Свет
Макрон: ЕУ ќе мора да прибегне кон заедничко задолжување за да ги исплати претходниот долг и трошоците за одбраната
Францускиот претседател Емануел Макрон синоќа изјави дека е убеден оти ЕУ ќе мора да се врати на заедничко задолжување за да го исплати претходниот долг и за повеќето трошоци за одбраната.
„Убеден сум дека ни треба паневропски заеднички заем за да почнеме да го враќаме долгот подигнат за закрепнување од пандемијата и да можеме да ги финансираме нашите потреби во областа на вештачката интелигенција, одбраната, климата“, рече Макрон по завршувањето на самитот на ЕУ во Брисел.
Лидерите на ЕУ ја одржаа својата прва дебата за следниот седумгодишен буџет за периодот 2028 – 2034 година на нивниот самит, која заврши во четвртокот вечерта.
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ на прашањето колку се реални изгледите за ново задолжување на ЕУ за потребите на одбранбеното зајакнување, рече дека тоа не е исклучено.
Макрон призна дека во моментот нема консензус на ЕУ за ова.
Германија, Холандија и северните членки на ЕУ традиционално се спротивставуваат на заедничкото задолжување. Но, и Германија се предомисли и се согласи на голем долг од 800 милијарди евра за да ја спаси економијата од последиците на пандемијата на Ковид-19.
Макрон рече дека засега е рано да се каже каков став ќе има идниот германски канцелар Фридрих Мерц за ова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Се бараат оставки поради трагедијата во Домот за пензионери
Голем број граѓани на Тузла денеска излегоа на улиците на градот и одржаа протест, изразувајќи го своето незадоволство поради трагедиите и скандалите што го погодија Тузланскиот кантон.
Пожарот што избувна во вторникот во Домот за пензионери во Тузла однесе 13 животи, а 12 пациенти сè уште се наоѓаат во болница. Како што беше утврдено, жртвите починале од труење со јаглерод моноксид.
Една седмица претходно, Тузланскиот кантон го потресе случајот со подведување малолетнички, за што се осомничени полициски службеник и еден професор. Нивното подведување траело неколку месеци во текот на минатата и оваа година.
Присутните граѓани од Тузла, но и оние кои допатуваа од други градови на Босна и Херцеговина, денеска побараа оставки од надлежните.
Свет
Три девојки планирале терористички напад во Париз
Девојки на возраст од 18, 19 и 21 година, беа уапсени и обвинети за терористичка завера и планирање напад во Париз, соопштија денеска истражните органи.
Како што е наведено, тие неколку недели планирале насилен терористички напад врз кафуле или концертна сала во Париз, јави РТЛ.
Апсењето и обвинението против трите жени е резултат на истрагата на Националното обвинителство за борба против тероризмот, која беше успешно завршена пред 10-годишнината од смртоносниот терористички напад на 13 ноември 2015 година во Париз.
Свет
Се запали магацин за парфеми во Турција, загинаа шест лица
Најмалку шест лица загинаа, а две се повредени во пожар што утрово избувна во магацин за парфеми во градот Диловаси, во северозападниот дел на Турција.
Според снимките што ги емитуваше турскиот канал НТВ, изгореле два ката од зградата во која се наоѓале магацинот и работилницата за производство на парфеми.
Засега нема информации за тоа што го предизвикало пожарот.

