Свет
Израел до цивилите во јужен Либан: Не враќајте се дома до понатамошно известување
Петмина здравствени работници загинаа во напад на Израел врз јужен Либан, соопшти либанското Министерство за здравство, а Израел ги предупреди либанските цивили на југот да не се враќаат дома до понатамошно известување.
Привремениот либански премиер Наџиб Микати рече дека Соединетите Американски Држави и Франција водат разговори за прекин на огнот очигледно упатувајќи на дипломатските напори за посредување на примирјето што Израел го отфрли минатиот месец. Засега никој од Вашингтон или Париз не ги коментирал овие тврдења.
Блискиот Исток е во состојба на готовност стравувајќи од натамошна ескалација на конфликтот во регионот бидејќи се чека одговорот на Израел на минатонеделниот ирански ракетен напад, пренесуваат медиумите во регионот.
Либанското Министерство за здравство соопшти дека Израел во текот на ноќта удрил во центар за цивилна заштита во селото Дердгаја, на 10-ина километри од границата, при што загинале пет болничари и спасувачи.
Израелската армија сè уште не се огласила за тоа. Повеќе од 2.100 луѓе се убиени во израелските напади врз Либан во текот на изминатата година. Не се знае колку загинати цивили и колку борци.
Израел денеска ја потврди смртта на својот 12-ти војник во копнените операции во јужен Либан.
Израел им порача на жителите на јужен Либан во објава на социјалната мрежа Х дека им е „забрането да се вратат во своите домови, во селата и градовите до понатамошно известување за нивна безбедност“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во израелски напади врз Појасот Газа загинаа најмалку 11 луѓе
Во израелски напади врз Појасот Газа загинаа најмалку 11 луѓе. Израел тврди дека нападот е одговор на кршењето на примирјето од страна на Хамас.
Според палестински медицински извори, во израелскиот воздушен напад врз шаторски камп, каде се сместени раселени семејства загинале најмалку четири лица. Во друг напад врз Кан Јунис загинаа пет луѓе, а при напад во северниот дел на енклавата убиен е уште еден човек.
Портпаролот на Хамас, Хазем Касем изјави дека Израел извршил уште еден „масакр“ врз раселените Палестинци, нарекувајќи го инцидентот сериозно прекршување на прекинот на огнот неколку дена пред првиот состанок на Советот за мир на американскиот претседател Доналд Трамп.
Израелски воен претставник наведе дека нападите биле „прецизни“ и во согласност со меѓународното право, додавајќи оти Хамас постојано го крши договорот за прекин на огнот, постигнат во октомври минатата година. Според него, вооружени лица вчера излегле од тунел на израелска страна во областа Беит Ханун.
Касем ги повика учесниците на првиот состанок на новиот меѓународен Совет за мир во Појасот Газа да извршат притисок врз Израел да престане да го крши прекинот на огнот и да го спроведе договорот без одложување.
Свет
Поплави и свлечишта во јужна Италија
Јужниот дел на Италија е погодена од уште еден средоземен циклон што предизвика поплави и лизгање на земјиштето.
Поради бурата Оријана во Калабрија, Сицилија и Сардинија наредена е евакуација на населението.
Италијанската противпожарна служба соопшти дека за 72 часа добиле 2.000 повици за помош.
Оријана ја погоди Италија откако го погоди Иберискиот Полуостров. Тоа е втора бура што ја погоди јужна Италија по циклонот Хари кон крајот на јануари.
Свет
Рама во Вашингтон ќе учествува на формирањето на Одборот за мир
На 19 февруари премиерот Еди Рама ќе биде во Белата куќа во Вашингтон, каде што ќе учествува на официјалното формирање на Одборот за мир.
Ова го потврди лично премиерот за време на неделниот подкаст „Фласим“(зборуваме), отфрлајќи ги тврдењата на опозицијата дека воопшто не е поканет за учество на овој настан.
– Деновиве добив покана од претседателот на Соединетите американски држави, да го посетам Вашингтон и на учествувам на формирањето на Одборот за мир. Значи разбиени се сите лаги кажани дури и во нашиот парламент. Лага се секакви тврдења што денес повторно се прават смешни, велејќи дека не можам да одам, дека не сум поканет, затоа што, затоа што, затоа што, рече Рама.
Всушност, додаде, како што кажав, ќе бидам во Вашингтон за официјалното формирање на Одборот за мир и за почетокот на активноста на тој одбор.
-Привилегија за Албанија е да биде држава-основач на Одборот за мир и нема да придонесува со пари за да се приклучи или да остане како постојан член, туку придонесува со достоинство и со она што ја направило меѓународно почитувана и поканета, за оваа толку високо ниво на дискусија за иднината на мирот, рече Рама.

