Свет
Макрон го осуди израелскиот напад врз Бејрут

Претседателот на Франција, Емануел Макрон го осуди денешниот израелски напад врз Бејрут и го повика Израел да се повлече од петте позиции во Либан.
Денешните напади и непочитување на примирјето се еднострани акции со кои не се исполнува даденото ветување и се во корист на Хезболах, изјави Макрон на заедничката прес-конференција во Париз со либанскиот претседател Џозеф Аун.
Тој најави дека во текот на денот ќе разговара со американскиот претседател Доналд Трамп и со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за ситуацијата во Либан.
Макрон потенцира дека Франција и понатаму ќе биде на страната на Либан, за да му помогне да го зачува својот суверенитет и да му гарантира безбедност.
Тоа сакаме да работиме со вас на југот. Тоа сакаме и да го работиме и на границата со Сирија, каде ситуацијата, исто така е крајно деликатна, наведе Макрон.
Израел утрово го изврши првиот напад врз Бејрут од стапувањето во сила на прекинот на огнот на 27 ноември 2024 година, во последната војна помеѓу Израел и либанското движење Хезболах. Оттогаш, и покрај примирјето, Израел речиси секојдневно извршува воздушни напади врз јужен Либан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Мерц: Планираме да купиме американски системи „Патриот“ за Украина

Германија планира да купи американски противвоздушни ракетни системи „Патриот“ за Украина, изјави денес германскиот канцелар Фридрих Мерц.
„Разговарав за тоа со претседателот Трамп минатиот четврток и го замолив да ги испорача овие системи“, рече Мерц на конференцијата за реконструкција на Украина во Рим.
„Министрите за одбрана на двете земји разговараат за можен договор, но конечна одлука сè уште не е донесена“, рече Мерц.
Тој истакна дека на САД им се потребни дел од достапните системи „Патриот“ за сопствена одбрана и не прецизираше колку системи Берлин има намера да купи. ДПА дознава дека се дискутира за два ракетни системи.
Трамп оваа недела изјави дека одобрил испорака на оружје за Украина бидејќи е незадоволен од одбивањето на рускиот претседател Владимир Путин смислено да учествува во мировните преговори. Подоцна тој рече дека желбата на Украина да добие нови „Патриоти“ ќе биде разгледана.
Регион
Хрватска го враќа задолжителниот воен рок

Хрватската влада денеска до тамошниот законодавен дом го испрати предлогот за измени на Законот за одбрана и Законот за служба во вооружените сили, со кои, меѓу другото, повторно се воведува задолжително основно воено оспособување.
Во образложението, премиерот Андреј Пленковиќ посочи дека Владата смета дека овие документи се неопходни, имајќи ги предвид значително променетите глобални безбедносни околности.
Тој потсети дека Хрватска од 2008 година има суспендирана одлука за задолжителна воена служба и дека со овие измени ќе се создадат предуслови младите генерации да стекнат потребни вештини, што ќе ја зајакне силата на Хрватската војска.
Фото: ЕПА
Свет
ЕУ објави 2,3 милијарди евра помош за обнова на Украина

Европската комисија денес објави 2,3 милијарди евра поддршка за Украина за да ѝ помогне да се обнови од штетите предизвикани од руската инвазија. Средствата вклучуваат 1,8 милијарда евра гаранции за кредити и 580 милиони евра грантови од меѓународни и билатерални јавни финансиски институции, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на конференција во Рим за плановите за обнова на Украина.
Вкупниот износ од 2,3 милијарди евра е дел од инвестициската рамка за Украина. Фон дер Лајен рече дека се очекува рамката да мобилизира до 10 милијарди евра инвестиции во Украина.
Шефицата на ЕК исто така најави формирање нов фонд за обнова на Украина, поддржан од Европската инвестициска банка, Франција, Германија, Италија и од Полска. Со почетен капитал од 220 милиони евра фондот има цел да мобилизира 500 милиони евра до 2026 година, соопшти Комисијата.