Свет
Светската банка и СЗО предупредуваат: Светот е во состојба на нереди

Во новиот извештај на Одборот за следење на глобалните подготвености за епидемии се наведува дека светот од состојба на ризик преминал во состојба на нереди.
Причината лежи во тоа што политичките лидери не реагирале на предупредувањата дека треба да извршат подготовки за пандемија на некаква зараза, која потоа и настапила во вид на пандемија на Ковид-19.
Во извештајот на одборот, кој го формулираа Светската банка и Светската здравствена организација, се наведува и дека финансиските и политичките инвестиции во подготвеностите биле недоволни, а цената ја плаќаме сите.
Наспроти тоа што изминатите децении беа упатени неколку повици за дејст ување, ниту еден од нив не ги произведе потребните промени, се додава во извештајот на одборот, со кој претседава некогашниот генерален директор на СЗО, Гро Харлем Брунтланд.
Во извештајот за 2019 година, издаден неколку месеци пред избивањето на пандемијата на Ковид-19, одборот укажа на вистинска опасност од пандемија што бргу се шири, предизвикана од смртоносен респираторен патоген и предупреди дека такво нешто би можело да доведе до губење милиони човечки животи и економски хаос во светот.
„Доколку не биде научена лекцијата што ја дава Ковид-19 и не се преземат соодветни чекори со неопходни ресурси и посветеност, тоа ќе значи дека следната пандемија, која сигурно ќе дојде, ќе предизвика уште поголеми штети“, се предупредува во новиот извештај.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Макрон: Иднината на Украина не може да се одлучи без Украинците

Само неколку дена пред планираната средба меѓу рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп, францускиот претседател Емануел Макрон нагласи дека Украина мора да биде вклучена во сите разговори за нејзината иднина.
„Иднината на Украина не може да се одлучи без Украинците, кои се борат за својата слобода и безбедност повеќе од три години“, напиша Макрон на X.
„Бидејќи и нивната безбедност е во прашање, Европејците исто така мора да бидат дел од решението, рече тој.
Макрон претходно разговараше по телефон со украинскиот претседател Володимир Зеленски, германскиот канцелар Фридрих Мерц и британскиот премиер Кир Стармер, напиша тој.
По разговорот со Макрон, Зеленски напиша на X: „Украина, Франција и сите наши партнери се подготвени да работат што е можно попродуктивно за вистински мир“.
Трамп треба да се сретне со Путин во Алјаска во петок. Според „Волстрит џурнал“, Путин бара целосна руска контрола врз источните региони на Украина, Донецк и Луганск, што Зеленски категорично го отфрла.
Свет
Ердоган за Газа: Одлуката на Израел е неприфатлива, поддршката за Палестина продолжува

Одлуката на Израел да преземе воена контрола врз Газа е апсолутно неприфатлива, му рекол турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на палестинскиот претседател Махмуд Абас во телефонски разговор, пренесува Анадолу.
Според турската Дирекција за комуникации, тие разговарале за израелските напади врз Газа и за најновите случувања во регионот.
За време на разговорот, Ердоган повторил дека Турција ќе продолжи да стои зад Палестина.
Нарекувајќи ги изјавите на Франција, Велика Британија и Канада за можното признавање на палестинска држава достојни за внимание, Ердоган го истакна растечкиот бран критики кон Израел на Западот и додаде дека Турција ќе продолжи со своите напори за мир во регионот.
Свет
Идентификувани останките од три жртви од нападите на 11 септември

Останките од три жртви од нападите на 11 септември се идентификувани благодарение на напредокот во ДНК технологијата.
Службениците во четврток објавија дека ги идентификувале останките на 26-годишниот трговец со валути Рајан Д. Фицџералд, 72-годишната пензионирана директорка на непрофитна организација Барбара А. Китинг и уште една жена, чие име се чува во тајност на барање на нејзиното семејство.
Останките се идентификувани преку подобрено ДНК тестирање на останките пронајдени во урнатините по нападите на 11 септември 2001 година, соопшти канцеларијата на медицинскиот испитувач во Њујорк. Останките на Китинг и жената, чиј идентитет не е објавен, се пронајдени во 2001 година, а останките на Фицџералд се пронајдени следната година.
Китинг се враќала дома во Калифорнија со летот на „Американ ерлајнс“ кога членови на Ал Каеда го киднапирааа и намерно го удрија во северната кула на Светскиот трговски центар. Парче од нејзината банкарска картичка било пронајдено во остатоците.
Во нападите од 11 септември, два авиона се урнаа во Кулите Близначки во Њујорк, трет се урна во Пентагон, а четвртиот се урна во Пенсилванија. Вкупно 2.977 луѓе загинаа, од кои 2.753 во Њујорк. Околу 1.100 жртви остануваат неидентификувани, соопшти канцеларијата на медицинскиот испитувач.
Во 24-те години од терористичките напади, нови останки се идентификувани благодарение на напредокот во технологијата.