Свет
Путин: Може да се соочиме со борба сите против сите

Постои можност да се соочиме со колапс на светскиот развој и борба на сите против сите, изјави рускиот претседател Владимир Путин на Меѓународниот економски форум во Давос.
„Ситуацијата може да се развие непредвидливо и неконтролирано, доколку, се разбира, ништо не се стори за да се спречи тоа да се случи. Покрај тоа, постои можност да се соочиме со вистински колапс во развојот на светот што може да доведе до тоа секој да се бори против секого“, рече руски лидер.
Според него, глобалниот безбедносен систем во моментот се деградира – регионалните конфликти се размножуваат во светот, а меѓународните институции слабеат.
„Како што е познато, неможноста и неподготвеноста суштински да се решат ваквите проблеми во 20 век резултираа со катастрофа во Втората светска војна“, додаде Путин.
Сепак, претседателот се надева дека конфликт како Втората светска војна не е можен во сегашните услови.
„Се разбира, сега таков глобален конфликт, се надевам, во суштина не е можен. Навистина се надевам дека е така. Тоа би значело крај на цивилизацијата“, прецизира Путин.
Тој исто така рече дека се зголемува степенот на агресивна реторика во надворешната политика на одредени земји.
„ Може да се очекува дека природата на практичните активности ќе стане поагресивна“, изјави рускиот претседател.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Две лица загинаа при уривање на училиште во Москва

Две лица загинаа при уривање на градежни конструкции за време на реконструкција на училиште во Москва. Спасувачките екипи интензивно трагаат по исчезнатите, а на терен се присутни и службите за итна помош и полицијата. Едно лице е спасено живо.
„Четири ката од зградата се срушија, а се стравува дека под урнатините има уште минимум шест лица,“ изјавија од руската полиција.
Овој настан доаѓа само неколку дена откако руските власти отворија истрага поради уривање на плафон во училиште во Владивосток, каде повредено беше 12-годишно девојче.
Истражните органи продолжуваат со работа за да ги утврдат причините за несреќата и дали има пропусти во безбедносните мерки.
Свет
Трамп воведува такса од 100.000 долари за визи за странски работници

Кабинетот на американскиот претседател Доналд Трамп објави дека планира да воведе такса од 100.000 долари годишно за секоја привремена работна виза H-1B. Оваа мерка би можела сериозно да го погоди технолошкиот сектор во САД, кој многу се потпира на стручњаци од Индија и Кина.
Министерот за трговија, Хауард Лаутенберг, изјави дека таксата ќе важи за визите што се издаваат за период од три години и дека целта е да се дава предност на младите американски дипломци, наместо компаниите да ангажираат странски работници по пониски плати.
„Ако ќе обучувате некого, тоа ќе бидат луѓе кои неодамна дипломирале на некој од престижните универзитети во нашата земја. Престанете да носите луѓе кои ни ги одземаат работните места и овластете ги Американците,“ рече Лаутенберг.
Според податоците, најголем број визи H-1B минатата година беа издадени на работници од Индија (71%), додека Кина е на второ место. Технолошките компании како „Амазон“, „Мајкрософт“ и „Мета“ се најголемите корисници на овие визи.
Аналитичарите предупредуваат дека воведувањето на оваа висока такса може да ги натера компаниите да преместат дел од своите операции во странство, што би ја намалило конкурентноста на САД во важни области како што е вештачката интелигенција.
Покрај тоа, Трамп потпиша и извршна наредба која овозможува странски државјани да платат еден милион долари за „златна карта“, која им дава право на постојан престој во САД.
Свет
Нови израелски напади врз Газа: најмалку 44 загинати, меѓу нив и деца

Најмалку 44 Палестинци се убиени во нова серија израелски воздушни напади врз Појасот Газа. Од нив, 38 жртви се регистрирани во градот Газа, соопштија палестински здравствени извори.
Според агенцијата Вафа, девет лица, меѓу кои неколку деца, загинале во напад врз куќа на семејството Ал-Џамла во населбата Ал-Туфа. Во бегалскиот камп Ал-Шати, во напад врз домот на братот на директорот на болницата Ал-Шифа, Мохамед Абу Салмија, убиени се пет лица, меѓу нив и две девојчиња. Загина и братот на Абу Салмија.
Во други делови од Газа, загинале уште двајца цивили, еден во напад во близина на кампот Нусеират, а друг во Рафа, каде израелските сили отвориле оган во близина на хуманитарен центар.
Убиени деца во напад врз училиште
Во утринските часови израелски авиони бомбардираа училиште што служело како засолниште за раселени лица. Две деца загинаа, а неколку други се повредени во нападот врз училиштето Ал-Моатасем, лоцирано во близина на стадионот Ал-Јармук.
Израел: Погодени 100 цели на Хамас
Израелската армија соопшти дека во последните 24 часа извршила напади врз околу 100 цели во Појасот Газа. Меѓу нив се: тунели, магацини за оружје, позиции на Хамас и згради со експлозиви, стои во соопштението на Израелските одбранбени сили (ИДФ).
Армијата тврди дека се убиени и неколку команданти и борци на Хамас, и дека нивната 98-ма дивизија продолжува со операции во енклавата.
Хамас: Најмалку 34 загинати за едно деноноќие
Според властите на Хамас, во изминатите 24 часа во Газа се убиени најмалку 34 лица, како резултат на израелските напади.