освои првото место првенствено благодарение на својата неспоредлива кулинарска сцена. Градот нуди дури 834 врвни ресторани на 100 квадратни километри, повеќе од која било друга светска дестинација. Покрај тоа, Париз се гордее со 142 петѕвездени хотели и до 10 казина во истата област.
Второто место го зазеде Мелбурн. Австралискиот град е дом на 94.000 милионери кои можат да избираат од повеќе од 100 елитни ресторани. Мелбурн, исто така, има голема концентрација на првокласни хотели (125) и луксузни продавници (143), што им нуди на богатите посетители многу опции.
На третото место е Цирих, градот што привлекува најголем број милионери по глава на жител. Речиси еден од пет жители овде има седумцифрена вредност, што го одразува статусот на Цирих како глобален центар за управување со богатството. Градот ги третира своите богати гости со 150 врвни ресторани.
Четврт на листата е Мајами, кој има приближно иста концентрација на милионери како Париз, но и значително повеќе милијардери по жител (37). Според тоа, градот нуди повеќе од 120 врвни ресторани и околу четириесет луксузни продавници за малопродажба.
Милано ги заокружува првите пет на листата. Италијанската престолнина на модата му конкурира на Париз во врвна гастрономија со 193 луксузни ресторани кои служат заедница од 82.000 милионери. Со речиси 20 петзвездени хотели и 76 луксузни продавници, Милано е идеално место за љубителите на најновите трендови.
Њујорк е втор најлуксузен град во Америка и, според студијата, има најголем вкупен број милионери и милијардери. По него следува Лос Анџелес, додека Сингапур е на осмото место како главен азиски финансиски центар. Сеул се најде на деветтото место со 66.000 милионери и 16 милијардери, а Лондон ги заокружува првите 10, потврдувајќи ја својата репутација како центар на глобалното богатство.
Топ 10 најлуксузни градови: Париз, Мелбурн, Цирих, Мајами, Милано, Њујорк, Лос Анџелес, Сингапур
Сеул, Лондон.
Свет
Напад со дронови во Одеса, најмалку четири лица се повредени, меѓу нив и седуммесечно бебе
Најмалку четири лица, од кои три се деца, се повредени во синоќешниот руски напад со беспилотно летало врз Одеса, објавија денес регионалните власти, наведувајќи дека се оштетени станбени згради и инфраструктурни објекти.
„Нападот со беспилотно летало бил насочен кон станбени згради, логистика и енергетска инфраструктура“, изјави началникот на регионот Одеса, Олег Кипер, во порака на Телеграм.
Воените власти на тој регион објавија дека меѓу повредените има седуммесечно бебе и две други деца, како и 42-годишен маж, пренесува Ројтерс.
Големото црноморско пристаниште Одеса е цел на повторени руски напади со беспилотни летала и ракети, кои ја уништуваат енергетската, сообраќајната и пристанишната инфраструктура, како и станбените делови на тој град, според медиумот.
Свет
Железничка несреќа во близина на Мачу Пикчу: има загинати и повредени во судир меѓу два воза
Машиновозач загина, а најмалку 40 лица се повредени во судир меѓу возови во близина на најпопуларната туристичка атракција во Перу, Мачу Пикчу, пишува Би-Би-Си.
Во соопштението од надлежните се истакнува дека 20 амбулантни возила се испратени на местото на несреќата и дека повредените се префрлени во здравствени установи во блискиот град Куско.
Американската амбасада во Перу објави дека во несреќата се повредени американски државјани, но полицијата сè уште не ги потврдила идентитетите на лицата вклучени во инцидентот.
Локалниот медиум Peru21 известува дека „стотици“ туристи сè уште престојуваат на местото на несреќата и чекаат евакуација, што е „тешко“ поради непристапниот терен околу местото на несреќата.
Најмалку 20 повредени се во сериозна состојба, изјави здравствен службеник за новинската агенција Ројтерс.
Судирот се случил на железничката пруга што ги поврзува станицата Олјантајтамбо и Агуас Калиентес, најблискиот град до Мачу Пикчу. Патувањето помеѓу овие две станици обично трае околу 90 минути.
„Длабоко жалиме за она што се случи“, се вели во соопштението на компанијата PeruRail, додавајќи дека нејзиниот персонал „веднаш“ им пружил прва помош на машиновозачот, кондуктерот и патниците вклучени во инцидентот.
Причината за несреќата сè уште е непозната.
Несреќата се случила во време кога постои тековен спор меѓу превозниците што вршат превоз до местото на светското наследство на УНЕСКО, бидејќи локалните заедници се незадоволни од, како што велат, недоволно транспарентниот процес на доделување концесии.
Возовите и автобусите што ги превезуваат туристите до античкиот град имаат високи цени и можат да бидат многу профитабилни поради ограничената пристапност на локацијата.

