Свет
Странските студенти ќе мора да ги напуштат САД ако универзитетите се префрлат на онлајн-часови
Странските студенти ќе бидат принудени да ги напуштат САД или да се префрлат на друг колеџ ако нивните училишта есенва понудат интернет-настава, покажуваат новите упатства издадени во понеделникот од федералните власти за имиграција, пренесува РТ.
Упатствата издадени од Американсата служба за имиграција и царина вршат дополнителен притисок за отворање на универзитетите дури и покрај растечката загриженост за неодамнешното ширење на Ковид-19 кај младите луѓе. Колеџите добија насоки истиот ден кога некои институции, вклучително и Универзитетот „Харвард“, објавија дека сите предавања ќе бидат понудени онлајн.
Претседателот Доналд Трамп инсистира училиштата и колеџите да се вратат на настава што е можно побергу. Набргу потоа Трамп повтори на „Твитер“ дека училиштата есенва мора да се отворат додавајќи дека демократите сакаат да ги задржат училиштата затворени од политички, а не од здравствени причини.
„Тие мислат дека тоа ќе им помогне во ноември. Луѓето сфаќаат погрешно!“, напиша Трамп.
Според ажурираните правила, меѓународните студенти мора да слушаат барем дел од нивните предавања лично. Нови визи нема да им се издаваат на студентите од факултетите или програмите што се целосно на интернет, па дури и на колеџи, кои нудат мешавина од лични и онлајн-курсеви оваа есен, а на меѓународните студенти ќе им биде забрането да ги слушаат сите предавања на интернет.
Тоа создава итна дилема за илјадници меѓународни студенти кои станаа заробени во САД минатата пролет кога коронавирусот ги принуди универзитетите да се преместат на интернет. Студентите на факултетите со онлајн-настава мора да ја напуштат земјата или да преземат други мерки, како што е префрлање на факултет со индивидуална настава.
Американскиот совет за образование, кој ги претставува претседателите на универзитетите, вели дека упатствата се ужасни и ќе резултираат со забуна, а факултетите бараат начини да се отворат безбедно.
Од особена загриженост е одредбата според која студентите нема да бидат ослободени од правилата, дури и ако епидемијата ги принуди факултетите на онлајн-настава за време на есенскиот семестар. Не е јасно што би се случило ако студент заврши во тоа сценарио, но се соочи со ограничувања на патувањето во матичната земја, вели Тери Хартл, постар потпретседател на советот.
Меѓународната група за образование НАФА ги осуди правилата и рече дека на факултетите треба да им се даде овластување да носат одлуки што се соодветни за нивните кампуси. Оттаму велат дека насоките се штетни за меѓународните студенти и ги става во опасност нивното здравје, благосостојба и целата заедница за високо образование.
Речиси 400.000 странци добија студентски визи во 12-месечниот период, кој заврши на 30 септември, што е помалку од 40 отсто во споредба со претходните четири години. Училишните администрации за тоа делумно го обвинуваат одложувањето на процесирањето на визите.
Колеџите во САД веќе очекуваат пад во бројот на новозапишани странски студенти оваа есен, но губењето на сите меѓународни студенти може да биде катастрофално за некои. Многу колеџи зависат од приходите од школарината од меѓународни студенти. Минатата година универзитетите во САД привлекоа речиси 1,1 милион студенти од странство.
Критичарите на Трамп бргу ги нападнаа новите упатства. Сенаторот Берни Сандерс рече дека суровоста на оваа Бела куќа не знае за граници.
„На странските студенти им се заканува избор: ризикувајте го вашиот живот за да одите на предавања или ќе бидете депортирани“, рече Сандерс во твитот. „Мора да се спротивставиме на нетолеранцијата на Трамп. Мора да ги чуваме сите наши студенти безбедни“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Uncategorized
Иран воведе санкции кон САД и Велика Британија поради поддршката кон Израел
Иранските власти денеска објавија дека воведуваат санкции против неколку американски и британски поединци и субјекти поради нивната поддршка на Израел во војната против палестинското движење Хамас во Појасот Газа.
Иранската дипломатија соопшти дека санкциите се однесуваат на седум Американци, меѓу кои и генералот Брајан Фентон, шеф на командата за специјални операции и вицеадмиралот Бред Купер, поранешен шеф на американските поморски сили на Блискиот Исток.
Од британските функционери и субјекти цел на санкциите се министерот за одбрана Грант Шапс и британската кралска морнарица во Црвеното Море.
Санкции беа најавени и против американските компании „Локид Мартин“ и „Шеврон“ и британските компании „Елбит системс“, „Паркер Мегит“ и „Рафаел УК“.
Иранското Министерство за надворешни работи додаде дека санкциите вклучуваат „блокирање на сметки и трансакции во иранскиот финансиски и банкарски систем, блокирање на средства под јурисдикција на Иран, како и забрана за издавање визи и влез на иранска територија“.
Влијанието на овие мерки врз поединци или субјекти, како и врз можните средства или трансакции со Иран, сепак, останува неизвесно.
Од почетокот на војната во Појасот Газа, предизвикана на 7 октомври со нападот на палестинското исламистичко движење Хамас на израелска територија, нагло се зголемија тензиите меѓу Израел од една страна и Иран и неговите сојузници, особено либанскиот Хезболах, од друга.
Ситуацијата се вжешти на 13 април, кога Иран изврши напад врз Израел, со 350 беспилотни летала и проектили, од кои повеќето беа пресретнати со помош на САД и други земји.
Иранските власти тогаш објавија дека дејствувале во „самоодбрана“ по смртоносниот напад што му се припишува на Израел врз иранскиот конзулат во Дамаск на 1 април.
Свет
Нетанјаху: Ако Евреите не се заштитат самите, никој нема да ги заштити
Евреите мора да бидат способни да се „одбранат“ бидејќи никој нема да ги заштити, изјави денеска израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, додека се повеќе се креваат гласови против војната што Израел ја води во Појасот Газа.
„Ако треба да се браниме, ќе се браниме. Ако е можно да се мобилизираат „оние што не се Евреи“, тоа е добро. Но, ако не се заштитиме, никој нема да го направи тоа“, рече Нетанјаху.
Премиерот ова го изјави на приемот на преживеаните од нацистичкиот геноцид кои во недела ќе учествуваат на церемонијата на Денот на сеќавањето на Холокаустот во меморијалниот центар Јад Вашем.
Разорната војна што Израел ја започна во Појасот Газа како одмазда за нападот на палестинското движење Хамас на 7 октомври во Израел предизвикува зголемени критики ширум светот.
Осврнувајќи се на студентското движење во знак на солидарност со Палестинците во градовите на американските колеџи, Нетанјаху рече дека ги осудува „страшните демонстрации на антисемитските орди кои повикуваат на уништување на Израел и ги напаѓаат еврејските студенти и професори“.
Нетанјаху, исто така, се соочува со отворено меѓународно противење на неговата намера да започне голема офанзива врз градот Рафах, во јужниот дел на Појасот Газа.
Тоа е засолниште за еден и пол милион Палестинци, од кои огромното мнозинство се раселени поради војната, додека израелските власти сметаат дека градот е последното упориште на борците на Хамас.
Свет
Трамп: Погледнете ги Лондон и Париз, тие се непрепознатливи
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп изјави за време на предизборниот митинг во Висконсин дека Лондон и Париз се „непрепознатливи“, пренесува „Politico“.
„Видовме што се случи кога Европа ги отвори вратите за џихад. Погледнете го Париз, погледнете го Лондон. Тие се непрепознатливи“, рече Трамп, кој ќе се кандидира за нов мандат во Белата куќа на претседателските избори во ноември годинава.
„Ќе влезам во многу проблеми со луѓето во Париз и луѓето во Лондон, но знаете што, тоа е факт. Тие се непрепознатливи и не можеме да дозволиме тоа да и се случи на нашата земја. Имаме неверојатна култура, традиција. Не можеме да дозволиме тоа да се случи овде и никогаш нема да дозволам да им се случи на Соединетите Американски Држави“, рече тој.
Трамп често ги критикуваше европските земји. Во декември 2015 година, набргу откако Париз беше погоден од смртоносен исламистички терористички напад, тој рече дека населбите во Париз и Лондон се толку опасни што полицијата одбила да оди таму. Во тоа време, Трамп го бранеше својот план „целосно да им забрани на муслиманите да влезат во САД“.
И покрај тоа што беше критикуван за тие забелешки, Трамп продолжи да ја брани својата позиција. „Вистинскиот Париз е различен од Градот на светлината за кој читате. Има области во Париз каде луѓето се толку радикализирани и толку злобни, што полицијата одбива да оди таму. Тие нема да одат таму. Тоа ќе се случи на нашата земја“, предупреди тој.
Во јануари 2016 година тој изјави дека животот во Брисел е како да живееш во „пекол“ поради недостаток на „асимилација“ на муслиманското население.