Свет
Планинар се вратил од мртвите откако срцето престанало да му чука 45 минути
Мајкл Напински, кој се изгубил поради смрзнување во американскиот Национален парк Маунт Рејнер, се вратил во живот откако срцето престанало да му работи и не чукало 45 минути.
45-годишникот од Вудвинвил одел на планинска прошетка со еден пријател на 7 ноември, но во еден момент решиле да се разделат. Пријателот почнал да скија по удолницата, додека Напински продолжил да пешачи. Тие се договориле да се сретнат во подножјето.
„Бев прилично близу до крајот на патеката кога временските услови се влошија и во еден момент не можев да видам ништо. Не сум сигурен што се случи потоа. Мислам дека паднав“, се присетува Напински за „Сиетл тајмс“.
Кога не пристигнал на договореното место, неговиот пријател ги известил ренџерите кои започнале со потрагата. Поради лошите временски услови, хеликоптерот не можел да полета веднаш. Сепак, спасувачката екипа во хеликоптерот по некое време успеала да полета и конечно да го пронајде по еден час. Тој пристигнал во болница во бесознание, но имал пулс. Наскоро, сепак, тој доживеал акутен срцев удар.
„Умре додека беше во ургентниот центар, поради што бевме во единствена ситуација да примениме сè што ни стои на располагање за да се обидеме да му го спасиме животот“, рече д-р Џанел Бадулак.
Тој беше медицински мртов уште 45 минути, за тоа време медицинскиот тим се обидувал со кардиопулмонална реанимација и го прикачиле на специјална машина што дозволува крв да се испумпува од телото во неа, каде што се отстранува јаглерод диоксид и се збогатува со кислород и потоа се враќа во телото.
За чудо, неговото срце повторно почнало да чука, а здравствената екипа цела ноќ ја поминала покрај него во обид да го стабилизира.
Два дена подоцна, Напински ги отворил очите. Иако тој сè уште закрепнува бидејќи бубрезите не му функционираат правилно, срцето сè уште се бори да циркулира крв низ телото и има смрзнатини, лекарите сметаат дека тој целосно ќе закрепне.
„Тој се врати од мртвите. Можеби не е најточно медицински да се каже, но неговото срце не чукаше 45 минути. Едноставно е неверојатно“, рече раководителот на одделот за интензивна нега, д-р Саман Арбаби.
Иако екстремниот студ може да биде многу опасен, може да има и заштитен ефект врз организмот во специфични услови, објаснува Филип Роксби, здравствен експерт на BBC.
Ако срцето престане да чука подолго време на нормална телесна температура, шансите за преживување поради оштетување на мозокот се многу мали. Меѓутоа, при ниски температури, мозокот и остатокот од телото можат да бидат заштитени од студот, што ги спречува да се расипат.
Иако се многу ретки, постојат слични запишани примери на луѓе кои успеале да се вратат во живот дури и по неколку часа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Секој Евреин што ќе гласа за Мамдани е глупав човек
Американскиот претседател Доналд Трамп ги повика Евреите во Њујорк да не гласаат за кандидатот на левото крило на Демократската партија, Зохран Мамдани, нарекувајќи го „докажан мразител на Евреите“.
„Секој Евреин што ќе гласа за Зохран Мамдани е глупaв човек!“, напиша Трамп на својата платформа Truth Social, обвинувајќи го 34-годишниот кандидат дека „ги мрази Евреите“. Мамдани, муслимански демократски социјалист роден во Уганда, е познат поддржувач на палестинската кауза и застапник на кампањата за бојкот и санкции против Израел.
Во обид да ги смири реакциите, Мамдани во последните месеци јавно се изјаснува против антисемитизмот. Тој води во анкетите со 41 отсто поддршка, пред поранешниот гувернер Ендру Куомо, кој има 34 отсто и ја има поддршката на Трамп.
Трамп претходно се закани дека ќе му ги ускрати федералните средства на Њујорк ако Мамдани победи на изборите за градоначалник.
Свет
Глобалното затоплување ќе ја надмине границата од 1,5 степени, предупредува ОН
Светот нема да го исполни климатскиот цел од ограничување на затоплувањето на 1,5 степени Целзиусови, соопшти Програмата на Обединетите нации за животна средина (UNEP). Според годишниот извештај, поради недоволните мерки за намалување на емисиите на стакленички гасови, глобалната температура во следната деценија ќе ја надмине целта утврдена со Парискиот договор од 2015 година.
UNEP предупредува дека сегашните политики водат кон раст на температурите од 2,3 до 2,5 степени, што ќе биде „тешко да се преобрати“. Иако е постигнат напредок во однос на пред десет години – кога прогнозите укажуваа на пораст до четири степени – емисиите и понатаму растат, бидејќи земјите се потпираат на јаглен, нафта и гас за производство на енергија.
Овие податоци, според агенцијата, дополнително ќе го засилат притисокот пред климатскиот самит COP30, на кој државите ќе разговараат за побрзо финансирање на мерките за ублажување на глобалното затоплување.
Свет
Германија им нуди пари на Авганистанците ако се откажат од доаѓање во земјата
Германската влада им понудила финансиска надомест на Авганистанците кои имаат одобрение за прием во Германија, доколку доброволно се откажат од тоа одобрение за влез во земјата.
Според документот на Германското друштво за меѓународна соработка, понудата се однесува на околу 660 лица кои сега се во Пакистан. Поединци што ќе прифатат, ќе добијат еднократна исплата — 1500 евра во Пакистан и дополнителни 5000 евра како „помош за нов почеток“, но со тоа ќе се откажат од сите идни побарувања кон германската влада.
Министерството за внатрешни работи објаснило дека не може да гарантира навремен завршеток на програмата за прием поради административни пречки и рокови што ги поставила пакистанската влада.
Хуманитарни организации ја осудија понудата, нарекувајќи ја „лоша“ и „недоволна“. Според нив, износот не го покрива ниту дел од трошоците што бегалците веќе ги направиле, а враќањето во Авганистан би значело ризик за нивниот живот под талибанскиот режим.
Во меѓувреме, неколку авганистански семејства што поднеле тужби против германската држава успеале да добијат дозвола за влез и пристигнале во Хановер.

