Европа
Кремљ: Не нè интересираат американските предупредувања

Русија и Северна Кореја не се заинтересирани за изјавите на САД, изјави денеска за руските агенции портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, коментирајќи ги предупредувањата на Вашингтон за продажба на севернокорејско оружје на Русија.
„Како што знаете, во односите со нашите соседи, вклучително и со Северна Кореја, важни ни се интересите на нашите две земји, а не предупредувањата од Вашингтон“, рече Песков, а пренесуваат руските агенции.
„Ќе се фокусираме на интересите на нашите две земји“, додаде тој.
Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун пристигна во Русија, каде што ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин. Како што јави севернокорејската државна агенција КЦНА, тој во неделата го напушти Пјонгјанг придружуван од највисоките претставници на воената индустрија, дипломати и воени команданти.
Американските власти, кои разговараа за можноста за таква посета, рекоа дека преговорите за оружје меѓу Русија и Северна Кореја активно напредуваат и дека Ким и Путин, најверојатно, ќе разговараат за продажба на оружје на Русија за војната во Украина.
По завршувањето на Источниот економски форум во Владивосток треба да се одржи средба меѓу Путин и Ким Џонг Ун, но не е потврдено каде и дали Ким ќе присуствува на форумот.
Како што пренесуваат руските агенции, Песков најавил дека Путин и Ким ќе разговараат за билатералните односи и за ситуацијата во регионот и светот, како и дека Русија, доколку е потребно, е подготвена да разговара за санкциите воведени кон Северна Кореја „со севернокорејските другари“.
Рускиот министер за надворешни работи, Андреј Руденко, како што јави агенцијата „Интерфакс“, изјавил дека Москва ќе ѝ достави на Јужна Кореја детали за посетата на севернокорејскиот лидер на Русија доколку Сеул побара такви информации.
„Во Москва има амбасада на Јужна Кореја, ако сакаат, можеме да им ги дадеме достапните информации“, рече Руденко.
Тој додаде дека Москва ќе ги продолжи контактите со Јужна Кореја бидејќи таа земја е трговски партнер на Русија и дека е во нивен „заеднички интерес да се стабилизира ситуацијата во североисточна Азија и на Корејскиот Полуостров“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Шефицата на француската дипломатија ѝ порача на Кина: На светот не му треба нова криза

Шефицата на француската дипломатија, Катрин Колона, денеска ја повика Кина да ги намали тензиите во Јужното Kинеско mоре и додаде дека „на светот не му треба нова криза“.
Пекинг ги засили воените вежби во стратешки важнaта Тајванска Теснина, а кинеската крајбрежна стража беше обвинета за малтретирање филипински рибарски чамци во спорните води.
Австралија исто така минатиот месец го критикува Пекинг за „небезбедно и непрофесионално“ однесување на море велејќи дека еден од нејзините поморски нуркачи бил повреден од сонарни импулси од блискиот кинески воен брод.
„Секако дека сме загрижени за она што се случи со австралиската морнарица пред неколку дена, како и за она што се случи со Филипините пред неколку недели“, изјави Колона за новинарите во Канбера.
Според неа, низ Тајванската Теснина мора да владее смиреност и стабилност, а на светот секако не му треба нова криза.
Француската министерка ја повика Кина да ги намали тензиите во Азиско-пацифичкиот Регион.
Кина треба да биде слободна да го продолжи својот „економски подем“, но мора да ги исполни и меѓународните очекувања, како што е почитувањето на човековите права, рече Колона, додавајќи дека нејзината земја ќе продолжи со конструктивната соработка со Кина бидејќи „има охрабрувачки знаци“.
Во ноември Колона беше во официјална посета на Кина.
Европа
Аеродромот во Амстердам откажа над сто летови поради снегот

Над сто летови од аеродромот Шипхол во Амстердам денеска се откажани поради снегот, пишува Ројтерс.
Околу пладне, веб-страницата на аеродромот во Амстердам покажа дека се откажани речиси 150 влезни и појдовни летови. Станува збор за европски летови.
Холандската авиокомпанија KLM, главниот корисник на аеродромот, изјави за холандската новинска агенција АНП дека откажала 65 европски летови во попладневните и вечерните часови.
Европа
(Видео) Напаѓач уби турист кај Ајфеловата кула и нападна уште двајца, извикал „Алах акбар“

Маж е убиен, а двајца повредени во напад со нож и чекан на улица во центарот на Париз.
Францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманин изјави дека напаѓачот ги нападнал туристите околу Кеј де Гренел, недалеку од Ајфеловата кула. Уапсениот 26-годишен француски државјанин од претходно им бил познат на безбедносните служби.
Осомничениот се приближил до туристичката двојка и го избол германскиот државјанин до смрт, рече тој. Потоа нападнал уште две лица со чекан пред да биде запрен со пиштол за шокирање и уапсен. На повредените им била укажана брза помош.
French police arrest Islamic terrorist in Paris who killed one person and injured two shouting “Allah Akbar”. pic.twitter.com/B5xR1CbsNd
— RadioGenoa (@RadioGenoa) December 3, 2023
Дарманин рече дека напаѓачот извикал „Алаху Акбар“, што значи „Господ е голем“ на арапски, а подоцна на полицијата и рекол дека е вознемирен бидејќи „толку многу муслимани умираат во Авганистан и Палестина“.
Тој рече дека осомничениот бил осуден на четири години затвор во 2016 година за планирање посебен напад и бил баран од француските безбедносни служби. Познато е и дека мажот боледувал од психијатриски нарушувања, изјави Дарманин.
Terrorist attack in Paris with hammer and knife shouting “Allah Akbar”. One dead and two injured. pic.twitter.com/puhYBn5Kwj
— RadioGenoa (@RadioGenoa) December 2, 2023
Обвинителството за борба против тероризмот соопшти дека ја презело истрагата. Пишувајќи на X, поранешен Твитер, францускиот претседател Емануел Макрон изрази сочувство до сите погодени од „терористичкиот напад“ и им се заблагодари на службите за итни случаи за нивниот одговор. „Националното обвинителство за антитероризам ќе биде одговорно за расветлување на овој случај за да може правдата да биде задоволена во име на францускиот народ“, рече тој.