Свет
Разбиена голема албанска наркогрупа

Внимателно координирана полициска операција во 10 земји разби албански организиран криминален синдикат, кој шверцувал кокаин од Јужна Америка во Европа.
Акцијата довела до апсење на 20 осомничени, соопшти полициската агенција на ЕУ.
Бандата, позната како Компанија Бело, била една од најактивните европски мрежи за шверцување кокаин, наведе Европол, кој помогнал во координација на низа рации на стотина полицајци, што довело до апсење во петогодишната истрага што ја предводеле Италијанците.
Групата била невообичаена во масовната меѓународна трговија со дрога по тоа што го контролирала секој аспект од синџирот на снабдување, од организирање на испораката на дрогата од Јужна Америка до дистрибуцијата во Европа, рекол Јари Лиуку, директор на европскиот центар за тежок и организиран криминал во Европол.
Бандата дури ги втиснала своето лого и логоата на другите криминални групи за кои увезувала дрога, на блокови кокаин што биле транспортирани во Европа и честопати дистрибуирани во автомобили со скриени оддели за да скријат дрога и недозволена готовина.
Таа користела криминалци во кинеска организација за да им помогне во перењето приходи преку подземен преносен систем, наведува истрагата.
За време на петгодишната истрага, уште 84 члена на бандата биле уапсени во Италија, Еквадор, Холандија, Велика Британија, Швајцарија и во Германија.
За време на истрагата полицијата запленила речиси четири тони кокаин и повеќе од 5,5 милиони евра во готово.
Осомничените се соочуваат со обвиненија за меѓународна трговија со дрога и убиства.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Русија во текот на ноќта лансираше 85 беспилотни летала кон Украина

Русија во текот на ноќта лансираше 85 беспилотни летала и една балистичка ракета кон територијата на Украина, објавија утринава украинските воздухопловни сили.
Нападите во текот на ноќта беа насочени кон области на линијата на фронтот во регионите Суми, Доњецк, Чернигов и Дњепропетровск, објавија воздухопловните сили на каналот Телеграм.
Оттаму, исто така, наведуваат дека нивните единици за противвоздушна одбрана уништиле 61 беспилотно летало.
Главниот штаб на украинските вооружени сили објави во својот дневен утрински извештај дека во текот на изминатите 24 часа на линијата на фронтот имало 139 судири со непријателот.
Од друга страна, руските системи за противвоздушна одбрана во текот на ноќта пресретнале и уништиле 29 украински дронови над различни руски региони, вклучувајќи 10 беспилотни летала над Ростовскиот регион, објавија утринава руските медиуми, повикувајќи се на руското Министерство за одбрана.
Американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот руски колега Владимир Путин, по нивната вчерашна средба во Алјаска, не споменаа ништо за потенцијален прекин на огнот во војната во Украина.
Свет
Зеленски во понеделник ќе отпатува за Вашингтон на разговори со Трамп

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во понеделник ќе отпатува за Вашингтон на разговори со американскиот претседател Доналд Трамп, објави Зеленски на Телеграм по денешниот телефонски разговор со Трамп, јави ДПА.
Зеленски рече дека претходно телчефонски разговарал со Трамп повеќе од час и половина, откако американскиот претседател синоќа се сретна со рускиот лидер Владимир Путин во Алјаска.
„Во понеделник ќе разговараме за сите детали во врска со завршувањето на убиствата и војната“, рече Зеленски, додавајќи дека е „благодарен за поканата“
Регион
Еди Рама вети бесплатни нови куќи за оние кои во пожарите ги загубија своите домови

По катастрофалните пожари кои деновиве зафатија делови од Албанија, уништувајќи домови и имоти, премиерот Еди Рама излезе со силно и директно ветување до сите настрадани граѓани. Во објава на социјалните мрежи, тој најави дека државата целосно ќе ги обесштети сите што претрпеле штета, вклучително и бесплатна обнова на секој уништен дом.
„Кој и да го изгубил својот дом, ќе го обновиме бесплатно, кој и да изгубил добиток, ќе го рефинансираме еден по еден“, напиша Рама на социјалните мрежи.
Оваа мерка, како што појасни министерот за одбрана Пиро Венгу, ќе се спроведува преку општините. Ќе се формираат посебни комисии за проценка на штетите на куќи, инфраструктура, бизниси и земјоделски култури, по што ќе следува обештетување од општинските фондови за цивилна заштита, поддржани од државниот буџет.