Свет
Русија изрази загриженост по иранскиот напад врз Израел
Што знаеме досега:
🔵Наставата е прекината во училиштата низ Израел, а компаниите ќе можат да работат „нормално“ со пристап до засолништа во случај на напад
🔵Бајден разговараше со Нетанјаху во врска со иранскиот напад врз Израел
🔵Борел: ЕУ силно го осудува иранскиот напад врз Израел
🔵Нетанјаху: Пресретнавме, одбивме, заедно ќе победиме
🔵Иран предупреди дека неговиот одговор ќе биде „посилен и порешителен“ доколку Израел возврати по нападот
🔵Јордан и Ирак повторно го отвораат воздушниот простор
🔵Хамас го нарече нападот на Иран „природно право и заслужен одговор“
🔵Г7 попладнево ќе одржи состанок за нападите
🔵Макрон: Нападот на Иран против Израел се заканува да го дестабилизира регионот
🔵Растат тензиите: Иран ги повика британскиот, францускиот и германскиот амбасадор
🔵Меѓународните авиокомпании и иранските аеродроми ги прекинаа летовите
Руското Министерство за надворешни работи денеска изрази загриженост поради ночешниот напад на Иран врз Израел и повика на воздржаност на Блискиот Исток.
„Ноќта на 14 април врз Израел беа лансирани голем број ракети и беспилотни летала. Иранското Министерство за надворешни работи соопшти дека овој напад е извршен во рамките на правото на самоодбрана во согласност со член 51 од Повелбата на ОН во одговор на нападите врз ирански цели во регионот, вклучувајќи го и нападот врз зградата на конзуларното одделение на иранската Амбасада во Дамаск на 1 април, што Русија остро го осуди, но, за жал, поради односот на западните членки, Советот за безбедност на ОН не можеше адекватно да одговори на нападот врз иранското конзуларно претставништво“, се наведува во соопштението на руското МНР.
Оттаму потсетуваат дека Русија постојано предупредуваше дека нерешавањето на бројните кризни ситуации на Блискиот исток, пред се палестинско-израелскиот конфликт, ќе доведе до зголемување на тензиите.
„Ги повикуваме сите инволвирани страни на воздржаност. Се надеваме дека регионалните држави ќе ги решат актуелните проблеми преку политички и дипломатски средства. Сметаме дека е важно конструктивните меѓународни играчи да придонесат за ова“, се наведува во соопштението на руското Министерство за надворешни работи.
Министерството ги советува своите граѓани кои се наоѓаат во Израел и соседните земји, пред се Јордан, Либан и Сирија, да бидат внимателни и да се придржуваат до нивните пораки и практични препораки.
🔴(Видео) Анализа: Иран ја нарекуваат „држава-тврдина“, колку е моќна земјата што го нападна Израел?
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Израел: Способноста на Иран да лансира ракети ќе биде значително нарушена
Израел очекува способноста на Иран да испали балистички ракети да биде значително нарушена во следните 24 часа, изјавија двајца израелски функционери, како резултат на зголемените напади на САД и Израел. Според нив, се очекува фреквенцијата на иранските ракетни напади да се намали до вторник вечерта и да бидат испукани помалку ракети кон Израел, пренесуваат медиумите во регионот.
Во првите три дена од војната, САД и Израел погодија повеќе од 1.200 цели. Се очекува тој број да се удвои до вторник, по она што официјалните лица го опишаа како неуморно темпо на напади што започна во понеделник и се очекува да продолжи во текот на ноќта.
Еден од функционерите рече дека се очекува нападите на американските и израелските сили во понеделник вечерта да бидат насочени кон ракетни лансери, сили за внатрешна безбедност и цели на Револуционерната гарда. Американските и израелските функционери денес нагласуваат дека темпото и успехот на воздушната кампања досега ги надминале сите очекувања.
Свет
Иранската револуционерна гарда: „Непријателот нема да биде безбеден никаде во светот, дури ниту во своите домови“
Иранската револуционерна гарда, паравоена формација на која се потпира исламската влада во Техеран, денес се закани, по повод американско-израелските напади врз Иран, дека ќе продолжи да се бори „додека непријателот не биде поразен“ и дека непријателите нема да бидат безбедни „никаде во светот, дури ни во своите домови“, објавува CNN.
Како што објави иранската државна телевизија, Иранската револуционерна гарда соопшти дека неодамнешната загуба на врховниот лидер ајатолахот Ал Хамнеи и други високи функционери „не го потресе (Иран), туку само го направи посилен“.
Високо вооружената и организирана гарда – која постои паралелно со иранската армија и вклучува доброволни одреди – вети во соопштение дека Иран ќе продолжи да се бори „додека непријателот не биде поразен“.
„Непријателот треба да знае дека неговите среќни денови се завршени и дека повеќе нема да бидат безбедни никаде во светот, дури ни во своите домови“, се додава во соопштението што го пренесе CNN.
Регион
Дачиќ симнат од респиратор
Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ денес е симнат од механичка вентилација, пренесува „Блиц“.
Медиумот пренесува дека министерот за здравство Златибор Лончар денес изјави дека здравствената состојба на министерот за внатрешни работи и претседател на Социјалистичката партија на Србија Ивица Дачиќ е подобра отколку што беше, додавајќи дека постојат причини за оптимизам, но и дека мерките за интензивно лекување и терапија продолжуваат.
„Неговата моментална состојба е подобра отколку што беше, што ни дава причина за оптимизам. Важно е што сè уште има многу работа да се направи, мерките за интензивно лекување и примената на интензивна терапија продолжуваат. Тоа е она што ќе го кажам во овој момент, а луѓето што го лекуваат ќе го објаснат подетално во текот на денот“, изјави Лончар за новинарите по посетата на здравствениот центар Вождовац.

