Свет
Нетанјаху: Договорот за Газа не беше можен порано
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека сегашниот договор за размена и прекин на огнот во Појасот Газа не можел да се постигне порано и дека тоа е овозможено со комбинација од воена сила и „дипломатски притисок“, првенствено од претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
„Хамас никогаш не се согласи да ги ослободи сите наши заложници додека бевме длабоко во Газа“, рече Нетанјаху, додавајќи дека движењето го прифатило договорот само „кога го почувствувало мечот на вратот“, објави „Тајмс оф Израел“.
Премиерот оцени дека планот на Трамп го изолирал меѓународно Хамас и дека токму овој притисок, во комбинација со воените акции на израелската армија, го принудил Хамас да направи отстапки.
Нетанјаху рече дека приоритет на израелската влада е ослободувањето на заложниците. Тој најави дека телата на убиените заложници ќе бидат вратени „за еврејски погреб“.
Во своето обраќање, премиерот му се заблагодари на американскиот претседател „за неговото светско лидерство“ и неговите „постојани напори за изготвување план за враќање на израелските заложници“.
„Уште еднаш, тој го докажа своето пријателство кон нашиот народ, кон нашата земја“, истакна Нетанјаху.
Тој, исто така, им се заблагодари на врвните помошници на Трамп, специјалниот пратеник Стив Виткоф и неговиот зет, Џаред Кушнер, како и на израелскиот министер за стратешки прашања Рон Дермер и неговиот преговарачки тим, пренесува Танјуг.
Нетанјаху ги пофали силите на Израелските одбранбени сили и ги призна жртвите на семејствата на загинатите, истакнувајќи дека сирените и загубите во текот на претходните две години го претворија празникот Симхат Тор во ден на национална жалост, додека сега се надева дека празникот ќе стане „ден на национална среќа“ со враќањето на киднапираните.
Премиерот рече дека Израел „постигнува огромни победи што го менуваат лицето на Блискиот Исток“ во војната, но предупреди дека конфликтот не е завршен и дека остануваат значајни предизвици. Тој најави дека во следните фази, Хамас ќе биде разоружан, а Газа ќе биде демилитаризирана.
Нетанјаху, исто така, ги отфрли тврдењата на аналитичарите и новинарите дека враќањето на сите заложници не е можно без значителни отстапки кон барањата на Хамас.
Тој рече дека верува оти „силен воен притисок во комбинација со силен дипломатски притисок“ ќе овозможи враќање на сите заложници и дека, како што вели, тоа е сторено.
Фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во Белград се урна напуштен двокатен објект
Дел од напуштен двокатен објект се урна попладнево во Белград и според службите за справување во итни случаи, нема повредени.
Шефот на Одделот за вонредни ситуации, Лука Чаушиќ, изјави дека стар напуштен двокатен објект се урнал на улицата „Џорџ Вашингтон“ во Белград околу 13:30 часот и дека е урнато градежно скеле што било наслонето на објектот.
Тој додаде дека според моментално достапните информации, нема повредени, ниту жртви.
При уривањето уништени се четири возила паркирани пред двоспратниот објект.
Во моментот се уште се врши пребарување на теренот каде се урнал објектот.
Опозициски партии упатија критики до градските власти и побараа оставка од градоначалникот на Белград, Александар Шапиќ.
Свет
Прекинот на струја во Киев го запре железничкиот сообраќај
Прекинот на електричната енергија во Киев го запре железничкиот и метро сообраќајот и ескалаторите низ целиот град, соопштија градските власти на социјалните мрежи.
Според градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, подземните метро станици сега функционираат како засолништа.
– „Во Киев, како и во многу градови во Украина, имаше итни прекини на електричната енергија. Сообраќајот во метрото беше запрен поради низок напон во електричната мрежа. Подземните метро станици моментално можат да работат само како засолништа, на резервна електрична енергија, соопшти Кличко на Телеграм.
Технички прекини на два далноводи што ги поврзуваат Украина, Молдавија и Романија денеска доведоа до прекин на електричната енергија на украинската мрежа, соопшти украинското Министерство за енергетика и потврди дека во најмалку три региони и главниот град Киев имало итни исклучувања.
Свет
Речиси половина Германци во текот на животот заболуваат од рак
Во текот на животот речиси секој втор граѓанин на Германија заболува од рак, објави денеска државниот имунолошки завод „Роберт Кох“ во Берлин.
– Кај 49 проценти од мажите и 46 проценти од жените во текот на животот се дијагностицира рак, објавено е во редовното издание на Институтот „Роберт Кох“ (РКИ) во пресрет на денот за борба против ракот, 4 февруари.
Според истите податоци, секоја шеста жена и секој седми маж од рак заболуваат пред својата 65-та година.
Според податоците за 2023 година, од околу половина милион дијагностицирани нови случаи на рак, најголемиот број отпаѓа на рак на простата, по што следуваат ракот на дојка, бели дробови и дебело црево.
Истата година од рак починале 230.000 лица.
Истовремено, како што објави РКИ, стапката на смртност на заболените од рак во последните 25 години значително е падната, кај мажите за 30, а кај жените за 20 проценти.
Секоја година во пресрет на Светскиот ден за борба против ракот, РКИ објавува статистики со цел подобра превенција на заболувањата и поттикнување на свеста кај граѓаните.

