Свет
Орбан пристигна во Москва: „Мировната мисија продолжува“
Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска пристигна во Москва, само неколку дена по неговото прво патување во Украина од почетокот на руската сеопфатна војна, соопштија за медиумите од прес-службата на Орбан, пренесува „Киев индипендент“.
„Раша тудеј“ објави дека за војната со Украина ќе разговара со рускиот претседател Владимир Путин. Орбан кратко се огласи на социјалната мрежа Х.
The #peace mission continues. Second stop: #Moscow. pic.twitter.com/kPOkKBsJQm
— Orbán Viktor (@PM_ViktorOrban) July 5, 2024
„Мировната мисија продолжува. Втора станица: Москва“, рече тој.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, потврди дека разговорите меѓу Орбан и Путин ќе се водат во Кремљ и дека една од темите ќе биде Украина.
По пристигнувањето на Орбан во Москва, зборуваше и полскиот премиер, Доналд Туск.
„Ќе послужиме како важна алатка во правењето на првиот чекор кон мирот. Прашањето е во чии раце е таа алатка“, објави Туск на Х.
Посетата на Орбан на Путин ја коментира и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Помирувањето нема да го спречи Путин. Само единството и решителноста ќе го отворат патот за сеопфатен, праведен и траен мир во Украина“, рече таа.
Орбан последен пат ја посети Русија во септември 2022 година за да присуствува на погребот на советскиот лидер Михаил Горбачов, но тогаш не се сретна со рускиот претседател Владимир Путин.
Медиумите потсетуваат дека европските лидери претходно изразија загриженост за посетата на Орбан.
Иако Унгарија го презеде претседавањето со ЕУ, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, посочи дека Орбан нема мандат да разговара со Русија во име на ЕУ, а полскиот премиер Доналд Туск побара појаснување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Пензиите во Србија годинава ќе се зголемат за 10,9 отсто
Годинава пензионерите во Србија ќе добиваат пензии повисоки за 10,9 отсто, објавија српските медиуми.
Со одлука на Владата на Србија, просечната пензија ќе биде зголемена од 390 евра на 436 евра. Во локална валута, просечната пензија од 45.700 динари ќе порасне за околу 5.000 динари (2,628 денари).
Од денеска започнува исплатата на пензиите преку поштарите на домашна адреса, додека пензиите исплатени преку банките ќе пристигнат најдоцна до 6 јануари.
Регион
Над 21 милион туристи лани ја посетиле Хрватска
Хрватска минатата година ја посетиле 21,3 милиони туристи, кои оствариле 108,7 милиони ноќевања, што е за 4,1 отсто повеќе во однос на 2023 година, соопшти денеска Министерството за туризам и спорт.
Податоците на Хрватската даночна управа покажуваат дека во тој период фискални сметки во вредност од близу 7,3 милијарди евра или 11,5 отсто повеќе од 2023 година се издадени во дејности поврзани со туризмот, објави „Јутарњи лист“.
Министерството забележува дека во 2024 година најголем дел од вкупниот број ноќевања, односно 103,3 милиони, е остварен на Јадранот, што е исто така еден процент повеќе од 2023 година, додека континенталниот дел од земјата со повеќе од 2,7 милиони ноќевања е на плус пет отсто, а приближно исто толку ноќевања се бележат и во главниот град Загреб, што е за шест отсто повеќе од лани.
Регион
Уште еден земјотрес во Грција, тлото не се смирува
Вечерва, во 19:51 часот, земјотрес со јачина од 3,2 степени според Рихтеровата скала го погоди подрачјето на Крит, најголемиот остров во Грција.
Според податоците на Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (EMSC), епицентарот на земјотресот се наоѓал на 56 километри североисточно од градот Ираклион, додека хипоцентарот бил на длабочина од приближно 10 километри под површината на земјата.
Засега нема извештаи за материјална штета или повредени, а надлежните служби ја следат состојбата.
Претходно земјотрес со јачина од 4 степени според Рихтеровата скала ја погоди Грција во 12.58 часот, во областа на Крит.