Свет
Кина им забрани на наставниците да ги тепаат и навредуваат учениците
Кина воведе забрана за казнување во училиштата што може да предизвика физичка и психолошка траума, бидејќи неколку ученици починаа во последните години по тешкото физичко казнување.
Новите правила на Министерството за образование забрануваат казни во училиштата што ги понижуваат учениците. Тие исто така ја засилуваат постојната забрана за физичко казнување.
Тепањето, казнувањето на ученици да стојат или да клечат неколку часа во училницата се дел од забранетите практики, како и навредите.
Сега учениците се охрабруваат да се извинат во писмена форма или да направат помали задачи во училницата за помали грешки, како на пример, ако заборават да напишат домашна работа.
За посериозни прекршоци како што е задевањето, ученикот може привремено да биде исклучен од часот и да биде испратен на разговор со психолог.
Телесните казни беа забранети во Кина уште во 1986 година, но тоа не се почитуваше и родителите честопати замижуваа на ваквите постапки.
Министерството не соопшти дека ќе ги казни наставниците кои нема да ги почитуваат новите упатства. Кинеските медиуми редовно известуваат за деца кои умираат од ќотек на училиште или се убиваат заради јавно понижување во училиштето.
10-годишна ученичка почина во провинцијата Сечуан, на југозападот од земјата, откако наставник по математика ја повлече за уво и ја удри по главата како резултат на грешка, објави државната агенција „Ксинхуа“.
Новиот закон за семејно воспитување, кој исто така забранува физичко казнување, треба да биде усвоен на годишната пленарна сесија на Националниот народен конгрес (Кинески парламент) што започнува в петок.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во Полска саботажа на железничка пруга клучна за Украина, идентификувани осомничени
Полска ќе ја зголеми нивната состојба на закана на одредени железнички линии и ќе ја штити клучната инфраструктура со војска, соопшти премиерот Доналд Туск откако биле оштетени шините на пруга што води кон Украина.
Туск информираше дека е побарано воведување трето ниво на закана поради терористички закани, а тоа ќе се однесува на одредени пруги, додека остатокот од земјата ќе остане на второ ниво.
Премиерот соопшти дека Полска идентификувала две лица одговорни за саботажата — двајца украински државјани кои соработувале со руските разузнавачки служби и побегнале во Белорусија.
Според портпаролот на специјалните служби, сите индикации упатуваат дека зад саботажата стојат руските разузнавачки служби.
Експлозијата на пругата Варшава–Лублин, која ја поврзува престолнината со град на украинската граница, следела по низа подметнати пожари, саботажи и кибернапади во Полска и други европски држави.
Владата утрото одржала вонредна седница на Советот за национална безбедност, на која присуствувале воени команданти, разузнавачки служби и претставник на претседателот.
Свет
(Видео) Трамп навредил новинарка поради прашање за списоците на Епштајн
Изразот „списoците на Епштајн“ со месеци ја следи администрацијата на Доналд Трамп, оптоварена со растечка криза околу делата на починатиот сексуален престапник Џефри Епштајн. Под притисок од сопствените републиканци кои бараат транспарентност, Трамп ги повика членовите на Парламентот да гласаат за објавување на документите, што се очекува да биде изгласано денес, пишува Би-Би-Си.
Неколку дена пред да го смени ставот околу објавувањето, Трамп ја нарекол новинарка „прасица“ кога прашала зошто неговото име се појавува во електронските пошти поврзани со Епштајн.
Епштајн во 2008 година беше осуден за подведување малолетничка по пријава на родители во Флорида. Избегна потешка казна поради спогодба и се регистрира како сексуален престапник. Во 2019 повторно беше обвинет за мрежа на малолетнички, но почина во затвор, со проценка дека станува збор за самоубиство.
Во истрагите беа собрани голем број документи: транскрипти со жртви и сведоци, материјали од претреси, како и предмети од имотите на Епштајн. Посебна истрага беше водена против неговата соработничка Гислејн Мексуел, осудена во 2021 година.
Минатата недела, Одборот за надзор на Конгресот објави илјадници документи, главно е-мејли.
Во февруари Министерството за правда и ФБИ објавија „прва фаза“ на декласифицирани документи, но голем дел веќе бил достапен (списоци на летови, редигирани контакти и сл.).
Во јули беше соопштено дека нема да има нови објави, но тоа сега може да се промени.
Документи покажуваат дека Трамп и Епштајн се познавале и биле дел од исти општествени кругови. Трамп бил наведен во адресарот на Епштајн, а имало и летови со неговиот авион. Постои фотографија од заеднички настани во 1990-тите. Трамп во 2002 го нарекол „одличен тип“, а Епштајн изјавил дека бил „најблизок пријател на Доналд 10 години“.
Трамп тврдел дека се разделиле на почетокот на 2000-тите, а Белата куќа навела дека бил „исфрлен од клубот затоа што бил морбиден“. „Вашингтон пост“ навел друга верзија: спор околу недвижнини на Флорида.
Поборниците на МАГА веќе долго веруваат дека се сокриваат клучни информации за животот и смртта на Епштајн. И јавноста бара одговори: зошто казната во Флорида била толку блага, дали Епштајн и Мексуел делувале сами, како било можно самоубиството во затвор.
Свет
Песков: „Варшава може да се соочи со сериозни последици“
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денес изјави дека полските власти „се заглавиле во проблеми“ поради сомневањата дека украински граѓани се вмешани во саботажа на железницата во Полска.
„На местото на Полјаците, Германците и Французите, јас би се замислил. Да се потсетиме на „Северен тек“: експлозијата, Украинците. Полска го апси осомничениот, Германија бара екстрадиција. Што прават Полјаците? Тие не екстрадираат. Ако продолжат да си играат со оган, ќе се соочат со многу сурови последици“, изјави Песков за каналот „Русија 1“.
Тој, исто така, го обвини полскиот премиер Доналд Туск дека претходно „заштитувал и оправдувал“ украински државјанин за кој се сомневаше дека е вмешан во експлозиите на гасоводите „Северен тек“.
„Истиот овој Туск велеше дека ако целите се доволно благородни, тогаш може да се справи и со тероризмот“, рече Песков.
Зборувајќи за критиките од Полска, Песков рече дека не би било изненадување ако Русија веднаш биде обвинета за инцидентот, бидејќи, како што изјави, Москва е обвинета за „сите форми на хибридна и отворена војна“.
„Во Полска, сите се обидуваат да трчаат пред европската локомотива. Русофобијата е широко распространета таму“, рече Песков.
Порано денес, полскиот премиер Доналд Туск изјави дека земјата идентификувала двајца Украинци одговорни за саботажата на железничката пруга, за кои рече дека соработувале со руската разузнавачка служба и избегале во Белорусија.
Доказите сугерираат дека руската разузнавачка служба наредила уништување на дел од железницата што води кон Украина, соопшти владата.
„Сè укажува на фактот дека инцидентот на железницата за време на викендот бил инициран од руските тајни служби“, изјави портпаролот на министерот за тајни служби, Јацек Добржински, објави „Јуроњуз“.
Инцидентот, кој Туск го нарече „невиден чин на саботажа“, вклучуваше експлозија на дел од железничката пруга помеѓу Варшава и границата со Украина, додека друг сегмент подалеку на југ беше исто така оштетен, а оваа железница се користи за транспорт на помош за Украина, пренесуваат медиумите.
Во неделата наутро, машиновозачот пријавил неправилности на железничката инфраструктура во полскиот регион Жичина по телефон, а според полицијата во тој округ, прелиминарниот преглед на пругата открил оштетување на еден дел, кое било предизвикано од експлозија.
Фото: принтскрин

