Регион
(Видео) Најмалку 50 лица загинаа, а 150 се повредени во огнената стихија кај Атина
Најмалку 50 лица загинаа, а 150 се повредени во огнената стихија што ја зафати околината на грчкиот главен град Атина. Меѓу жртвите има и деца. Станува збор за најголемите пожари што ја погодија Грција во изминативе десет години.
Шумските пожари избувнаа во западниот и источниот крај на Атина по високите температури од над 40 Целзуисови степени и силниот ветер. Пожарникарите соопштија дека имало и над 150 повредени, некои од нив потешко и оти може бројот на жртвите да биде поголем. Грчкиот премиер Алексис Ципрас ја прекина посетата на Босна и Херцеговина и се врати во земјата, при што побара помош од Европската Унија и војската.
;
Повредени се повеќе од стотина возрасни лица, од кои 11 сериозно, како и 16 деца. Загинатите се во источниот дел на областа Атика, каде што некои од луѓето, поради брзото ширење на пожарот, биле заглавени во своите автомобили и домовите, а за други причината за смртта е давење кога спас од огнената стихија побарале во морето.
Во Грција постои стравување дека во текот на денот ќе се зголеми бројот на жртвите.
Цела ноќ, до рано утрово, траеше акцијата за спасување на луѓето заглавени на плажите во месноста Рафина, во источниот дел на областа Атика. Со приватни чамци и бродови, со бродови од редовните линии меѓу Атина и грчките острови, со фрегата и воени бродови од Министерството за одбрана на Грција и на грчката крајбрежна служба се спасуваа граѓани по морски пат.
Во гаснењето на пожарите учествувале над 600 пожарникари со над 400 возила, 7 „канадери“ и 10 хеликоптери. Активни беа 3 жаришта, а утрово пожарот, иако е ставен под контрола, сè уште не е целосно изгаснат.
Според заменик-министерот за поморство, Некатариос Санторињос, 639 лица биле спасени, а според министерот за одбрана на Грција, воената фрегата „Ели“ спасила 72 лица.
Грција побара меѓународна помош преку механизмот на ЕУ, позитивно одговориле Шпанија и Кипар, а помош ќе добие и од САД по упатеното барање од министерот за одбрана.
Грчкиот премиер ја прекина посетата на Босна и Херцеговина и не учествуваше на манифестацијата во Мостар и итно се врати во Атина. Кусо пред полноќ Алексис Ципрас го посети Центарот за справување со кризи на грчката противпожарна служба, каде што со министрите од владата одржа состанок и беше информиран за ситуацијата и рече дека е тоа тешка ноќ за Грција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Нови детали за малата Данка: нејзината ДНК не била пронајдена на автомобилот со кој била удрена
Како што пренесува „Нова.рс“, на ниеден од предметите што биле земени за помош во истрагата не биле пронајдени биолошки траги од двегодишната Данка Илиќ од Србија.
Српскиот портал напиша дека досега се пронајдени повеќе од 400 траги во службеното возило за кое се сомневаат дека го користеле Дејан Драгојевиќ и Срѓан Јанковиќ кога, според нивното признание, го удриле девојчето. Обвинителството пред неколку дена ги доби резултатите од новите вештачења.
„Од внатрешноста на службениот автомобил во Бор се земени повеќе од 500 траги, како и траги од надворешната страна на автомобилот. Досега вештачењата покажаа дека нема трага од ДНК на Данка Илиќ ниту во самиот автомобил ниту на надворешните делови од возилото“, пишува „Нова.рс“ повикувајќи се на Вишото јавно обвинителство.
Медиумот потсетува дека осомничените работници на фирмата „Водовод“ од Бор, Јанковиќ и Драгијевиќ, биле на работна задача на 26 март кога во Бањско Поле исчезна двегодишно девојче. Според признанието на Драгијевиќ, девојчето го удриле со службеното возило, го задавиле и го фрлиле на дива депонија, од каде што два дена подоцна Дејан со својот татко (73) и сега починатиот брат Далибор (40) наводно го преселиле телото на друга, непозната локација.
Телото на двегодишната Данка сè уште не е пронајдено.
Регион
Се урна конструкција на рингишпил, повредени 13 деца, од кои едно е во животна опасност во Куршумлија
Во Куршумлија денеска се случила несреќа кога на локалниот саем се урнала конструкцијата на рингишпилот, пренесуваат српските медиуми.
Според написите, повредени се 13 деца, од кои едно потешко.
Станува збор за девојче, чиј живот е во опасност и има сериозни повреди на главата и ‘рбетниот столб.
Таа била итно префрлена во КЦ „Ниш“ на Одделот за неврохирургија.
Седум деца се во друга болница, каде што во тек е понатамошна дијагностика, а другите деца се полесно повредени, пишуваат тамошните медиуми.
Регион
Шји Џјинпинг: Србија е првата земја од Европа со која ќе изградиме заедница со заедничка иднина
Претседателот на Народна Република Кина, Шји Џјинпинг, изјави дека во денешните разговори со претседателот Вучиќ е постигнат значаен консензус и дека Србија ќе биде првата земја од Европа со која ќе изгради заедница со заедничка иднина.
„Заеднички објавивме дека ќе изградиме заедница меѓу Кина и Србија со заедничка иднина во новата ера, што ќе отвори ново поглавје во историјата на кинеско-српските односи. Пред осум години Србија стана првиот сеопфатен стратешки партнер на Кина во Централна и Источна Европа, а денеска станува првата европска земја во која ќе изградиме заедница со заедничка иднина“, рече Шји во говорот по размената на потпишаните меѓудржавни договори меѓу Србија и Кина во Палатата „Србија“.
Тој посочи дека како вистински пријатели и добри партнери Кина и Србија уживаат политичка доверба, која е силна како карпа.