Свет
На Исланд Муслиманите постат 22 часа
Муслиманите што живеат во Исланд држат најдолг пост во светиот месец Рамазан, бидејќи периодот на постот е околу 22 часа.
Ифтарот во оваа земја, каде што живеат околу 1.500 муслимани, е речиси на полноќ, додека времето на имсакот е околу 2 часот по локално време. Но муслиманите не се жалат за овие услови.
Џамиите во главниот град на земјата, Рејкјавик, со започнувањето на месецот на постот, Рамазан, се претвораат во места каде што се организираат ифтари. Верниците кои за ифтар се собираат во Исландската исламска фондација, која истовремено се користи и како џамија, по езанот (повик за молитва) во 23:48 часот пијат вода, и веднаш потоа ја почнуваат вечерната молитва.
По завршувањето на молитвата, верниците преминуваат на ифтарската софра што заедно ја подготвиле. Муслиманите од различни земји, оние кои со години живеат во Исланд како и новодојдените бегалци, заедно јадат ифтар. Ифтарот придружен со предавања, не само што ја заситува гладта, туку ја храни и душата на муслиманите кои се далеку од своите земји.
„Колку и да е времето на постот долго, муслиманите не го чувствуваат бидејќи верниците секогаш се собираат заедно, бидејќи тука се како едно семејство. Преку денот доаѓаат тука. Читаат Куран, вршат обреди, ги подготвуваат јадењата. Не го ни мислам времето на ифтарот. Првите три дена им е тешко, потоа се враќаат во нормала“, истакнува имамот со мароканско потекло, Абдулазиз Увлани.
„Ако го споредуваме со мојата земја, постот е мошне долг, трае околу 22 часа. Времето е убаво. Моментално е мошне добро, си уживаме“, вели еден студент од Пакистан, Фуркан Кан.
Од друга страна, 32-годишниот Пакистанец, Имран Хусеин, кој веќе четири години живее во Исланд, рече:
„Периодот на постот е многу долг, околу 22-23 часа. Иако е долг, ни се допадна. Ова е мој четврти Рамазан во земјата“.
„Оваа година ми е првиот Рамазан. Малку се мачев бидејќи ми е првиот Рамазан. Но во наредните години ќе треба да се навикнам на долгото време“, нагласи 24-годишниот бегалец од Пакистан, Заин Насем.
Либанецот Имад Eт-Турк во Исланд дошол како бегалец, и се жалеше дека светиот месец Рамазан не се чувствува, освен во џамиите.
„Само во оваа џамија го чувствуваме месецот на постот, Рамазан. За жал, надвор нема ниту едно место каде што можеме да го почувствуваме светиот месец Рамазан“, нагласи Eт-Турк.
Исланд е една од земјите каде што живеат најмалку муслимани. Тоа е земја со 330.000 жители, а 0,5 отсто од жителите се муслимани, односно 1.500 лица. Мнозинството од муслиманите кои живеат во земјата се бегалци.
Исто така, Исланд е една од земјите каде што живеат најмалку Турци. Според Министерството за надворешни работи, во оваа островска земја живеат само 80 турски државјани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
