Свет
Кандидатот на Трамп за министер за надворешни работи: И Русија и Украина ќе мора да се откажат од нешто

Марко Рубио, кандидат за државен секретар во кабинетот на Доналд Трамп, ги претстави своите ставови за клучните надворешнополитички прашања за време на сослушувањето пред Комитетот за надворешни односи на Сенатот. Меѓу главните теми беа војната во Украина, односите на САД со Кина и улогата на САД во НАТО.
Рубио изјави дека војната во Украина е влезена во ќор-сокак и мора да заврши нагласувајќи дека Русија нема да успее да ја окупира цела Украина ниту, пак, Украина ќе може да ја врати целата своја територија под руска контрола. Тој нагласи дека за постигнување мировен договор ќе бидат потребни отстапки од сите страни, вклучувајќи ги Русија, Украина и САД.
Рубио ја поддржа визијата на новоизбраниот претседател Трамп, кој ги става американските национални интереси на прво место. Трамп постојано ветуваше дека ќе стави крај на војната во Украина во рок од 24 часа по преземањето на функцијата, а истовремено повикуваше на намалено американско учество во Украина и НАТО.
Претпазливоста во водењето на надворешната политика не значи напуштање на нашите вредности“, рече Рубио. „Ставањето на нашите основни национални интереси пред сè друго не е изолационизам, туку здраворазумска одлука“, рече тој.
Рубио упати остри критики за Кина обвинувајќи ја кинеската Комунистичка партија за злоупотреба на глобалниот поредок, крадење интелектуална сопственост и доминација на клучните глобални ресурси. Тој истакна дека Кина го претставува најголемиот ривал на Соединетите Американски Држави и предупреди на нивните амбиции да ги контролираат глобалните резерви на критични минерали.
Рубио ги повика европските земји да престанат да ја користат американската поддршка за НАТО како изговор за трошење за сопствените домашни потреби. Тој ја истакна потребата да се зајакне одговорноста на европските сојузници во одбраната.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Извори на АП: САД и Израел сакаат да ги преселат Палестинците од Газа во Африка

Соединетите Американски Држави и Израел контактирале со официјални лица од неколку источноафрикански земји со желба да ја искористат нивната територија за преселување на Палестинците од Газа, објави денеска Асошиејтед прес (АП), цитирајќи американски и израелски официјални лица.
Официјални лица во Судан, Сомалија и отцепениот регион Сомалиленд биле контактирани за предлогот, вели АП.
Суданските власти рекоа дека предлогот е отфрлен, додека оние од Сомалија и Сомалиленд рекоа дека не знаат за какви било контакти, додава агенцијата.
На почетокот на овој месец, арапските лидери усвоија египетски план за реконструкција за Газа, вреден 53 милијарди долари, со кој ќе се избегне раселување на Палестинците од енклавата, за разлика од визијата на американскиот претседател Доналд Трамп за „блискоисточна ривиера“.
Трамп предложи американско преземање на Газа за обнова на разурнатата енклава, откако претходно предложи Палестинците да бидат трајно раселени.
Планот на Трамп ги засили долгогодишните стравови на Палестинците дека трајно ќе бидат протерани од своите домови и наиде на широко меѓународно отфрлање.
Свет
Политико: ЕУ започна огромен проект за инвестирање во одбраната

ЕУ има за цел да започне огромен проект за градење на својата одбранбена индустрија со цел да ја одврати Русија и да ја поддржи Украина додека САД се повлекуваат од континентот, се вели во нацртот на таканаречената Бела книга за одбраната до која дојде Политико.
„Обновата на европската одбрана бара огромни инвестиции во долг период“, се наведува во нацртот.
Документот, подготвен од комесарот за одбрана на ЕУ, Андриус Кубилиус и шефот на дипломатијата на ЕУ, Каја Калас, треба да им биде претставен на водачите на ЕУ следната недела. Нацртот сепак може да се промени пред објавувањето.
Клучните елементи на новата политика на ЕУ вклучуваат давање приоритет на производството на оружје во блокот и на „компании со истомисленици од трети земји“, поттикнување заедничко купување оружје, олеснување на финансирањето на одбранбените проекти, фокусирање на клучните области каде што на блокот му недостигаат капацитети како што се воздушната одбрана и воената мобилност и намалување на бирократијата околу одбранбените инвестиции.
Свет
Најголемата американска банка ги предупредува клиентите: Никогаш не сме виделе пад како оној на „Тесла“

Најголемата американска банка, JPMorgan, предупреди на драматичен пад на вредноста на „Тесла“ под водство на Илон Маск, наведувајќи дека никогаш досега не видела толку голема и брза загуба во автомобилската индустрија.
Форбс пишува дека JPMorgan во новата белешка до клиентите истакна дека пазарната вредност на „Тесла“ паднала за 127 милијарди долари оваа недела за само еден ден, додека политичкиот ангажман на Маск станува сè поконтроверзен.
„Тешко ни е да се потсетиме на нешто слично во историјата на автомобилската индустрија, каде што бренд изгуби толку многу вредност за толку кратко време“, пишуваат аналитичарите на JPMorgan.
Предводен од автомобилскиот аналитичар Рајан Бринкман, извештајот на банката ја намали прогнозата за испорака на возила на „Тесла“ за првиот квартал од 444.000 на 355.000, што е пад од 20%. Ова ги одразува стотиците милијарди долари што Тесла ги загуби во последните месеци.
Главната причина за овој пад, според JPMorgan, е „акутното“ влијание на политичките активности на Маск додека тој презема „сè поподелена улога во владата“ – финансиски еуфемизам за оценката дека Маск ја уништува „Тесла“ со својот политички ангажман.
„Работата на Маск на DOGE предизвика контроверзии во земјата“, напиша Бринкман, според „Бизнис Инсајдер“, додавајќи дека „иако има еднаков број на оние од десната страна кои се задоволни и оние од левата страна кои се незадоволни, влијанието врз продажбата на „Тесла“ сепак е негативно“.
Бринкман, исто така, истакна дека „Тесла“ е „во најголем ризик“ поради „променливата регулаторна клима“ во администрацијата на Доналд Трамп, што е иронично ако се земе предвид дека Трамп, и покрај неговото непријателство кон електричните возила кога ги нарече „демократско лудило“ и „нова зелена измама“ за време на кампањата, оваа недела рече дека ќе купи нов „Тесла“ за поддршка на Маск.
Во Европа ситуацијата е уште полоша, пишува JPMorgan. Блиските односи на Маск со Владимир Путин, дистанцирањето од Украина, анти-НАТО ставовите и поддршката за „екстремно десничарските политички партии“ – сето тоа, според Бринкман, сериозно му наштетува на угледот на „Тесла“. Како резултат на тоа, регистрациите на нови возила на „Тесла“ во Европа во јануари паднаа за 50% во споредба со истиот период во 2024 година.