Свет
Католичките верници го слават Божик
Католиците во светот денеска го слават Божик, но оваа година без големи семејни собири поради пандемијата на коронавирусот. Празникот што го слави раѓањето на Исус, 25 декември, според грегоријанскиот календар, Божик е еден од најголеми христијански празници.
Милиони верници беа принудени да ги откажат или ограничат прославите на тој празник во време кога голем број земји воведуваат нови ограничувања. Во Витлеем, родното место на Исус Христос, мисата се одржа претходниот ден без верници и се пренесуваше преку интернет.
Папата Франциско исто така одржа миса вчера во задниот дел на базиликата „Свети Петар“, на која присуствуваа помалку од сто луѓе заедно со неколку кардинали и епископи. Во нормални околности мисата се одржува во главниот дел на базиликата кога има обично 10.000 луѓе.
Папата денеска ќе прочита и порака „Урби ет Орби“ од салата внатре во Ватикан наместо од балконот на плоштадот Свети Петар, кога обично се собираат десетици илјади луѓе.
Во Европа божикните прослави се откажани, а многубројни верски водачи ги повикаа верниците да останат дома со своите семејства за да ги заштитат другите и себеси од Ковид-19.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Фицо: Словачка нема да финансира програми на ЕУ за воена помош на Украина
Словачкиот премиер Роберт Фицо изјави дека земјата нема да учествува во ниту една програма на Европската унија чија цел е финансирање на воена помош за Украина.
Фицо потсети дека неговата влада веднаш по доаѓањето на власт во 2023 година ја прекинала државната воена помош, но дозволува комерцијална продажба на оружје. Тој повтори дека „решението не е на бојното поле“.
Словачкиот премиер ги критикуваше и санкциите против Русија, велејќи дека повеќе ѝ штетат на Европа отколку на Москва.
Фицо додаде дека санкциите може да имаат последици и за словачката рафинерија „Словнафт“, која е дел од унгарската група „МОЛ“, откако САД најавија мерки против руските нафтени компании „Росњефт“ и „Лукоил“.
Свет
Нетанјаху: Израел ќе одреди чии воени сили се прифатливи во Газа
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека Израел ќе одлучува кои странски сили ќе можат да бидат дел од планираните меѓународни трупи во Газа, кои треба да помогнат во спроведување на мировниот план на американскиот претседател Доналд Трамп.
„Кога станува збор за меѓународни сили, Израел ќе одреди кои се прифатливи, а кои не. Така постапувавме и така ќе продолжиме“, рече Нетанјаху, додавајќи дека тоа е усогласено и со САД.
Според планот, американски војници нема да учествуваат, а можно е силите да бидат составени од војници од Египет, Индонезија и земјите од Заливот.
Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека меѓународните сили ќе ги сочинуваат „земји со кои Израел се чувствува пријатно“, нагласувајќи дека учеството на Турција е малку веројатно поради влошените односи.
Нетанјаху порача и дека Израел останува независна држава која самостојно ја води својата безбедносна политика и дека „американската администрација не ја контролира“.
Свет
Специјалниот пратеник на Кремљ: Сведоци сме на титански обиди за поткопување на нашиот дијалог со САД
Русија денес ги осуди обидите за поткопување на нејзиниот конструктивен дијалог со САД, насочен кон наоѓање решение за украинскиот конфликт, неколку дена откако планираната средба меѓу Владимир Путин и Доналд Трамп беше одложена на неодредено време.
„Сведоци сме на титански обиди за поткопување на каков било дијалог меѓу Русија и САД“, рече Кирил Дмитриев, економскиот претставник на Кремљ во видео порака, кој пристигна во Вашингтон завчера. Таму учествува на состаноци и разговори со претставници на администрацијата на Трамп.
„Подготвени сме за конструктивен дијалог и јасна комуникација на руската позиција по неколку прашања“, нагласи Дмитриев.
„Русија сака мирно решение“, рече тој, додавајќи дека почитувањето на руските интереси и искоренувањето на коренските причини за украинската криза треба да послужат како основа за праведни решенија.
Мировните преговори меѓу Москва и Киев се во застој, и покрај посредничките напори на американскиот претседател Доналд Трамп, кој, по враќањето во Белата куќа во јануари, вети брз крај на конфликтот во Украина.
Пред пет дена, Трамп на неодредено време ја одложи претходно најавената средба со Владимир Путин во Будимпешта, велејќи дека не сака залуден состанок, а следниот ден САД воведоа нови санкции кон Москва.
Сепак, завчера, вчера и денес, Кирил Дмитриев се сретна со претставници на администрацијата на Трамп, како и, според неговите зборови, со претставници на американската заедница кои сакаат позитивен дијалог со Русија“, вклучувајќи ја и републиканската конгресменка Ана Паулина Луна од Флорида.
„Како силен глас за дијалог и мир, г-ѓа Луна ќе организира состанок на американски и руски пратеници за да се поттикне парламентарниот дијалог“, напиша Дмитриев на X по средбата со американската конгресменка.

