Свет
Папата ја почна историската посета на Ирак
Папата Франциско, утрово, на аеродромот во Рим полета со авион во историска посета на Ирак, пренесоа агенциите. Како што се наведува, папата ќе апелира до христијаните во Ирак, кои сè помалку се наоѓаат во таа земја, да останат и да помогнат во обновата по долгогодишната војна и прогонствата.
Во центарот на Багдад беа прикажани билборди со ликот на папата за добредојде на поглаварот на Римокатоличката црква, со натпис „Сите сме браќа“. Ирачкиот министер за надворешни работи, Фуад Хусеин, изјави дека Ирачаните со нетрпение ја очекуваат пораката за мир и толеранција на папата.
Во пресрет на посетата на Ирак, папата Франциско рече дека оди на мирен аџилак по повеќе години војна и тероризам.
„Доаѓам на аџилак… да се молам за прошка и помирување по долгогодишната војна и тероризмот… и доаѓам меѓу вас во мир. Сакам да се сретнам со вас, да ги видам вашите лица, да ја посетите вашата земја, античката лулка на културата“, рече папата во видеопорака.
Папата исто така рече дека ирачкиот народ е единствено семејство на муслимани, Евреи и христијани. Тој ќе одржи миса во Ербил в недела, а за време на тридневната посета ќе се сретне и со највисокиот шиитски функционер во Ирак.
Римокатоличкиот водач инсистираше на патувањето и покрај зголемувањето на бројот на заразени од коронавирус во Ирак и загриженоста за неговата безбедност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Нова вакцина против рак на кожа го намалува ризикот од смрт за 49 проценти
Експериментална вакцина против рак на кожа, развиена во соработка помеѓу фармацевтските компании „Модерна“ и „Мерк“, покажува силни и трајни антитуморски ефекти кај пациенти со напреднат меланом.
Петгодишното следење на вакцината во клиничките испитувања укажува на значителни придобивки од преживување, објавува „Euronews“.
Терапијата, која моментално е во фаза 2 на клинички испитувања, ја комбинира персонализираната mRNA технологија на „Модерна“, Intismera Autogen, со имунотерапевтскиот лек Keytruda на „Мерк“.
Заедно, третманите го намалија ризикот од повторна појава на рак или смрт за 49 проценти кај пациенти со висок ризик од меланом кои биле подложени на операција, во споредба само со Keytruda.
„Продолжуваме да инвестираме во нашата платформа за онкологија поради охрабрувачки резултати како овие, кои го илустрираат потенцијалот на mRNA во третманот на рак“, рече Кајл Холен, виш потпретседател на „Модерна“.
Свет
Путин: Русија не е заинтересирана за темата Гренланд и САД, но ние го имаме искуството со Алјаска
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Русија не е заинтересирана за темата Гренланд и САД.
„Она што се случува со Гренланд не е наша работа, но ние имаме искуство во решавање на слични проблеми со САД, на пример Алјаска. Во 19 век, мислам во 1867 година, како што знаеме, Русија им продаде на САД, а САД ја купи Алјаска од нас“, рече претседателот на Русија на седница на Рускиот совет за безбедност, според Спутник, пренесува РТРС.
Тој верува дека Данска отсекогаш се однесувала кон Гренланд како кон колонија и, како што вели, грубо, практично жестоко.
„САД имаат на располагање една милијарда долари за да го купат Гренланд“, вели Путин и верува дека врз основа на примерот на Алјаска, цената за Гренланд би можела да биде 200-250 милиони долари.
„Ако споредиме со цените на златото од тогаш, таа бројка би била многу поголема, веројатно милијарда долари“, рече Путин и додаде: „Но, мислам дека и САД можат да си ја дозволат таа бројка“, според агенциите.
Фото: ЕПА
Свет
Трамп објави договор со НАТО за Гренланд и ги одложи царините за Европа
Претседателот на САД, Доналд Трамп, објави дека по состанокот со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, е формирана рамка за иден договор за Гренланд и арктичкиот регион, пренесуваат медиумите во регионот.
Најави одложување на воведувањето царини што требаше да стапат на сила на 1 февруари, напиша тој на социјалната мрежа Truth Social.
Трамп изјави дека на „многу продуктивен состанок“ со Руте е формирана „рамка за иден договор во врска со Гренланд и, всушност, целиот арктички регион“. Тој оцени дека решението, „доколку се реализира, ќе биде одлично за Соединетите Американски Држави и сите земји-членки на НАТО“.
Врз основа на постигнатото разбирање, Трамп потврди дека се откажува од воведувањето царини. „Нема да ги воведам царините што требаше да стапат на сила на 1 февруари“, се вели во соопштението. Тој додаде дека има и „дополнителни дискусии во врска со „Златната купола“ во Гренланд“ и дека повеќе информации ќе бидат достапни како што напредуваат разговорите.
Според Трамп, потпретседателот Џ.Д. Венс, државниот секретар Марко Рубио и специјалниот пратеник Стив Виткоф ќе бидат задолжени за преговорите. Тој нагласи дека тие ќе „поднесуваат извештаи директно до него“.

