Свет
И Канада ги повлекува семејствата на своите дипломати од Украина

Канада денеска соопшти дека привремено ги повлекува семејствата на своите дипломати од Украина поради акумулација на руски војници по должината на границата со оваа источноевропска земја.
Американскиот Стејт департмент во неделата потврди дека на членовите на семејствата на дипломатите им било наредено да ја напуштат Украина објаснувајќи дека руската воена акција може да се случи во секое време, пренесува „Ројтерс“.
„Поради тековното засилување на военото присуство на Русија по должината на границата со Украина и дестабилизирачките активности на Москва во и околу Украина, решивме привремено да ги повлечеме децата на персоналот на канадската амбасада на возраст под 18 години и членовите на семејството што ги придружуваат“, соопшти канадското Министерство за надворешни работи, без дополнителни детали.
Канада, која зазеде цврст став против Москва по руската анексија на Крим во 2014 година, минатата недела соопшти дека на Украина ќе ѝ понуди заем до 120 милиони канадски долари (95 милиони долари).
Во меѓувреме, шведското Министерство за надворешни работи соопшти дека поради безбедносната ситуација, препорачливо е да се забранат сите патувања во Украина кои не се неопходни, како и до полуостровот Крим, регионите Донецк и Луганск.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Асен Василев го доби мандатот за да формира нова Влада во Бугарија

Бугарскиот претседател Румен Радев денеска му го врачи мандатот на Асен Василев, вицепремиерот и министер за финансии во оставка, за тој да ја формира новата бугарска влада.
Овој пат довербата како нов мандатар ја доби Василев од неговата партија Продолжуваме со промената наспроти неговиот партиски колега Кирил Петков, кој досега ја имаше функцијата премиер на Бугарија.
„Бугарија е во политичка, економска и социјална криза. Бугарите споделуваат легитимна загриженост за растот на цените и неизвесноста околу иднината. Од вчера имаме и надворешнополитичка криза“ – рече Радев при доделувањето на мандатот на Василев.
Следуваше одговор:
„За мене ова е огромна одговорност. Сите сме свесни дека во кризите со кои треба да се соочи Бугарија, исклучително е важно да се има влада. Исто така, важно е тој да работи во интерес на граѓаните, а не во интересот на статус-квото, и таа навистина да ги брани бугарските интереси и независноста на бугарската држава на ист начин како што тоа го правеше првиот кабинет на Продолжуваме со промената“ рече Василев.
Владејачката партија има рок од седум дена да предложи владин состав. Доколку истиот не биде одобрен, мандатот ќе оди кај партијата ГЕРБ на Бојко Борисов.
Регион
Амбасадорот на Чешка во Бугарија: Францускиот предлог е единствена шанса за Македонија

Амбасадорот на Чешката Република во Бугарија, Лукаш Кауцки пред неговата земја да го преземе претседателството со Советот на Европа во следните шест месеци изјавил дека „Францускиот предлог е единствената шанса за Македонија да ги започне пристапните преговори со ЕУ. Се е во рацете на македонските политичари“, објави „БГНЕС“,
Кауцки се надева дека новиот предлог ќе биде прифатлив за македонските владини претставници, но и за сите политичари од Македонија.
„Не можам да предвидам што ќе одлучат, но навистина се надевам дека во наредните недели оваа приказна ќе заврши (за прифаќањето на францускиот предлог) и ќе започне нова, приказна за постепеното пристапување на Албанија и РСМ во ЕУ“ – рекол Кауцки.
Тој изјавил и дека чешкото претседателство не ја разгледува можноста Албанија и Македонија да се разделат на патот кон ЕУ.
„Од почетокот на „приказната“, Албанија и Македонија се разгледуваат заедно. Наша задача и желба е да ги започнеме преговорите заедно со двете страни“ – додал амбасадорот.
Регион
Француската амбасадорка во Бугарија: Предлогот е ист со првичниот што беше изгласан во бугарскиот парламент

Предлогот на Франција доставен до Бугарија и Македонија за решавање на спорот е идентичен со првичниот што беше изгласан во бугарскиот парламент, изјави француската амбасадорка во Бугарија, Флоренс Робин, пренесе „Бгнес“.
„Предлогот не се разликува од првиот и целосно ги штити правата на малцинствата во заедницата, вклучително и Бугарите. Документот е идентичен со првиот, веќе изгласан во бугарскиот парламент, и не треба ново разгледување во нашата земја“, изјави Робин за „Евроњуз“ и нагласи дека „Париз не изврши притисок врз Бугарија за спорот“.
„Документот се одржува во духот на претходниот договор, кој бугарскиот парламент веќе го изгласа и нема потреба повторно да се разгледува. Ова е компромисен предлог. Не го ревидира, туку го рафинира претходниот документ. Воспоставивме рамка за добрососедство во односите меѓу двете земји и тоа ја потврдува посветеноста на Северна Македонија во заштитата на правата на малцинствата во заедницата“, рече Флоренс Робин.
Амбасадорката Робин се прашува зошто Скопје тврди дека таканаречената втора верзија на францускиот предлог е подобра од првата. Таа беше категорична дека токму ЕУ ќе биде гарант за исполнување на условите од страна на нашиот југозападен сосед.
„Како ЕУ ќе го гарантира ова? Преговорите не се почнати. Советот на ЕУ годишно го оценува напредокот на Северна Македонија. Програмата за напредок ќе ја оценува секоја земја членка. Ние ќе гарантираме“, додаде таа.