Свет
Лидерот на Хамас: Ќе се издигнеме како феникс од пепелта и покрај загубите
Водачот на Хамас во егзил, Калед Мешал, денеска изјави дека групата ќе се издигне како феникс од пепелта и покрај големите загуби што ги претрпе за време на едногодишната војна со Израел и дека продолжува да регрутира борци и да произведува оружје.
Мешал рече дека конфликтот со Израел трае веќе 76 години, кој датира од она што Палестинците го нарекуваат „накба“ или „катастрофа“, кога многу Палестинци беа раселени за време на војната во 1948 година, што доведе до создавање на Израел.
„Историјата на Палестина е составена од циклуси. Поминуваме низ фази кога губиме маченици (жртви) и дел од нашите воени способности, но потоа палестинскиот дух повторно се крева, како феникс“, изјави Мешал за „Ројтерс“.
Мешал, кој преживеа обид за атентат во 1997 година кога му беше вшприцан отров и беше генерален лидер на Хамас од 1996 до 2017 година, рече дека Хамас сè уште може да се бори против израелските војници.
„Изгубивме дел од нашите муниција и оружје, но Хамас продолжува да регрутира млади луѓе и продолжува да произведува значителен дел од своето оружје и муниција“, рече Мешал, без да даде детали.
Мешал е еден од шесте лидери на Хамас, кои беа обвинети за тероризам од американското Министерство за правда за нападот врз Израел на 7 октомври минатата година, пренесува „Танјуг“.
Тој рече дека не гледа шанса за мир сè додека на власт во Израел е владата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
„Сè додека има израелска окупација, регионот е темпирана бомба“, рече Мешал.
Кабинетот на Нетанјаху одби да ги коментира изјавите на Мешал.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Земјите-членки на Одборот за мир ќе обезбедат повеќе од пет милијарди долари за Појасот Газа
Претседателот на САД, Доналд Трамп најави дека земјите-членки на новоформираниот Одбор за мир на првиот состанок в четврток же издвојат повеќе од пет милијарди долари помош за обнова на Појасот Газа.
Трамп на својата социјална мрежа „Трут соушл“ објави дека земјите-членки ветиле дека ќе испратат илјадници сили за стабилизација, одобрени од Обединетите нации и локалната полиција во палестинската енклава.
Тој наведе и дека првиот „формален состанок на групата“, ќе се одржи во Институтот за мир „Доналд Џ. Трамп“, кој Стејт департментот неодамна го преименува по претседателот.
Се очекува да присуствуваат делегации од повеќе од 20 земји, како и шефови на држави.
Свет
Во израелски напади врз Појасот Газа загинаа најмалку 11 луѓе
Во израелски напади врз Појасот Газа загинаа најмалку 11 луѓе. Израел тврди дека нападот е одговор на кршењето на примирјето од страна на Хамас.
Според палестински медицински извори, во израелскиот воздушен напад врз шаторски камп, каде се сместени раселени семејства загинале најмалку четири лица. Во друг напад врз Кан Јунис загинаа пет луѓе, а при напад во северниот дел на енклавата убиен е уште еден човек.
Портпаролот на Хамас, Хазем Касем изјави дека Израел извршил уште еден „масакр“ врз раселените Палестинци, нарекувајќи го инцидентот сериозно прекршување на прекинот на огнот неколку дена пред првиот состанок на Советот за мир на американскиот претседател Доналд Трамп.
Израелски воен претставник наведе дека нападите биле „прецизни“ и во согласност со меѓународното право, додавајќи оти Хамас постојано го крши договорот за прекин на огнот, постигнат во октомври минатата година. Според него, вооружени лица вчера излегле од тунел на израелска страна во областа Беит Ханун.
Касем ги повика учесниците на првиот состанок на новиот меѓународен Совет за мир во Појасот Газа да извршат притисок врз Израел да престане да го крши прекинот на огнот и да го спроведе договорот без одложување.
Свет
Поплави и свлечишта во јужна Италија
Јужниот дел на Италија е погодена од уште еден средоземен циклон што предизвика поплави и лизгање на земјиштето.
Поради бурата Оријана во Калабрија, Сицилија и Сардинија наредена е евакуација на населението.
Италијанската противпожарна служба соопшти дека за 72 часа добиле 2.000 повици за помош.
Оријана ја погоди Италија откако го погоди Иберискиот Полуостров. Тоа е втора бура што ја погоди јужна Италија по циклонот Хари кон крајот на јануари.

