Свет
Најмалку 25 исчезнати во уривањето на кулата во Техеран
Иранските власти во понеделникот соопштија ви петокот дека уште 25 луѓе се водат како исчезнати во уривањето на кулата од четвртокот во главниот град Техеран, покрај прецизираните податоци за 20 загинати пожарникари, поради што е прогласен ден на жалоста во сабота, објави државната телевизија.
„Полиција прими известувања за 25 лица кои се пријавени како исчезнати. Ги повикуваме граѓаните да пријават доколку уште некој од членовите на нивните семејства кои работеле во зградата Plasko“, изјавил претставникот на полицијата.
Дваесетте пожарникари загинале во текот на евакуацијата на зградата во четвртокот. Потрагата по телата на исчезнатите го отежнуваат густиот чад и оган кој уште тлее меѓу урнатините.
Во трговскиот комплекс „Plasko“ пожарот избувнал во четвртокот утрото околу 8 часот по локално време, или 5,30 по македонско. Огнот се ширел од деветтиот кат на објектот кој има 15 ката над земјата и пет подземни катови, и набрзо го зафатил целиот горен дел од комплексот. Пожарникарите околу три и пол часа се бореле со огнот. Потоа, околу 11,30 часот по локално време, кулата се урнала зафаќајќи ги околните згради. Евакуирани беа околните згради, меѓу кои и амбасадите на Велика Британија и на Турција
Комплексот „Plasko“ е изграден во 1962 година и е еден од најстарите високи објекти во Техеран. Во него биле сместени голем број продавници претежно за обувки и облека../крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Путин: Русија не ја заострува својата нуклеарна доктрина, туку ја подобрува
Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека Русија не ја заострува својата нуклеарна доктрина, туку ја подобрува.
„Зборувавте за заострување на нуклеарната доктрина, ние не ја заоструваме нуклеарната доктрина, туку ја подобруваме“, рече Путин на состанокот на Советот за развој на граѓанското општество и човековите права, реагирајќи на зборовите на еден од учесниците, објави Интерфакс.
Тој додаде дека Русија треба да го подобри ракетниот систем „Орешник“. Путин денеска во Кремљ се сретна и со индискиот министер за одбрана Рајнат Синг, изјави портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков.
Синг пристигна во Русија на 8 декември, а веќе следниот ден присуствуваше на церемонијата на предавање на фрегатата Тусил на индиската морнарица во бродоградилиштето Јантар во Калининград.
Тој на 10 декември се сретна со рускиот министер за одбрана Андреј Белоусов, пренесува Танјуг.
Свет
Бразилскиот претседател на интензивна нега по итната операција на мозокот
Бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва се опоравува на интензивна нега по итна операција.
Во соопштението на болницата се наведува дека Лула бил опериран откако при магнетна резонанца било откриено мозочно крварење, пренесува Гардијан.
Во соопштението од болницата во Сао Паоло, објавено на социјалните мрежи на Лула рано во вторникот, се вели дека операцијата поминала „без компликации“. Предводникот на бразилската левица беше под опсервација по краниотомија и беше „добро“.
Британскиот NHS наведува дека краниотомијата е хируршка интервенција при која неврохирург привремено отстранува дел од черепот за да отстрани хематом. Таквата операција обично се изведува под општа анестезија, пренесуваат светските медиуми.
Болницата го припиша крварењето на несреќата што ја имаше Лула во неговиот дом во октомври, кога се туширал во палатата Алворада, официјалната претседателска резиденција во Бразилија. Несреќата, според написите, го принуди Лула да го откаже патувањето на самитот Брикс во Русија и му остави неколку конци.
Лула беше примен во болница во Бразилија во понеделникот вечерта откако се пожали на главоболка. Откако беше откриено дека крвари, тој беше префрлен на 1.000 километри јужно во една од најдобрите бразилски болници во Сао Паоло.
Весникот О Глобо пишува дека Лула во понеделникот околу 23 часот пристигнал во Сао Паоло бидејќи попладнето не се чувствувал добро.
Свет
Поранешниот министер за одбрана на Јужна Кореја уапсен за учество во бунтот
Судот во Сеул соопшти дека го одобрил налогот за апсење на поранешниот министер за одбрана Ким Џонг-хјун под обвинение дека тој имал клучна улога во бунтот и злоупотребата на власта, што го прави првиот човек уапсен според декретот за вонредна состојба.
Ким, близок соработник на јужнокорејскиот претседател Џун Сук Јул, поднесе оставка во четвртокот и од неделата е во притвор. Обвинителите имаат рок од 20 дена да одлучат дали ќе го обвинат. Осудата за обвинение за бунт може да носи смртна казна, според написите во медиумите во регионот.
Ким е обвинет дека му препорачал на Јун да воведе воена состојба и да ја испрати војската во Националното собрание за да ги спречи пратениците да гласаат за негово отповикување за корупција. Голем број пратеници успеаја да влезат во собранието и едногласно го отфрлија указот, принудувајќи го кабинетот да го укине веќе на 4 декември.
Во денешната изјава Ким изјави дека „длабоко се извинува што предизвикал вознемиреност и непријатности“. Тој рече дека е целосно одговорен за воведувањето на вонредната состојба.
Парламентот под контрола на опозицијата денеска го усвои предлог-законот за назначување независен специјален советник за истрага на Јун и други високи воени функционери во врска со воведувањето на вонредната состојба.
Главната опозициска Демократска партија се залага за истрага од страна на специјален обвинител, тврдејќи дека не може да им се верува на јавните обвинители да спроведат темелна истрага за Јун, поранешниот главен обвинител.
За време на денешното сослушување во парламентот, Квак Јонг-Кеун, командант на командата за специјални операции чии војници беа испратени во парламентот, сведочеше дека добил директни инструкции од Ким Џонг-хјун да ги попречува пратениците да влезат во главната сала на Националното собрание.
Квак рече дека целта на упатствата на Ким била да се спречи парламентарното гласање за укинување на вонредната состојба.
Опозициските партии и многу експерти сметаат дека уредбата за вонредна состојба е неуставна. Велат дека на претседателот со закон му е дозволено да прогласува вонредна состојба само за време на војна или други слични вонредни состојби во земјата, а Јужна Кореја не била во таква ситуација.