Свет
Путин и Ердоган разговара за примирјето во Сирија и за мировен дијалог во Астана

Претседателите на Русија и на Турција, Владимир Путин и Реџеп Тајип Ердоган, во текот на телефонскиот разговор во четвртокот изразија задоволство од условите од договорот за решавањето на кризата во Сирија и за намерите да ја продолжат заедничката соработка во борбата против тероризмот, информираше Кремљ.
„Изразено беше задоволство од договорот меѓу сириската влада и ткн умерена опозиција за прекин на борбените дејствија на целата територија на Сирија и преминување кон политичко решение, кој беше постигнат со посредување на Русија и на Турција“, објави службата за информирање на рускиот претседател.
Москва и Анкара во сирискиот конфликт, кој започна во март 2011 година, поддржуваат различни страни. Русија стои зад сирискиот алавитски (шиитски) претседател Башар ал-Асад и неговата влада, додека Турција ја поддржува сунитската вооружен опозиција, којашто Западот ја означува како „умерена“ во намерата да ги дистанцира од екстремните исламистички групации. Анкара, исто така, до неодамна инсистираше на заминувањето од политиката на Асад, но се чини дека по приближувањето со Москва го ублажува ставот и се согласува со неговата позиција во политичката транзиција на земјата.
Од Кремљ, исто така, истакнуваат дека „челниците се согласија на натамошно јакнење на соработката во справувањето со тероризмот и, особено, истакнаа дека примирјето не се однесува на терористичките групи, во прв ред на Исламската држава“.
„Во тој контекст беше истакната важноста од преземените напори за организација на процесот на преговарање (меѓу двете завојувани страни во Сирија – з.р.) во Астана“, се истакнува во соопштението на Кремљ.
Претходно Путин и Ердоган со согласија околу неопходноста за спроведување преговори за решавање на состојбата во Сирија во Астана, а казахстанскиот претседател Нурсултан Назарбаев, кој би бил домаќин, ја поддржа таквата иницијатива. Сепак, засега не е одреден датумот за почетокот на тие преговори.
Во четвртокот рускиот претседател објави дека е постигнат договора за прекин на огнот во Сирија и подготвеноста на владата и на вооружените формации на опозицијата да започнат мировни преговори. Според Путин, потпишани се три документа во таа насока.
„Првиот документ е меѓу сириската влада и вооружената опозиција за прекин на огнот на целата територија на Сирија. Вториот документ претставува комплекс од мерки за контрола на режимот на прекинот на огнот и третиот е изјава за подготвеноста за почеток на мировните преговори за решавање на сириската криза“, прецизираше Путин.
Рускиот претседател, исто така, ја поддржа иницијативата на неговиот министер за добрана Сергеј Шојгу за намалување на руското воено присуство во Сирија во атмосфера на новата ситуација по потпишувањето на договорот.
Путин притоа истакна дека Русија „безусловно ќе ја продолжи борбата со меѓународниот тероризам, а и натаму ќе дава поддршка на легалната сириска влада во борбата со тероризмот“. „Се разбира, ќе се придржуваме до договореното кои беа постигнати, вклучително и за развојот на точките на кои се распоредени руските вооружени сили во Тартус и на аеродромот Хмејмим“, додаде.
Министерот Шојгу изјави дека примирјето опфаќа единици во вкупна бројност од 60.000 борци во централниот и северниот дел на Сирија, во чиешто вооружување има и тенкови и артилерија. „Во преговорите учествуваа највлијателните команданти на седум опозициски формации“, додаде Шојгу.
Рускиот министер за надворешни работ Сергеј Лавров истовремено извести дека трите споменати договора ќе бидат претставени во Советот за безбедност на ОН. Според него процесот за постигнување мир во Сирија што го започнаа Русија и Турција со поддршка на Иран бил поздравен од генералниот секретар на ОН во заминување, Бан Ки-мун, како и од неговиот наследник на должноста Антонио Гутереш.
„Во текот на целиот овој заеднички процес со турската и иранската страна, ги информиравме за нашите дејствија нашите партнери во регионот“, рече Лавров./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Најмалку десет деца загинаа при превртување на чамец на езеро во Пакистан

Најмалку десет деца загинаа кога се преврте чамец на езерото Танда Дам во Пакистан, пренесува „Скај њуз“. Уште девет се сметаат за исчезнати.
Шестмина се спасени, а тројца се во критична состојба.
Локалната полиција соопшти дека на чамецот имало 25 ученици од верско училиште и дека биле на пикник.
Децата биле на возраст од 11 до 13 години.
Истиот чамец претходно превезувал група од 16 ученици преку езерото.
„Според првите пријави, чамецот се превртел поради преоптоварување“, соопштија од полицијата.
Неколку часа пред оваа несреќа, автобус падна од мост во Пакистан, при што загинаа најмалку 40 луѓе.
Свет
Шефот на американската дипломатија на турнеја по Блискиот Исток, прва станица му е Египет

Американскиот државен секретар, Антони Блинкен, пристигна во Каиро, прва дестинација од турнејата на Блискиот Исток каде повторно се разгоре израелско-палестинскиот конфликт, со минимални шанси да се искористи американското влијание за да се намалат тензиите.
Пред да замине за Ерусалим и Рамала, каде што ќе престојува утре и вторник, Блинкен се среќава со египетскиот претседател Фатах ал-Сиси и министерот за надворешни работи Самех Чукри.
Во Египет, главен регионален сојузник на САД, Блинкен првенствено ќе разговара за Либија и Судан, но веројатно во тие дискусии ќе доминира конфликтот меѓу Израел и Палестинците. Каиро, имено, традиционално ја игра улогата на посредник меѓу двете страни.
Безбедносната ситуација во Израел и на палестинските територии драстично се влоши, со палестинските убиства на цивили пред синагога и интервенција на израелската армија во Џенин, на Западниот Брег.
Во четвртокот девет Палестинци беа убиени, а 20 ранети во судирите со израелските војници во Џенин на Западниот Брег. Израел објави дека операцијата во Џенин била спроведена со цел апсење на членови на милитантната група Исламски џихад.
Потоа, во палестинските напади вчера и петок беа убиени седум лица, а 12 беа ранети. Вчера две лица беа ранети во напад во источен Ерусалим, кој израелската полиција го опиша како терористички напад, додека ден претходно во напад на синагога во истиот град загинаа седум, а ранети беа десет Израелци. Нападот на синагогата беше извршен на Меѓународниот ден на сеќавање на холокаустот.
Во светлината на повторното разгорување на насилството, треба да се очекува Блинкен да разговара со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и палестинскиот претседател Махмуд Абас за потребата од примена на итни мерки за смирување на ситуацијата.
САД претходно најостро го осудија нападот во Источен Ерусалим како грозоморен чин и рекоа дека посветеноста на САД за безбедноста на Израел останува цврста. Но, се чини дека просторот за маневрирање на американскиот државен секретар е ограничен на повици за смиреност и аналитичарите не очекуваат премногу од посетата на Блинкен. Сметаат дека Вашингтон ќе застане на повеќекратните повици за решение кое предвидува две посебни држави.
Гаит Ал-Омари, експерт од Вашингтонскиот институт, смета дека посетата не сигнализира никаква промена на американската позиција кон израелско-палестинскиот конфликт, но убеден е дека разговорот со Махмуд Абас нема да биде пријатен.
Аналитичарите оценуваат и дека со оваа посета на Блинкен, Вашингтон дава до знаење дека сака итно да се поврзе со Нетанјаху, со кого администрацијата на демократскиот претседател Џо Бајден од почетокот има затегнати односи.
Пред посетата на Блинкен на Израел, советникот за национална безбедност на Белата куќа Џејк Саливан го увери израелскиот премиер за американската поддршка за Израел.
За време на денешната посета на Египет, кој ужива дарежлива американска воена помош, Блинкен ќе се сретне и со претставници на граѓанското општество кои потсетуваат дека дури 60.000 политички затвореници тлеат во египетските затвори.
Регион
Во Сплит казната за одење во костим за капење на улица и пиење алкохол на јавно место е 150 евра

На првиот ден од годинава во Сплит стапи на сила новата одлука за комунален ред во која се пропишани повисоки казни за прекршителите, па може да се очекува летово да нема туристи во костими за капење на улиците, бидејќи доколку бидат фатени по комунален ред ќе им следува казна од 150 евра, известуваат хрватските медиуми.
Истата казна од 150 евра е пропишана и за оние кои пијат алкохол на јавни места, а казната за шетање куче без поводник е согласно одлуката за условите и начинот на чување миленици и изнесува 66,36 евра за физичко лице.
Жителите на Сплит и нивните гости по улиците ќе ги надгледуваат 21 комунален редар, а уште 12 ќе чекаат на повик во зградата на градската управа.
Од август 2020 година, градот Дубровник има слична одлука за комунален ред, а минатата година првите разголени туристи платија општински казни од 1.000 куни.
Новата сплитска одлука за комунален ред е донесена на последната седница на Градскиот совет во 2022 година, а стапи на сила од новата година.