Свет
Под Атлантскиот Океан откриен голем мистериозен резервоар со слатка вода
Нуачниците кои дупчат длабоко под Атлантскиот Океан покрај брегот на североисточниот дел на САД ова лето открија огромен, мистериозен резервоар на слатка вода. Нивното откритие би можело да има огромни импликации за светот кој се соочува со сè посериозна криза со водата, објавува CNN.
Мистерија позната со децении
Постоењето на слатка вода под Атлантикот е познато со децении, но во голема мера останало неистражено. Во текот на 1960-тите и 1970-тите, научните експедиции и компаниите кои дупчат за нафта на океанското дно повремено наидувале на слатка вода. Клучниот момент дојде во 2019 година, кога научниците од океанографскиот институт Вудс Хоул и Универзитетот Колумбија објавија „изненадувачко откритие“. Користејќи електромагнетни бранови, тие мапираа гигантски појас на слатка вода што се протега по должината на брегот од Масачусетс до Њу Џерси, а можеби и пошироко.
„Се чини дека е најголемата таква формација некогаш пронајдена во светот“, рекоа научниците во тоа време.
Откритието покрена големи прашања: Како водата стигнала таму? Колку е стара и дали се надополнува? И најважно од сè, дали таквите крајбрежни водоносни слоеви би можеле да станат нов извор на свежа вода за жедниот свет? За да најдат одговори, тим меѓународни научници, како дел од проектот Експедиција 501, одлучија директно да дупчат во водоносниот слој.
Во мај, тие испловија од Конектикат со брод опремен со дупчалка и поминаа три месеци на море. Тие истражуваа длабочини помеѓу околу 300 и 400 метри под морското дно на различни локации за да соберат примероци од седименти и вода.
Тие пронајдоа вода со содржина на сол значително пониска од морската вода, на нивото препорачано од американските и меѓународните агенции за вода за пиење. Примероците сега се испратени на лабораториско тестирање за да се утврди какви микроби содржат и колку би можеле да бидат безбедни за пиење. Друга мистерија е староста на водата. „Можеби е стара 200 години, може да биде стара 20.000 години“, рече Брендон Дуган, професор по геофизика на Училиштето за рудници во Колорадо и водач на експедицијата.
Присуството на помлада вода би сугерирало дека резервоарот се надополнува, додека постарата вода би укажувала дека станува збор за ограничен ресурс. Дуган рече дека треба да имаат одговори за околу шест месеци. Научниците, исто така, ќе спроведат тестови за да го утврдат потеклото на водата – дали доаѓа од топење на глечерите или од врнежи од дожд.
„Мислиме дека слатката вода стигнала таму пред илјадници години, кога нивото на морето било многу пониско, а континенталниот гребен бил изложен на копно“, објасни Холи Мајкл, професорка на Универзитетот во Делавер и членка на експедицијата.
Потенцијал за жеден свет
Водоносниот слој потврден од експедицијата изгледа огромен. Ерик Атијас, доцент на Универзитетот во Тексас, кој не бил вклучен во проектот, го нагласува неговото значење. Може да „содржи доволно слатка вода за да снабдува метропола со големина на Њујорк стотици години“, изјави тој за CNN, додавајќи дека тоа буди надежи дека може да „ги ублажи идните недостатоци за крајбрежното население“.
Речиси половина од светската популација живее во радиус од 100 километри од брегот, а многумина зависат од внатрешните водоносни слоеви, ресурси кои брзо се намалуваат поради прекумерното пумпање и влијанието на климатските промени.
„Крајбрежните водни ресурси ќе бидат под зголемен притисок во иднина“, рече Мајкл, принудувајќи ги заедниците да се свртат кон поскапи извори како што е десалинизацијата. Подводните водоносни слоеви би можеле да бидат алтернатива, но прво треба да се справат со голем број предизвици. Екстракцијата и транспортот на вода до брегот би било енергетски интензивно и скапо. Исто така, постои прашањето кој би управувал со водата испумпана од федералните води.
Постои и технички предизвик за спречување на контаминација на слатката вода од околната солена вода. Користењето на подземните води од брегот „ќе биде скапо, а не бесконечно“, нагласи Мајкл. „Заштитата на слатката вода што ја имаме на копно е сè уште најдоброто нешто што можеме да го направиме. Секако, тоа не значи дека не треба да бараме алтернативни опции, затоа се занимаваме со оваа наука.“
И покрај сето тоа, Дуган е оптимист, проценувајќи дека ќе поминат околу 10 години пред да можат да се искористат подводните водоносни слоеви. Доказите сугерираат дека слични резерви постојат на секој континент. „Можеме да го земеме она што го научивме во овој мал дел од Нова Англија и да почнеме да размислуваме како тоа се применува во други области“, заклучи тој.
Фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски очекува корисна следна рунда мировни преговори
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денеска во Минхен изјави дека очекува следната рунда мировни преговори да биде сериозна, суштинска и корисна. Сепак, тој додаде дека понекогаш се чини како „страните да зборуваат за сосема различни работи“.
Нова рунда разговори меѓу претставниците на Русија и Украина, со посредство на САД, ќе се одржи во Женева во вторник и среда.
Зборувајќи на Минхенската безбедносна конференција, Зеленски рече дека клучниот фокус во мировните преговори е да се обезбеди дека „за четири години, цивилизираниот свет нема да биде принуден повторно да се оправдува, да ја префрла одговорноста и да бара некој друг да го обвини“ за уште една војна.
„Украина е подготвена за договор што ќе ни донесе вистински мир нам, на Украина и на Европа“, додаде тој и изјави дека Европа „практично не е присутна на преговарачката маса“, но треба да биде.
„Тоа е голема грешка“, рече тој.
Зеленски истакна дека би било илузија да се верува дека оваа војна сега може сигурно да се заврши со поделба на Украина. Тој повтори дека на Русија „не смее да ѝ се даде никаква надеж дека може да остане неказнета за ова злосторство“.
Тој вели дека Москва била најсериозна во врска со преговорите кога била погодена од длабоки украински напади на сопствената територија.
„Колку сме посилни, толку пореален станува мирот“, рече тој.
Свет
Грчките земјоделците го завршија протестот во Атина
Со сирени и свирење, исто како што и пристигнаа, тракторите на грчките земјоделци претпладнево си заминаа од Атина, откако во текот на ноќта останаа паркирани пред грчкиот Парламент. Околу 50 трактори вчера пристигнаа во Атина, поминаа низ низа централни улици, каде што беа пречекани и поздравени од граѓаните и случајните минувачи, а на ист начин си заминаа денеска.
Во текот на вечерта тракторите останаа паркирани на плоштадот Синтагма пред Парламентот, откако претходно, протестот заврши мирно, а свои обраќања имаа земјоделци од различни делови на земјата, пренесувајќи ги нивните ставови и барања поврзани со примарниот сектор.
Свет
(Видео) Хаос во авион, тепачка и расистички испади принудија итно слетување
Драматични сцени се одвивале во авион на авиокомпанијата „Jet2“, откако избувнала тепачка за време на летот од Анталија кон Манчестер. Поради инцидентот, авионот бил принуден итно да слета во Брисел.
Од компанијата соопштија дека летот „LS896“ бил пренасочен поради „апсолутно неприфатливо однесување на двајца патници“, кои подоцна биле симнати од авионот од страна на белгиската полиција. По интервенцијата, летот продолжил кон крајната дестинација и слетал во Манчестер околу 22 часот.
Според сведоштво на патник кој бил присутен во авионот, инцидентот започнал кога маж, кој наводно консумирал алкохол, почнал да извикува расистички навреди кон патници со пакистанско потекло.
– Иако пиеше алкохол, беше целосно свесен што зборува и што прави – изјавил сведокот, додавајќи дека ситуацијата дополнително ескалирала кога патникот не успеал да купи цигари за време на летот.
По тоа, тој станал агресивен и кон членовите на екипажот, а тензијата кулминирала со физичка пресметка во авионот.
Во еден момент ситуацијата стана многу физичка. Луѓето беа вознемирени и исплашени. Атмосферата беше хаотична – раскажал сведокот.
По принудното слетување во Брисел, двајцата патници биле приведени и симнати од летот. Од „Jet2“ потврдија дека тие се ставени на трајна „црна листа“ и повеќе нема да можат да летаат со оваа авиокомпанија.
– Како семејно ориентирана авиокомпанија имаме политика на нулта толеранција кон вакво однесување. Ќе ги преземеме сите правни чекори за да ги надоместиме трошоците што настанаа поради пренасочувањето на летот – соопшти портпаролот на компанијата.
Сведокот оценил дека инцидентот е потсетник дека „расизмот сè уште постои и нема место во општеството“.
‘FLIGHT’ CLUB: A Jet2 flight from Turkey to the U.K. was diverted to Belgium after a violent altercation broke out between passengers.
Jet2 says two passengers have been banned from flying with them, according to a report. pic.twitter.com/26FRuGhMOK
— Fox News (@FoxNews) February 14, 2026

