Свет
Објавена мрачната страна на шведскиот модел против Ковид-19
Во првата половина од 2020 година, во Шведска, која не воведе рестриктивни мерки за сузбивање на коронавирусот, забележана е најголема смртност во последните 150 години, соопшти Заводот за статистика на земјата.
Од Ковид-19 до крајот на јуни умреле 4.500 луѓе, многу поголем процент отколку во другите нордиски земји, а тој број сега се зголемил на 5.800. Во Норвешка, која има двојно помалку жители, од коронавирус починале околу 260 луѓе.
Вкупно, во периодот од јануари до јуни починале 51.405 Швеѓани, што е најмногу од 1869 година кога починале 55.431 граѓанин, некои од глад.
Шведска тогаш имала 4,1 милиони луѓе, сега има 10,3 милиони.
Тоа значи дека од Ковид-19 починале 10 проценти повеќе луѓе отколку што починале во просек во последните пет години, наведува Заводот за статистика.
Во април бројот на починати бил речиси 40 проценти поголем поради скокот на бројот на смртни случаи од Ковид-19.
Шведска имаше поинаков пристап кон пандемијата од повеќето европски земји, не воведе карантин, а училиштата и економијата главно работеа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Трамп ги спомена Србија и Косово: Ако не се согласувате, јавете ми се
Набројувајќи ги конфликтите што ги реши во претходниот период, претседателот на САД, Доналд Трамп, вчера на состанокот на Одборот за мир ги спомена Србија и Косово, велејќи им на лидерите сами да продолжат да ги решаваат проблемите, а ако не можат – да го повикаат.
„Еден пример се Косово и Србија“, рече Трамп, повикувајќи ги лидерите да станат, иако Србија не се приклучи нa Oдборот, додека претседателката на Косово, Вјоса Османи, стана од своето место кога Трамп ја повика.
„Косово, Србија. Јас го направив тоа. Можете ли да станете, ако некој од вас е тука? Само станете на секунда. Косово, Србија, станете! Ви благодарам многу! Го цениме тоа! Одлично, а вие се согласувате. И кога не се согласувате, ме викате и ќе го решиме тоа, нели? Ќе го решиме“, рече Трамп на првиот состанок на Мировниот комитет, јавија српскките медиуми.
Вчера, во Вашингтон се одржа првата седница на Одборот за мир, основан на иницијатива на Трамп, а тоа е тело кое треба да работи на решавање на глобални безбедносни кризи и војни.
Првата задача, како што беше најавено, ќе се однесува на конфликтот во Појасот Газа.
Во јуни 2025 година, американскиот претседател одржа прес-конференција во Хаг на која се пофали со своите достигнувања, за кои верува дека ги постигнал како претседател на Америка.
Еден од примерите што ги наведе Трамп е дека, како што рече, тој спречил потенцијален конфликт меѓу Србија и Косово.
„Србија токму беше на прагот да го стори тоа, но ние го спречивме“, рече Трамп тогаш.
Свет
Мерц: Меѓународниот поредок базиран на права повеќе не постои
Германија мора да се наметне и да преземе поголема одговорност во преобликуваниот светски поредок, изјави денес германскиот канцелар Фридрих Мерц.
За време на својот говор на конференцијата на неговата партија, Христијанско-демократската унија (CDU), тој оцени дека меѓународниот поредок базиран на права повеќе не постои, пренесува Ројтерс.
„Ова ќе доведе до создавање нова голема стратегија за Германија во обединета Европа. Покажуваме храброст да ја обликуваме иднината и храброст да се наметнеме“, рече Мерц.
Конгресот на ЦДУ се одржува денес и утре, 21 февруари, и тоа е првиот голем состанок на партијата откако Мерц ја презеде функцијата канцелар во мај минатата година, пренесува Танјуг.
Регион
Вицепремиер во новата бугарска влада поднесе оставка само еден ден по положувањето заклетва
Бугарскиот вицепремиер Стоил Цицилеков, поднесе оставка 24 часа откако положи заклетва во парламентот и ја презеде функцијата.
„Чесните избори се поважни од секој поединец“, изјави тој на брифинг, образложувајќи ја својата одлука.
Во врска со обвинувањата упатени против него – поврзани со поседување марихуана и управување возило во алкохолизирана состојба – Цицилеков изјави дека има чисто досие.
„Немам обвиненија, немам пресуди, немам важечки ограничувања во моментов“, рече тој и додаде дека во случајот незаконски биле користени архиви и објавени лични податоци. Цицилеков истакна дека неговото професионално искуство не било доведено во прашање и најави дека ќе ги бара своите права по судски пат, пренесува „Инвестор.бг“.
Пратеници од партијата „Има таков народ“ ги објавија обвинувањата против Цицилеков и коментираа дека имаат сомнежи оти тој има забрана да учествува во мисии на Европската унија за набљудување избори.
„Чесните избори се приоритет за оваа влада“, изјави вицепремиерот, посочувајќи дека својата одлука ја усогласил со привремениот премиер Андреј Ѓуров. По разговори во тимот било оценето дека личноста на вицепремиерот за чесни избори може да ѝ наштети на каузата, по што Цицилеков поднел оставка.
Нападите врз него се насочени кон Владата и кон спроведувањето чесни избори, изјави и премиерот на привремената техничка влада, Андреј Ѓуров.
„За нас има нешто многу поважно од политичката битка и од тоа кој ќе извлече краткорочни политички поени од овој чин“, додаде тој.
Претходно денеска, претседателката Илијана Јотова изјави дека ќе потпише барање за оставка од Стоил Цицилеков. Таа претходно посочи дека не сноси одговорност за составот на кабинетот, но повика на соодветни мерки доколку обвинувањата се покажат како основани.

