Европа
Полска ќе испрати авиони „Ф-16“ во Украина
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2023/01/6ae11f68-4c50-4b51-a782-8e4fa73fea4f.jpg)
Полскиот премиер Матеуш Моравјецки денеска изјави дека Полска е подготвена да испрати борбени авиони „Ф-16“ од американско производство.
„По ова прашање, ќе дејствуваме во координација со другите членки на НАТО и со САД“, рече Моравјецки.
Сè повеќе воени претставници во Пентагон тивко лобираат да одобрат испраќање борбени авиони ‘Ф-16’ во Украина за да ѝ помогнат да се одбрани од руски беспилотни летала и ракети, потврдија за „Политико“ три извори запознаени со ситуацијата.
Американските „Ф-16“ се блиску до врвот на листата на желби на Украина од почетокот на руската инвазија. Сепак, и Вашингтон и Киев досега им даваа приоритет на артилеријата, оклопните возила и на системите за противвоздушна одбрана поради потребата да се заштити цивилната инфраструктура, но и да се почне со ослободување на териториите окупирани од руските сили.
Но, имајќи предвид дека Украина планира да почне нова офанзива напролет за ослободување на окупираните територии, кампањата за испраќање борбени авиони на Украинците се вжештува во американското Министерство за одбрана, претставник на Министерството и уште две лица вклучени во разговорите во Пентагон потврдија за „Политико“.
Во саботата висок украински функционер изјави дека Украина и нејзините западни сојузници почнале разговори за можно распоредување борбени авиони и ракети со долг дострел. Советник на украинската влада изјави дека темата била иницирана во разговорите со Вашингтон додавајќи дека „сè уште нема ништо сериозно“ на масата.
Еден извор на „Политико“, запознаен со разговорите меѓу Вашингтон и Киев, рекол дека „може да поминат неколку недели“ пред американската одлука за испраќање сопствен авион „Ф-16“ или одобрение за други земји за реекспорт на такви авиони во Украина.
„Ако ги добиеме, нашата предност на бојното поле ќе биде огромна… Не зборуваме само за ‘Ф-16’, туку сакаме авиони од четврта генерација“, изјави за „Ројтерс“, Јури Сак, советник на украинскиот министер за одбрана, Олексеј Резников.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Европа
Украинска политичарка застрелана во глава: „Ситуацијата е сериозна“
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/Screenshot-2024-07-19-215957.jpg)
Непознат сторител пукал во Ирина Фарион, поранешна украинска пратеничка од крајната десница, соопштија украинските власти. Фарион (60) е хоспитализирана со прострелна рана во главата, соопшти украинската национална полиција. Нејзината состојба е „исклучително сериозна“, додаваат тие.
Полицајците се обидуваат да го идентификуваат напаѓачот, пишува Киев Индепендент. Претседателот Володимир Зеленски беше информиран за ситуацијата од страна на министерот за внатрешни работи и шефот на Службата за безбедност на Украина (СБУ).
„Секое насилство е за осуда и кој и да е одговорен мора да ги сноси последиците“, рече Зеленски.
Ирина Фарион, која е позната по нејзините контроверзни изјави за употребата на рускиот јазик во Украина, се приклучи на ултранационалистичката партија Свобода во 2005 година и беше пратеник во парламентот меѓу 2012 и 2014 година.
Во јуни 2024 година, таа беше вратена како професорка на Катедрата за украински јазик на Политехничкиот универзитет во Лавов, набргу откако беше отпуштена. Фарион предизвика бес кога на 6 ноември рече дека не може да ги нарекува украинските војници украински ако зборуваат руски.
Скандалот околу нејзините изјави ескалира откако таа наводно добила порака за поддршка од Максим Хлебов, проукраински студент кој живее на окупираниот Крим. Таа го објави мејлот на своите социјални мрежи, по што наиде на остри критики.
Службата за безбедност на Украина (СБУ) во ноември 2023 година соопшти дека Фарион е под кривична истрага и за нејзините изјави за војниците кои зборуваат руски и за протекувањето на пораката на Хлебов.
Европа
Русите нудат парична награда за првиот уништен Ф-16
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/ruski-vojnik.jpg)
Руски фирми нудат парични награди за уништување на F-16 Fighting Falcons, охрабрувајќи ја својата војска да ги уништи западните авиони кои наскоро ќе се појават над небото на Украина.
Ова првпат беше објавено на каналот Телеграм на руското Министерство за одбрана на почетокот на оваа недела.
„Ќе има награда за уништување на борбените авиони Ф-15 и Ф-16. Наградата за првиот ќе биде 15 милиони рубли“, се вели во објавата, цитирајќи го директорот на руската нафтена компанија ФОРЕС Илја Потанин.
Инаку, 15 милиони рубљи се еднакви на околу 170.000 долари или околу 155.500 евра.
Министерството за одбрана соопшти дека се понудени и парични награди од 500.000 рубљи за уништување на тенковите на НАТО во Авдиивка, пренесува „Њузвик“.
На приложеното видео во објавата на Телеграм, може да се видат руски војници како добиваат награди и се ракуваат со нивните претпоставени офицери.
Европа
Зеленски ја моли новата британска влада: „Дозволете ни да ја нападнеме Русија со моќни ракети“
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/Screenshot-2024-07-19-194232.jpg)
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска им се обрати на министрите на новата британска влада, на покана на премиерот Кир Стармер, и го повтори апелот до западните сојузници да дозволат напади врз Русија со ракети со долг дострел.
Зеленски е првиот странски лидер кој лично се обратил пред британскиот кабинет откако поранешниот американски претседател Бил Клинтон го стори тоа во 1997 година.
Украинскиот претседател рече и дека Британија треба да ги убеди своите партнери, кои зазедоа различни позиции за тоа како Украина може да го користи оружјето што им е доставено, да ги укинат ограничувањата за употреба на оружје и муниција.
„Во моментов го немаме главниот одговор на тоа прашање, што се однесува на нашите долгорочни можности. Ве молиме, убедете ги другите партнери да ги укинат овие ограничувања“, рече Зеленски.
Стармер му рекол на Зеленски дека Британија ќе ја забрза испораката на клучната помош за Украина, откако неговиот министер за одбрана на почетокот на овој месец потврди дека помошта ветена од претходната конзервативна влада ќе биде доставена за 100 дена.