Свет
САД ќе ги прошират санкциите против рускиот гасовод „Северен тек 2“
Вашингтон постигна договор да вклучи дополнителни санкции против рускиот гасовод за природен гас кон Германија во законот за одбрана, што треба да се донесе, објави „Блумберг“ повикувајќи се на извори запознати со ова прашање.
Според извештајот, новите санкции против гасоводот „Северен тек 2“ на „Газпром“ би биле насочени кон осигурителни компании и компании за сертификација што работат со руски пловни објекти за завршување на проектот. Тие ќе бидат вклучени како дел од законот за овластување за национална одбрана во 2021 година, кој мора да биде донесен до крајот на годината.
САД сега ќе мора да ги известат своите сојузници пред да ги воведат новите санкции. Оваа одредба беше додадена откако претседателот на Комитетот за надоворешни работи во претставничкиот дом, Елиот Енгел, од Њујорк, изрази загриженост дека санкциите ќе им наштетат на Германија и на европските земји истовремено ослободувајќи ја Русија од одговорност.
Минатиот месец американскиот Стејт департмент соопшти дека ги проширил санкциите против проектот „Северен тек 2“ на фирми што обезбедуваат услуги или средства за надградба или инсталирање опрема на бродови за поставување на гасоводот.
Новото законодавство за санкции прецизира дека претходно донесените санкции се однесуваат на сите активности за поставување цевки и за осигурување.
САД се обидуваа да го блокираат завршувањето на гасоводот сакајќи да го исфрлат од колосек проектот што ќе носи руски природен гас до Германија преку Балтичкото Море. Вашингтон повеќепати ја повикуваше Европа да купува повеќе американски течен природен гас.
Новиот гасовод, дизајниран да го зголеми снабдувањето со гас за Германија и за другите европски држави за 55 милијарди кубни метри годишно, во моментот е при крај во Балтичкото Море.
Русија мораше да испрати свои бродови за поставување на последните километри на трасата откако швајцарско-холандската компанија „Олсиз“ ги повлече своите бродови поради закана од санкции на САД во декември 2019 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Трамп ги спомена Србија и Косово: Ако не се согласувате, јавете ми се
Набројувајќи ги конфликтите што ги реши во претходниот период, претседателот на САД, Доналд Трамп, вчера на состанокот на Одборот за мир ги спомена Србија и Косово, велејќи им на лидерите сами да продолжат да ги решаваат проблемите, а ако не можат – да го повикаат.
„Еден пример се Косово и Србија“, рече Трамп, повикувајќи ги лидерите да станат, иако Србија не се приклучи нa Oдборот, додека претседателката на Косово, Вјоса Османи, стана од своето место кога Трамп ја повика.
„Косово, Србија. Јас го направив тоа. Можете ли да станете, ако некој од вас е тука? Само станете на секунда. Косово, Србија, станете! Ви благодарам многу! Го цениме тоа! Одлично, а вие се согласувате. И кога не се согласувате, ме викате и ќе го решиме тоа, нели? Ќе го решиме“, рече Трамп на првиот состанок на Мировниот комитет, јавија српскките медиуми.
Вчера, во Вашингтон се одржа првата седница на Одборот за мир, основан на иницијатива на Трамп, а тоа е тело кое треба да работи на решавање на глобални безбедносни кризи и војни.
Првата задача, како што беше најавено, ќе се однесува на конфликтот во Појасот Газа.
Во јуни 2025 година, американскиот претседател одржа прес-конференција во Хаг на која се пофали со своите достигнувања, за кои верува дека ги постигнал како претседател на Америка.
Еден од примерите што ги наведе Трамп е дека, како што рече, тој спречил потенцијален конфликт меѓу Србија и Косово.
„Србија токму беше на прагот да го стори тоа, но ние го спречивме“, рече Трамп тогаш.
Свет
Мерц: Меѓународниот поредок базиран на права повеќе не постои
Германија мора да се наметне и да преземе поголема одговорност во преобликуваниот светски поредок, изјави денес германскиот канцелар Фридрих Мерц.
За време на својот говор на конференцијата на неговата партија, Христијанско-демократската унија (CDU), тој оцени дека меѓународниот поредок базиран на права повеќе не постои, пренесува Ројтерс.
„Ова ќе доведе до создавање нова голема стратегија за Германија во обединета Европа. Покажуваме храброст да ја обликуваме иднината и храброст да се наметнеме“, рече Мерц.
Конгресот на ЦДУ се одржува денес и утре, 21 февруари, и тоа е првиот голем состанок на партијата откако Мерц ја презеде функцијата канцелар во мај минатата година, пренесува Танјуг.
Регион
Вицепремиер во новата бугарска влада поднесе оставка само еден ден по положувањето заклетва
Бугарскиот вицепремиер Стоил Цицилеков, поднесе оставка 24 часа откако положи заклетва во парламентот и ја презеде функцијата.
„Чесните избори се поважни од секој поединец“, изјави тој на брифинг, образложувајќи ја својата одлука.
Во врска со обвинувањата упатени против него – поврзани со поседување марихуана и управување возило во алкохолизирана состојба – Цицилеков изјави дека има чисто досие.
„Немам обвиненија, немам пресуди, немам важечки ограничувања во моментов“, рече тој и додаде дека во случајот незаконски биле користени архиви и објавени лични податоци. Цицилеков истакна дека неговото професионално искуство не било доведено во прашање и најави дека ќе ги бара своите права по судски пат, пренесува „Инвестор.бг“.
Пратеници од партијата „Има таков народ“ ги објавија обвинувањата против Цицилеков и коментираа дека имаат сомнежи оти тој има забрана да учествува во мисии на Европската унија за набљудување избори.
„Чесните избори се приоритет за оваа влада“, изјави вицепремиерот, посочувајќи дека својата одлука ја усогласил со привремениот премиер Андреј Ѓуров. По разговори во тимот било оценето дека личноста на вицепремиерот за чесни избори може да ѝ наштети на каузата, по што Цицилеков поднел оставка.
Нападите врз него се насочени кон Владата и кон спроведувањето чесни избори, изјави и премиерот на привремената техничка влада, Андреј Ѓуров.
„За нас има нешто многу поважно од политичката битка и од тоа кој ќе извлече краткорочни политички поени од овој чин“, додаде тој.
Претходно денеска, претседателката Илијана Јотова изјави дека ќе потпише барање за оставка од Стоил Цицилеков. Таа претходно посочи дека не сноси одговорност за составот на кабинетот, но повика на соодветни мерки доколку обвинувањата се покажат како основани.

