Свет
Либиската национална армија го затвори аеродромот во Триполи

Либиската национална армија (ЛНА), предводена од генералот Калифа Хафтар, објави дека меѓународниот аеродром „Митига“ во либиската престолнина Триполи е затворен за воени и цивилни авиони и се закани дека секој авион што ќе се обиде да го искористи ќе биде соборен, пренесува агенцијата „Тасс“.
Портпаролот на ЛНА, генерал Ахмед ал-Мисмари, рече дека армијата го спроведува својот план за воведување зона на забрана за прелети од градот Гаријан во северозападниот дел на земјата до брегот на Триполи вклучувајќи ги и аеродромите и блиската воздушна база.
„Како знак на почитување на напорите на меѓународната заедница, нашите руски пријатели, арапските браќа, кои напорно се обидоа да постигнат прекин на огнот, се согласивме да ги набљудуваме без да поставуваме какви било барања за возврат, освен за зачувување на нашето право да одговориме на секоја закана или повреда на прекинот на огнот од страна на терористичките групи и криминална милиција“, рече тој.
„Сепак, аеродромот ‘Митига’ се претвори во главна точка за испорака на терористи, оружје и опрема, стана база на турските трупи. Во овој поглед најавуваме дека се воведува зона на забрана за прелети. Затоа, аеродромот и воздухопловната база отсега се сметаат за затворена воена зона, а нивната употреба од воената или цивилната авијацијата е строго забранета“, додаде генералот.
„Секој цивилен или воен авион што ќе влезе во неа, без оглед кои се неговите сопственици, ќе се смета за прекршувач на прекинот на огнот и веднаш ќе биде уништен. Ова е наше последно предупредување“.
Во средата медиумите објавија дека аеродромот се нашол под ракетен оган за што Владата на национален договор (ГНА) со седиште во Триполи ги обвини силите на Хафтар. Генералот Ал-Мисмари остро ги отфрли овие обвиненија. Аеродромот на својата страница на „Фејсбук“ соопшти дека ги прекинува сите операции до следното известување.
„Сите летови се пренасочуваат кон аеродромот ‘Мисрата’ (околу 200 км источно од Триполи) почнувајќи од четврток, 23 јануари“, соопшти управата на аеродромот, без да ги објасни причините за овој потег.
Северноафриканската држава е поделена од ривалските администрации, секоја со поддршка од разни држави.
Силите на Хафтар, кои од април се во опсада на Триполи, се поддржани од Египет, Русија и од Обединетите Арапски Емирати, а владата со седиште во главниот град се сврте кон Турција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Претседателот на Јужна Кореја: Трговскиот договор со САД е неизвесен пред рокот на Трамп

Јужнокорејскиот претседател Ли Џе-мјунг изјави дека не е сигурно дали Сеул и Вашингтон ќе можат да постигнат договор за царините до 8 јули, кога истекува рокот поставен од американскиот претседател Доналд Трамп.
На прес-конференцијата, Ли нагласи дека преговорите се во тек и дека двете страни сè уште ги разјаснуваат своите позиции и ги идентификуваат областите на договор, објави АП.
„Преговорите за царините не беа лесни, но ние се трудиме да постигнеме заемно корисно решение. Во моментов е тешко да се каже со сигурност дали ќе можеме да постигнеме договор до 8 јули, но сè уште работиме на тоа“, рече Ли.
90-дневната пауза на Трамп во примената на реципрочните царини истекува на 9 јули, што може да доведе до воведување нови даноци за јужнокорејските производи, вклучувајќи автомобили и полупроводници, кои ја формираат основата на извозот на Јужна Кореја, истакнува агенцијата.
Ли повика на трпение, нагласувајќи дека брзањето со постигнување договор нема да биде во интерес на земјата.
Министерот за трговија на Јужна Кореја, Џео Хан Ку, планира посета на Вашингтон за понатамошни преговори со американските трговски претставници.
Зборувајќи за Северна Кореја, Ли потврди дека ќе работи на обновување на преговорите со Пјонгјанг, и покрај длабоката недоверба меѓу Северот и Југот.
Тој истакна дека Јужна Кореја ќе се стреми кон прагматичен пристап во подобрувањето на односите со Северна Кореја, а во исто време ќе одржува силен сојуз со САД.
„Иако е предизвикувачки, мислам дека треба да се движиме кон подобра координација со Северна Кореја“, рече Ли.
Владата на Јужна Кореја веќе презеде чекори за намалување на тензиите со Северна Кореја, вклучително и суспендирање на пропагандните емитувања и забрана за пуштање пропагандни балони.
Ли, исто така, рече дека ги поддржува напорите на Трамп да продолжи дијалогот со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, пренесува Танјуг.
Регион
Полицијата приведе 79 демонстранти во Србија, вклучувајќи и универзитетски професор

Речиси 80 демонстранти беа приведени, вклучувајќи еден универзитетски професор, а неколку лица беа повредени вчера вечер кога полицијата интервенираше, разбивајќи ги блокадите поставени во акции на сè помасовна граѓанска непослушност, на која повикаа студентите, по антивладиниот митинг на 28 јуни.
Студентите ја обвинија полицијата за брутален напад врз мирни демонстранти кои седеа на раскрсница пред Правниот факултет и за кршење на автономијата на универзитетот со обид за упад во факултетот, тврдење кое Министерството за внатрешни работи категорично го негираше. Полицијата само во таа операција привела 23 лица.
Според објавите на социјалните мрежи, приведена е и универзитетската професорка и активистка за човекови права Билјана Стојковиќ.
Во ново соопштение во четврток наутро, Министерството за внатрешни работи објави дека синоќа ги проверило идентитетите на вкупно 1.297 лица на терен, а 79 од нив се приведени – 72 за помали прекршоци и седум за кривични дела.
Сите блокади на територијата на Србија и Белград се отстранети и сите патишта се проодни, додаде Министерството за внатрешни работи.
За денес се најавени акции на граѓанска непослушност во неколку градови.
Свет
(Видео) Додека Европа гори, студен бран на јужната хемисфера ги спушти температурите на рекордно ниско ниво

Невообичаено силен студен бран на јужната хемисфера ја погоди Аргентина, спуштајќи ги температурите на рекордно ниски нивоа и убивајќи најмалку девет лица во последните 10 дена, додека бројот на бездомници драматично се зголеми, според податоците од невладина организација специјализирана за ова прашање.
Студениот бран стана уште посилен на почетокот на неделата, а живата во термометрите покажа дури -19 степени во зори во средата во главниот град Буенос Аирес. Ова е најниската измерена температура во последните 34 години, според Аргентинската метеоролошка служба, пренесуваат медиумите во регионот.
🇦🇷|❄️ Nevada histórica cubre una ciudad costera en Argentina
Una intensa ola polar provocó una nevada sin precedentes en Miramar, cubriendo playas, calles y techos con un manto blanco que no se veía desde hace más de 30 años.
La ciudad balnearia pic.twitter.com/OQOJTxP5ay
— Carlos alberto Pedeaña villeras (@PedeanaCarlos) July 1, 2025
Што се однесува до поширокото подрачје на главниот град, во Ел Паломар беа измерени -7,4 степени Целзиусови, што е најниската температура во последните 58 години и втората најниска од 1935 година.
#Viral 🌡️❄️ Mientras el hemisferio norte del planeta arde con más de 40 °C, en el sur el frío hace historia: 🧊 🇦🇷 En Miramar, #Argentina, nevó en la playa por primera vez en 34 años 🏖️🌨️ 🇨🇱 En #Chile, el termómetro bajó hasta -19 °C 🌎🥶 Video: Jean Suriel pic.twitter.com/DQ7NDgVQxs
— Noticias En La Mira (@OficialEnLaMira) July 2, 2025
Атлантските плажи, како што е Мирамар, кој се наоѓа на 450 километри од Буенос Аирес, беа покриени со снег на почетокот на неделата, што не се случило веќе 12 години.
Во градот Масинчао, мала заедница од 3.000 жители во Патагонија, 1.400 километри јужно од главниот град, термометрите се движат помеѓу -12 степени и -18 степени Целзиусови од понеделник. Сепак, далеку од рекордот од -35° Целзиусови, кој датира од 1991 година.
Невладината организација специјализирана за помош на бездомниците, Проекто 7, објави дека девет лица починале од изложеност на студ низ целата земја во последните 10 дена, од почетокот на зимата на јужната хемисфера. Сепак, властите сè уште не ги потврдиле овие податоци, ниту го презентирале официјалниот број на жртви.
Невладината организација се осврна на случаите за кои пишуваше локалниот печат во провинциите во последните недели. Жена беше пронајдена почината на паркинг во Мар дел Плата (југ), маж беше пронајден мртов на клупа во Парана (север).
Медиумите потсетуваат дека додека во Аргентина умираат од студ, Европа гори од високи температури. Веќе неколку дена, Франција, Италија, Шпанија, Португалија, Грција, Германија и Турција се борат со бран на екстремна топлина.