Свет
Полицајците од Њујорк ќе мора да имаат лично осигурување за покривање на тужбите за неодговорност
Државните власти креираат нови закони со кои ќе ги повикуваат на одговорност полицајците за несоодветно однесување, пренесува „Њујорк пост“.
Предлог-законот претставен од сенаторката Алесандра Бјаџи од Демократската партија ќе бара од полицајците да си купат полиса за лична одговорност за да ги покријат евентуалните граѓански тужби против нив за прекумерна сила и други злоупотреби како начин да се спречи несоодветното однесување.
Според сегашниот закон, полицајците што се тужени се претставувани од градскиот правен оддел, а даночните обврзници ја покриваат сметката за каква било пресуда или спогодба.
Со предлогот на Бјаџи се бара секој полицаец да си купи индивидуално осигурување за одговорност. Од Градот или од другите локални самоуправи сè уште ќе се бара да ги покријат основните полиси за осигурување за да се покријат трошоците за парница. Но, Бјаџи рече дека нејзиниот закон подобро ќе ги контролира полицајците кои ќе мора да плаќаат повисоки премии ако осигурувањето им покрие отштетни исплати за престап.
„Полицајците против кои има тужба за несоодветно постапување ќе се соочат со зголемени премии и ќе треба да ги платат тие трошоци. Целта на овој предлог-закон е финансиски да се дестимулира несоодветното полициско однесување и да се создаде одговорност за непожелното однесување“, рече таа.
Помеѓу јули 2017 и јуни 2018 година градот Њујорк исплатил 230 милиони американски долари во 6.472 случаи за несоодветно постапување или недозволено однесување на полицајци, се вели во извештајот објавен од канцеларијата на градскиот контролор Скот Стрингер.
„Додека даночните обврзници ги финансираат полицајците обвинети за несоодветно однесување, истите тие полицајци премногу често избегнуваат значајна одговорност“, рече Бјаџи.
Предлог-законот е последен во рамките на полициските мерки за одговорност, кои беа донесени од законодавната власт и преточени во закон од гувернерот Ендрју Кумо минатиот месец. Друг предлог-закон предложен минатата недела ќе им ги одзема пензиите на полицајците прогласени за виновни за несоодветно однесување.
Моментумот за мерките за одговорност на полицијата беше предизвикан од бесот и протестите по смртта на Џорџ Флојд во Минеаполис како резултат на полициска бруталност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Од строго чуван затвор во Португалија побегнаа петмина затвореници
Петмина затвореници, меѓу кои еден Британец, Аргентинец и Грузиец, како и двајца Португалци, побегнаа од строго чуваниот затвор во Вале де Жудеуш, 30 км северно од Лисабон, соопштија португалските власти.
Според португалската затворска служба, мажите на возраст од 33 до 61 година побегнале вчера во 10:00 часот со помош однадвор, користејќи скали за да ја прескокнат затворската ограда. Полицијата веднаш била испратена за да ги пронајде бегалците, соопштија властите.
Двајцата Португалци служеле казни од 25 години за дела поврзани со трговија со дрога, кражби, грабежи и киднапирања. Останатите тројца исто така биле осудени за слични кривични дела.
Затворот Вале де Жудеуш е строго обезбеден и има капацитет од 560 затвореници.
Регион
Легендарниот рокер Бора Чорба погребан со хитот “Погледај дом свој анџеле“
Легендарниот рокер, фронтмен на групата „Рибља чорба“, Бора Ѓорѓевиќ (72) денес е погребан. Семејството, колегите, но и бројни пријатели и обожаватели се собраа на Градските гробишта во Чачак за да го кажат последното збогум и да се простат од него.
Хорот на гимназијата од Чачак по црковниот обред го испеа најголемиот хит на Бора „Погледај дом свој анџеле“, а овој момент расплака многумина и тоа беше најтажната сцена од гробиштата.
Рокерот Бора Ѓорѓевиќ (72) почина во средата на 4 септември во Љубљана по тешко боледување.Легендарниот рокер ќе почива во родниот Чачак, што му беше и последна желба.
Роден е на 1 ноември 1952 година.
Свет
Вселенското летало Старлајнер на Боинг слета без екипаж
Вселенското летало Старлајнер на Боинг слета без екипаж во пустината во Ново Мексико, со што заврши тримесечната пробна мисија отежната од технички проблеми.
Вселенското летало доцна синоќа самостојно го почна своето шестчасовно патување до Земјата, а астронаутите Буч Вилмор и Сани Вилијамс, првиот екипаж што леташе со Старлајнер, останаа на Меѓународната вселенска станица (МВС).
Беше одлучено Вилмор и Вилијамс да останат на МВЦ до февруари 2025 година, бидејќи Старлајнер се врати на Земјата користејќи маневри премногу опасни за екипажот.
Леталото повторно влезе во атмосферата на Земјата околу 5 часот утрово по средноевропско време, со орбитална брзина од приближно 27.400 километри на час.
Вилмор и Вилијамс ќе продолжат да спроведуваат научни експерименти додека се во вселената, а се очекува да се вратат на Земјата во февруари 2025 година со вселенско летало на компанијата СпејкИкс.