Европа
Прага бара руската амбасада да го ослободи објектот, на таа локација ќе се прави парк

Властите во Прага бараат руската амбасада во Чешка да го напушти просторот што моментно го зафаќа на површина од пет илјади квадратни метри, кој пред 1968 годинина бил дел од паркот „Стромовка“, изјави шефот на овој прашки округ, Јан Чизински.
„Градскиот совет на Прага ја повика републичката влада да почне преговори за просторот што моментно го окупира руската амбасада за тој да ѝ биде вратен на државата како што беше пред инвазијата на силите на Варшавскиот пакт во 1968 година“, објави Чизниски на својот профил на „Твитер“.
Чешките медиуми објавија дека градските власти планираат да засадат дрвја и цвеќиња во таа област и да ја претворат во парк, како што на таа локација било пред август 1968 година.
Чешка денеска ја напуштија 18 вработени во руската амбасада, кои тамошните власти ги прогласија за персона нон грата, изјави портпаролката на руската дипломатска мисија, Марија Семјонова.
„Осумнаесет вработени во руската амбасада и членови на нивните семејства ја напуштија територијата на Чешка“, изјави Семјонова за агенцијата ТАСС.
Чешки официјални лица тврдат дека овие 18 руски дипломати се членови на руските разузнавачки служби.
Во исто време официјална Прага ги обвинува руските тајни служби за вмешаност во подметнатата експлозија во складиште за муниција во Врбетице во 2014 година, при што загинаа две лица.
Како одговор на ваквиот потег Русија протера 20 вработени во амбасадата на Чешка во Москва.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Украина припаѓа на Европската Унија, му рече данската премиерка на Зеленски

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, пристигна во Орхус, западна Данска, каде што ќе присуствува на одбележувањето на почетокот на данското претседателство со Советот на Европската Унија.
Според најавата на данската влада, Зеленски ќе разговара со премиерката Мете Фредериксен, претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, и со претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста.
Тие ќе разговараат за поголема воена поддршка за Украина, соработка со украинската одбранбена индустрија и нови санкции против Русија.
„Украина припаѓа на Европската Унија, тоа е во интерес и на Данска и на Европа. Затоа данското претседателство ќе направи сè што може за да ѝ помогне на Украина на патот кон членство во ЕУ“, рече Фредериксен.
Данската премиерка истакнува дека ЕУ мора да ја зајакне Украина и да ја ослаби Русија.
„Украина е клучна за безбедноста на Европа. Мора да го зголемиме притисокот врз Русија“, рече Фредериксен.
Европа
Анкета: Германците сакаат да го укинат пиењето под надзор кај тинејџерите

Мнозинството Германци сакаат построги закони за заштита на младите од алкохол, вклучително и елиминација на контролирано пиење, што им овозможува на 14-годишниците да нарачаат пиво во бар ако се во придружба на законски старател, покажува анкета објавена денес.
Резултатите од анкетата на „Форса“, нарачана од компанијата за здравствено осигурување Kaufmännische Krankenkasse (KKH), покажуваат дека 65 проценти од Германците ја поддржуваат забраната за контролирано пиење алкохол од страна на малолетници. Според сегашниот закон, на тинејџерите им е дозволено да купуваат и да пијат пиво, вино и пијалаци на база на вино на јавно место ако се во придружба на старател.
Тесно мнозинство од 52 процента од испитаниците исто така сакаат да се зголеми законската возраст за купување и пиење алкохол од 16 на 18 години. Анкетата, спроведена во јуни, опфати 1.004 испитаници од цела Германија на возраст меѓу 18 и 70 години.
Забраната за контролирано пиење ја застапуваат и покраинските министри за здравство, а ја поддржува и федералната министерка за здравство, Нина Варкен. Алкохолот е значаен проблем за децата и за тинејџерите, изјави Катарина Шенк, министерка за здравство во источногерманската покраина Тирингија и претседателка на Конференцијата на министрите за здравство.
Медицинските здруженија долго време апелираат до креаторите на здравствените политики да вложат поголеми напори за намалување на потрошувачката на алкохол во Германија. Германското здружение за исхрана препорачува целосна апстиненција од алкохолни пијалаци наведувајќи дека „не постои безбедно ниво на потрошувачка“.
„Колку порано младите луѓе почнуваат да пијат, толку се поголеми здравствените ризици“, вели психологот на KKH, Франциска Клем.
Покрај краткорочните последици, како што се несреќи, повреди и насилство, алкохолот го зголемува и ризикот од рак, кардиоваскуларни заболувања и заболувања на црниот дроб. Алкохолот е особено штетен за адолесцентите бидејќи нивните тела сè уште се во развој и затоа се почувствителни на неговите токсични ефекти, објавува агенцијата ДПА.
Европа
Украински функционер: Европа прави сè што може, но ќе биде тешко без американско оружје

Украина ги повика САД да продолжат со „континуираната“ воена помош, по изненадувачката најава дека некои испораки на оружје за Киев ќе бидат запрени, додека Вашингтон се обиде да го намали значењето на паузата.
Тоа е сериозен удар за Украина во време кога Русија ги засилува нападите во отсуство на дипломатски напредок за решавање на конфликтот. Американскиот претседател Доналд Трамп му се обраќа на рускиот претседател Владимир Путин од јануари, обидувајќи се да изврши притисок врз него да ги запре борбите, но без да постигне конкретен напредок.
Вчера, сосема неочекувано, неговата администрација објави дека престанала да испорачува одредени видови оружје во Киев, официјално поради загриженост за намалувањето на залихите на муниција во САД, од каде што доаѓа најголемиот дел од воената помош за Украина од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година.
Американските претставници вчера се обидоа да го минимизираат влијанието на потегот, без да дадат детали. „Министерството за одбрана продолжува да му презентира опции на претседателот во врска со воената помош за Украина, во согласност со целта за завршување на оваа трагична војна“, изјави портпаролот на Пентагон, Шон Парнел, за новинарите.
Портпаролката на Стејт департментот, Тами Брус, на брифингот изјави дека „ова не е суспензија на американската помош за Украина или испораката на оружје“, туку „изолиран инцидент“.
Оружјето, муницијата и опремата од Соединетите Американски Држави, како и разузнавачките информации, им овозможија на украинските сили да ги сопрат руските трупи, кои окупираа речиси 20 проценти од украинската територија. Украина останува зависна од американските испораки на оружје, изјави за АФП висок украински воен функционер.
„Европа прави сѐ што може, но ќе ни биде тешко без американска муниција“, додаде тој. Синоќа, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека Вашингтон и Киев се обидуваат да ги „разјаснат сите детали“ во врска со воената помош што Соединетите Американски Држави сè уште ја обезбедуваат. „Продолжената американска помош за нашата одбрана и нашиот народ е во наш заеднички интерес“, рече тој.