Свет
Министерство за одбрана на Русија: Сите бојни глави на ракетата „Орешник“ стигнаа до целта

Руското Министерство за одбрана соопшти дека сите бојни глави на балистичката ракета со среден дострел „Орешник“ стигнале до украинскиот воено-индустриски комплекс во Днепро (поранешен Днепропетровск).
„На 21 ноември 2024 година, како одговор на употребата на американско и британско оружје со долг дострел против објекти на територијата на Руската Федерација, вооружените сили извршија комбиниран напад врз еден од објектите на воено-индустрискиот комплекс. Нападот беше успешно искористен со ненуклеарна хиперсонична опрема“, се наведува во соопштението.
Рускиот претседател Владимир Путин во четвртокот вечерта објави дека Украина употребила западно оружје со долг дострел против руската држава поради што регионалниот конфликт доби елементи на глобален.
Тој исто така рече дека еден од најновите руски ракетни системи со среден дострел, балистичката ракета „Орешник“, бил тестиран во борбени услови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Зеленски: Подготвени сме на се’ утре во Турција

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето вечерашно обраќање рече дека Украина е подготвена за секаков формат на мировни преговори и дека не се плаши од средби или разговори.
„Подготвени сме за секаков формат на преговори и не се плашиме од средби. Утре – во Турција“, рече Зеленски.
Тој додаде дека се уште чека потврда за тоа кој ќе дојде од Русија на преговорите, по што ќе одлучи за следните чекори на Украина: „Чекам кој ќе пристигне од Русија. Потоа ќе одлучам што понатаму“.
Свет
Макрон: Ако Русија не се согласи на прекин на огнот, ќе следат нови санкции

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека е подготвен да го поддржи воведувањето нови санкции против Русија во наредните денови доколку Москва не се согласи на прекин на огнот. Тој ги спомена финансискиот сектор и индустријата за нафта и гас како можни цели на санкции.
„Нашата намера е да воведеме нови санкции против Русија во наредните денови“, рече Макрон во вечерното интервју за телевизијата TF1.
Коментарите на Макрон уследија по слични пораки од Лондон, Берлин и Варшава – сите три земји најавија нови мерки во сабота доколку Русија не се согласи на 30-дневен безусловен прекин на огнот, кој требаше да стапи на сила на почетокот на оваа недела.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц, исто така, вчера предупреди дека европските сојузници ќе воведат „значително заострување на санкциите“ доколку Владимир Путин го отфрли примирјето, наведувајќи ги енергетските и финансиските пазари како клучни сектори. Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро во понеделникот изјави дека Европската комисија е задолжена да подготви предлози за нови санкции токму во тие области.
Свет
Трамп за преговорите во Истанбул: Ги оставам сите опции отворени до последен момент

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ги остава отворени сите опции до последен момент кога станува збор за тоа дали ќе отпатува на евентуалната средба утре меѓу рускиот и украинскиот претседател Владимир Путин и Володимир Зеленски во Истанбул.
Трамп денеска, на маргините на своето патување во Заливот, рече дека Путин би сакал тој да биде таму и дека тоа е можно.
„Не знам дали ќе се појави“, рече американскиот претседател за Путин.
„Знам дека би сакал да бидам таму. И тоа е можност… Размислив за тоа. Сите сме резервирани, го разбирате тоа“.
Тој рече дека државниот секретар Марко Рубио дефинитивно ќе биде во Турција, а Белата куќа соопшти дека ќе му се придружат специјалните пратеници Стив Виткоф и Кит Келог.
Преговорите за можен крај на војната во Украина се закажани за утре во Турција. Но шпекулациите за тоа кој ќе седне на маса траат со денови. Кремљ се уште не објави кој ќе ја претставува Русија во Истанбул. Путин лично ја предложи средбата, но не кажа дали ќе присуствува на неа.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков претходно потврди дека руската делегација утре дефинитивно ќе престојува во Турција.
„Составот на делегацијата ќе го соопштиме кога ќе добиеме соодветни инструкции од претседателот. Досега немало такви инструкции“, рече Песков на прес-конференцијата.
Потпретседателот на руската Дума најави дека вечерва ќе биде соопштен составот на делегацијата на Москва за утрешните мировни преговори со Украина во Истанбул.
Зеленски, пак, рече дека сака да го види Путин во Турција, бидејќи тој е единствениот кој одлучува за војна и мир во Русија.