Свет
Последниот автобус со бегалци го напушти Нагорно-Карабах
Последниот автобус со ерменски бегалци ја напушти планинската енклава Нагорно-Карабах во Азербејџан, изјави денеска во Ереван портпаролката на ерменската влада. Назели Багдасарјан рече дека во Ерменија пристигнале 100.514 бегалци кои биле принудени да ги напуштат своите домови во енклавата. Другите пристигнаа со приватни автомобили, рече таа.
Багдасарјан рече дека многумина пристигнале со здравствени проблеми, а некои биле неподвижни. Оние Ерменци кои се уште се во енклавата треба да се пријават во Црвениот крст, објасни таа. Азербејџанската влада со денови инсистираше на тоа дека нема основа за бегство и дека жителите ќе бидат интегрирани според правилата на земјата.
Сепак, на азербејџанскиот претседател Илхам Алиев се гледа како на авторитарен лидер, земјата нема новинарска слобода и е цел на критики за кршење на човековите права. Зборувајќи денеска во Баку, Алиев истакна дека Азербејџан се карактеризира со повеќе етнички заедници и религии. „Живееме како семејство“, ја пренесоа неговата изјава локалните медиуми. „Сега е време да се создаде слобода на Кавказ“, додаде тој.
Алиев претходно најави дека десетици илјади Азербејџанци ќе се преселат во Нагорно Карабах. Ерменија ја обвини владата во Баку за етничко чистење. Минатиот месец Азербејџан започна молскавична воена операција во Нагорно-Карабах, принудувајќи ја капитулацијата на самопрогласената Република Арцах, која не беше меѓународно признаена.
Ерменските водачи кои управуваа со областа рекоа дека таа ќе биде укината од почетокот на следната година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Едно лице загина, а 32 се повредени во Кувајт
Министерството за здравство на Кувајт соопшти дека едно лице е убиено, а 32 се ранети „поради актуелните случувања во регионот“.
Повредените се лекуваат во болницата Ал-Адан, соопшти Министерството.
Свет
Масовно пукање во Америка, најмалку тројца мртви
Најмалку три лица се убиени, а 14 повредени во масовно пукање што се случи денеска во бар во Остин, Тексас, соопшти полицијата. Сите 14 повредени се однесени во болница, а тројца се во критична состојба.
Полицијата потврди дека осомничениот за нападот е убиен на местото на настанот во размена на оган со полицајците.
Властите сè уште не го објавија идентитетот на напаѓачот ниту коментираа за можен мотив за нападот.
Свет
Кина остро го осуди убиството на Хамнеи, повика на прекин на воените дејствија
Кина соопшти дека „остро го осудува“ убиството на иранскиот врховен лидер ајатолахот Али Хамнеи од страна на САД и Израел и повторно повика на прекин на воените дејствија, пренесува „Гардијан“.
Министерството за надворешни работи во Пекинг наведе дека станува збор за „тешко кршење на суверенитетот и безбедноста на Иран, како и на целите и принципите на Повелбата на ОН и основните норми на меѓународните односи“.
„Кина решително се спротивставува и остро го осудува тоа“, се додава во соопштението, со повик за „итен прекин на воените операции“.
Осудата следеше по телефонски разговор меѓу кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји и рускиот министер Сергеј Лавров, за кој кинеските државни медиуми јавија дека бил инициран од руската страна. Ванг изјавил дека „дрското убиство на суверен лидер и поттикнувањето на промена на режим“ од страна на САД и Израел е „неприфатливо“.
Фото: depositphotos

