Свет
Напаѓачот од Виена има потекло од Северна Македонија, потврдија властите

Австрискиот министер за внатрешни работи, Карл Нехамер, потврди дека напаѓачот кој го изврши терористичкиот напад во центарот на Виена има потекло од Северна Македонија.
Нехамер рече дека напаѓачот, убиен од полицијата, имал 20 години, дека има македонско потекло и дека е осуден за терористичко здружување.
Тој за агенцијата АПА изјави дека терористот има австриско и македонско државјанство.
Претходно, главниот уредник на виенското списание „Фалтер“, Флоријан Кленк, напиша дека станува збор за млад Австриец со албанско потекло од Северна Македонија.
„Неговото име е Куртин С., тој е роден во 2000 година во Виена, каде што пораснал. Има албанско потекло, а неговите родители се од Северна Македонија и немаат никаква поврзаност со исламизмот“, напиша на Твитер овој истражувачки новинар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Хрватот кој беше уапсен поради летање дрон близу аеродромот во Франкфурт се соочува со казна до 50.000 евра

Германската полиција презеде мерки против 41-годишен хрватски државјанин поради управување со дрон во зона забранета за летови во близина на аеродромот во Франкфурт.
Портпаролот на полицијата во Франкфурт изјави за ДПА дека нема докази дека уапсениот маж е поврзан со Русија.
Човекот им рекол на полицајците дека „само сакал да го испроба својот нов дрон“.
Хрватскиот државјанин се гони за прекршок и се соочува со парична казна. Во Германија, летовите со беспилотни летала над чувствителни области како што се аеродроми, затвори или воени бази се строго забранети. Казните за нелегални летови се до 50.000 евра.
Уште посериозно, ако се утврди дека летот претставувал опасна интервенција во воздушниот сообраќај, сторителот се соочува со затворска казна од шест месеци до десет години.
Свет
Трамп: Хамас ќе се соочи со тотално уништување ако не се согласи со планот за прекин на огнот

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека палестинската милитантна група Хамас ќе се соочи со „тотално уништување“ ако одбие да ја предаде власта и контролата врз Газа.
„Тотално уништување!“ , рече Трамп за Си-Ен-Ен, кога го прашаа што ќе се случи со планот за прекин на огнот од 20 точки на Белата куќа ако Хамас инсистира да остане на власт.
На прашањето дали израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го поддржува прекинувањето на бомбардирањето на Газа и пошироката визија за САД, Трамп за Си-Ен-Ен изјави: „Да, Биби е за“.
Американскиот лидер додаде дека наскоро ќе се знае дали Хамас е навистина посветен на мирот.
– Ќе дознаеме. Само времето ќе покаже – одговори Трамп.
Овде прочитајте што содржи планот на Трамп за прекин на војната во Газа составен од 20 точки.
Свет
За 24 часа Израел изврши 93 напади врз Појасот Газа, најмалку 70 загинати

Во последните 24 часа, израелските сили извршија 93 напади врз Појасот Газа во кои беа убиени најмалку 70 Палестинци, соопшти Канцеларијата за медиуми во Газа.
Канцеларијата изјави дека 93 израелски воздушни и артилериски напади биле насочени кон густо населени цивилни области, како и раселени Палестинци низ окупираната палестинска енклава, објави Ал Џезира.
– Ова ново злосторство спаѓа во рамките на тековниот геноцид врз нашиот палестински народ и потврдува дека окупаторот ги игнорира сите меѓународни повици за смиреност и инсистира на продолжување на систематското убивање на цивили и уништување на темелите на животот во Појасот Газа – се вели во соопштението на прес-службата.
Канцеларијата апелираше до администрацијата на Трамп и меѓународната заедница да преземат „сериозни, ефикасни и итни мерки“ за да го спречат израелското бомбардирање.
Според проценките на израелската армија, околу 900.000 од вкупно околу еден милион Палестинци, кои живееле во градот Газа и северниот дел од енклавата пред големата офанзива на Израелските одбранбени сили (ИДФ), биле евакуирани на југ од Појасот Газа.
Според израелските податоци, бројот на Палестинци кои го напуштаат северниот дел од Појасот Газа се зголемил во последните недели по напредувањето на израелската армија, објави „Тајмс оф Израел“.
Сепак, Канцеларијата на Обединетите нации за координација на хуманитарните прашања на 2 октомври објави дека „се проценува дека стотици илјади луѓе остануваат во градот Газа и северниот дел од енклавата“.
Минатиот месец на цивилите им беше наредено да го евакуираат градот Газа и сите области во северниот дел на енклавата и да се упатат кон хуманитарната зона назначена од Израел во јужниот дел на Појасот Газа.