Свет
Поранешен снајперист: Убеден сум дека атентаторот на Трамп имал помош однатре
Снајперистот ветеран, кој го држи светскиот рекорд за најдолг потврден снајперски удар, тврди дека напаѓачот на Доналд Трамп имал помош.
Далас Александар, кој помина 14 години во канадски армиски снајперски тим заштитувајќи ги светските лидери, вклучително и канадскиот премиер, во видеоснимка сугерира дека 20-годишникот што отвори оган на митингот на Трамп во саботата вечерта можеби имал внатрешна помош.
„Напаѓачот мораше да има помош. Штом ја видов снимката од воздух, немаше смисла за мене. Знам вакви ситуации и убеден сум дека напаѓачот имал помош од агенција, организација или влада“, рекол Александар во видеото објавено на „Инстаграм“ и „Икс“.
„Кога ја видов втората, таа воздушна фотографија од она што се случи, веднаш ми немаше смисла. Невозможно е среде бел ден да се качите на покривот на растојание од неколку стотини метри. Не можете да влезете во таа позиција со пушка кога зборува претседателот. Тоа не може да се случи“, вели тој.
Додава: „Не мора да бидеш снајперист – тоа е најочигледната работа, најочигледното место на светот. Можеш да бидеш седмоодделенец и да кажеш: „Што треба да направиме за безбедноста? Па, ајде да ги погледнеме овие покриви, кои се речиси во опсегот на пушката“.
Тој тврди дека сигурно имало некаква помош однатре.
„Не покажувам со прст кон никого, но очигледно е дека овој човек имал помош да влезе таму. Без разлика дали некој замижувал или било стратешки планирано, тоа морало да се планира на одредено ниво бидејќи настаните како овој, безбедноста ваква каква што била, тоа не е мала работа“, рече тој.
Тој посочи на уште еден детаљ, кој го смета за чуден.
„Многу е чудно што ако некој има вештина да се прикраде на 200 метри од една од најтешките цели во светот, да не го погоди првиот истрел. Ако имате вештина да се прикрадете и да ги избегнете сите слоеви на безбедност, тогаш ќе имате вештина да го погодите првиот куршум, едноставно, сето ова нема смисла“, рече Александар, според „Дејли мејл“.
Тој рече дека „неговиот став е оти напаѓачот имал помош и тоа е загрижувачки“ и дека верува оти „ова ќе биде тема уште некое време“.
Далас Александар го објави видеото додека и републиканците и демократите повикуваат на итна истрага за одговорот на Тајната служба на пукањето. Очевидци ја известиле полицијата за маж со пушка на покривот, но го изгубиле од вид пред да пука.
Џозеф Ла Сорса, поранешен агент на Тајната служба, изјави за „Дејли мејл“ дека на поранешните претседатели, вклучувајќи го и Трамп, им треба подобра заштита и објасни зошто агентите можеби не го виделе напаѓачот.
„Запомнете, тие гледаат на 360 степени, а вие се занимавате со секунди. Можеби тие гледаа на 240 степени во тој случај. Тие гледаат многу области и му требаа само неколку секунди за тој поединец да дојде таму горе и, за среќа, тој беше 20-годишен, а не врвен стрелец, за среќа на сите нас како земја, тој имаше само 20 години“, рече тој.
Тој додаде: „Да не беше неутрализиран, можеше да продолжи да пука. Фактот што контраснајперскиот тим го елиминира е голема среќа за земјата бидејќи ова можеше да биде илјадапати полошо“, додаде тој.
Претседателот Џо Бајден вети независна истрага за настаните на митингот.
„Упатувам независна истрага за безбедноста на вчерашниот митинг за да се утврди што точно се случило“, рече Бајден.
Републиканците во Домот планираат да ја испрашаат шефицата на Тајната служба, Кимберли Читл, на 22 јули, а пратениците бараат одговори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Франција издаде налог за апсење на Башар ал Асад
Француското правосудство вчера издаде налог за апсење на соборениот сириски лидер Башар ал Асад под сомнение дека учествувал во воени злосторства, особено во врска со смртта на маж со француско-сириско потекло во 2017 година. Истражните судии го сомничат Асад за соучесништво во убиства и напади врз цивили.
Весникот Le Parisien објави дека 59-годишен маж бил убиен кога неговата куќа, во јужниот сириски град Дара, била бомбардирана од хеликоптери на сириската армија во јуни 2017 година. Повикувајќи се на истражители, весникот наведува дека француското правосудство се сомнева дека Асад го наредил нападот и ги обезбедил потребните средства за него. Во тоа време, владата на Асад се обидуваше да ја преземе контролата врз Дара од опозициските сили.
Во 2023 година, француското правосудство издаде налог за апсење на Асад во врска со напади со хемиско оружје. Ова особено се однесува за тешките хемиски напади во регионот Источна Гута во близина на Дамаск во август 2013 година. Во нападот со нервен гас сарин загинаа стотици луѓе. Организациите за човекови права известуваат за повеќе од 1.000 смртни случаи.
Свет
Зеленски: Потребни ни се најмалку 200.000 војници за да се одржи мирот во Украина
Потребни ни се најмалку 200.000 војници за да се одржи мирот во Украина, изјави претседателот на земјата, Володимир Зеленски, посочувајќи на важноста на независноста на Европа во одбраната на континентот.
Украинскиот претседател ја нагласува потребата за европско единство и зајакнување на одбранбените капацитети во светло на зголемените тензии.
Зеленски додаде дека Европа мора да стане независен глобален играч, особено сега кога Русија започна агресивни акции. Учеството на Северна Кореја во конфликтот и географската близина на фронтот со Европа дополнително ја нагласуваат потребата од итен одговор.
Украинскиот претседател објаснува дека за ефикасна мировна операција ќе биде потребно распоредување на најмалку 200.000 војници од европските земји.
Тој ја отфрли можноста за намалување на украинската армија, што е едно од барањата на Кремљ.
„Ова го сака Путин. Нема да дозволиме тоа да се случи“, рече Зеленски, додавајќи дека неговиот тим работи на организирање средба со Трамп.
Зеленски нагласува дека членството во НАТО е најдобрата гаранција за постигнување прекин на огнот, иако некои земји, вклучувајќи ги САД, Германија, Унгарија и Словачка, имаат резерви по ова прашање.
Во последниве недели, Зеленски разговараше со европските партнери за можна мировна мисија, вклучително и францускиот претседател, Емануел Макрон, и британскиот премиер, Кир Стармер, кои го посетија Киев.
Во својот говор во Давос, Зеленски ги повика земјите од ЕУ да инвестираат повеќе во технологијата и одбраната, особено во производството на беспилотни летала и модерни системи за воздушна одбрана, истакнувајќи дека Русија има способност да мобилизира значително поголеми воени сили од која било европска земја.
Зеленски предупредува дека ако Путин победи во Украина, може да продолжи да напаѓа други земји.
Европа
Семејството се спаси, но не и 17-годишната девојка: заедно бегале од пожарот во турскиот хотел, а потоа таа исчезнала
Најмалку 76 лица загинаа во страотниот пожар што избувна во хотел во Турција среде ноќ, меѓу кои и една тинејџерка (17), чие цело семејство избега.
Стоматологот Мачит Каратасли и неговото семејство биле на одмор во хотел во ски-центар кога избувнал пожарот. Семејството кое беше зафатено во пожар додека спиеше, како и повеќето гости, среде голема паника успеало да побегне од хотелот. Меѓутоа, неговата ќерка Озум (17) не преживеала.
Според медиумите, семејството почнало да бега од пожарот, но во еден момент Озум истрчала во друга насока и исчезнала.
Семејството почнало да ја бара веднаш по несреќата, но за жал дошло до трагично откритие. Нивната ќерка не можела да го напушти хотелот и загинала во пожарот.
Турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја синоќа изјави дека бројот на загинати во хотелот во ски-центарот Карталкаја се искачи на 76, а во врска со пожарот досега се приведени девет лица.
Пожарот што вчера рано наутро избувна на последните катови на хотелот „Гранд Картал“ од засега непозната причина траеше десетина часа, а во гаснењето учествуваа и пожарникари од околните градови, јавува Анадолија.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган објави дека среда, 22 јануари, е прогласен за ден на национална жалост за жртвите од пожарот.