Свет
Секој петти човек е во опасност од потешка форма на Ковид-19

Околу 1,7 милијарди луѓе, или повеќе од една петтина од светската популација, се изложени на ризик од потешка форма на Ковид-19 поради придружни заболувања како што се срцева слабост или дебелина, покажуваат анализите.
Новиот коронавирус, од кој починаа повеќе од 420.000 луѓе во првиот бран на пандемија, посериозно ги погодува пациентите со позначајни коморбидитети, односно нивните основни болести.
Тим експерти од Лондонската школа за хигиена и тропска медицина анализирале глобални податоци за низа болести како што се дијабетес, заболувања на белите дробови и ХИВ инфекција за да проценат колку луѓе во светот имаат поголема предиспозиција за развој на потешка форма на Ковид-19.
Откриле дека секое петто лице во светот има барем едно основно заболување кое го става под поголем ризик.
Иако сите тие луѓе на би развиле сериозни симптоми во случај на инфекција, научниците предвидуваат дека околу четири проценти од светската популација, 350 милиони луѓе, веројатно ќе завршат во болница.
„Земјите излегуваат од карантин и владите бараат начини да ги заштитат најранливите од вирусот што сè уште циркулира“, вели еден од авторите, Ендрју Кларк.
Тој додава дека резултатите од студијата би можеле да им помогнат на владите да дадат приоритет за вакцинација откако ќе се најде вакцина против заболувањето кое го предизвикува коронавирусот.
Во согласност со резултатите од другите студии, и во оваа авторите заклучиле дека постарите лица се изложени на поголем ризик од развој на потешка форма на болеста.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Несреќа во САД: aвион се урна во шума

Петнаесет лица се повредени кога авион за падобранство скршнал од пистата и се урнаl во шумата во близина на аеродром во јужен Њу Џерси, соопштија властите во среда вечерта.
Инцидентот се случил на аеродромот околу 34 километри југоисточно од Филаделфија, кога авионот, кој превезувал 15 лица, излетал од пистата, според портпаролката на Федералната администрација за воздухопловство, која моментално истражува, како што објави АП.
Три лица биле пренесени во трауматолошкиот центар на болницата во Камден, Њу Џерси, додека осум лица со полесни повреди биле примени во одделот за итни случаи, изјави портпаролката на болницата Венди Марано.
Одделот за итни случаи на округот Глостер ја предупреди јавноста на својата Фејсбук страница да ја избегнува областа за да можат службите за итни случаи да пристапат до местото на несреќата.
Свет
Високите температури во Европа однесоа осум животи, додека температурата на континентот надминува 40 степени

Шумски пожар во Шпанија и високите температури во другите делови на Европа однесоа уште осум животи, додека температурата на континентот надминува 40 степени.
Двајца земјоделци загинаа во пожар во близина на градот Коско во Каталонија, во Италија двајца мажи загинаа на плажите на Сардинија, а маж во осумдесеттите години почина од срцев застој во Џенова.
Десетгодишно американско девојче се сруши и почина за време на посетата на Версајската палата во Париз, објавува Би-Би-Си.
Француската министерка за еколошка транзиција, Агнес Паније-Рунаше, изјави дека во Франција се регистрирани уште два смртни случаи поврзани со топлината и дека повеќе од 300 луѓе побарале итна помош.
Во Шпанија и Англија, јуни беше најтопол откако се водат мерењата. Шпанската метеоролошка служба објави дека просечната температура од 23,6 степени минатиот месец го сруши рекордот, надминувајќи го нормалниот просек за јули и август.
Франција го забележа својот втор најтопол јуни откако започнаа евиденциите во 1900 година. Јуни 2023 година беше потопол.
Топлотните бранови стануваат сè почести поради климатските промени предизвикани од човекот, според Меѓувладиниот панел на ОН за климатски промени.
Беше објавено дека екстремно топлото време ќе се појавува почесто и ќе станува уште поинтензивно како што планетата продолжува да се затоплува.
Свет
Кина: Европската Унија не треба да бара конфронтација

Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји ја предупреди својата европска колешка Каја Калас за опасноста од „конфронтација“, се вели во соопштението од неговото министерство во вторник, додека Пекинг се обидува да се претстави како стабилна противтежа на Вашингтон.
Кина и Европската Унија „не треба да се сметаат едни за други за соперници поради нивните разлики, ниту да бараат конфронтација поради нивните несогласувања“, изјави вчера Ванг Ји на состанокот во Брисел со највисокиот дипломат на ЕУ. Калас вчера изјави дека Пекинг треба да престане да ја загрозува европската безбедност, наведувајќи ги кибернападите, мешањето во демократските процеси и нефер трговските практики.
Европа „се соочува со неколку предизвици“, рече Ванг Ји, од кои ниту еден „во минатото, сегашноста или иднината не бил предизвикан од Кина“.
Ванг генерално се обиде да го прикаже Пекинг како противтежа на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, која се закани со царини за стоки увезени од Европа. „Патот што го избраа Соединетите Американски Држави не треба да се прикажува како одраз на Кина“, рече тој. „Кина не е како Соединетите Американски Држави“, додаде тој.
Двете страни разговараа и за други прашања како што се Украина, израелско-палестинскиот конфликт и нуклеарната програма на Иран, се вели во соопштението на кинеското Министерство за надворешни работи. Пекинг и Брисел мора да покажат меѓусебно почитување, рече Ванг, додавајќи дека Европа треба да промовира „поактивна и попрагматична“ политика кон Кина.
Ванг вчера се сретна и со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и со белгискиот министер за надворешни работи.
„Кина и ЕУ мора да го поддржат мултилатерализмот и слободната трговија и да работат заедно за справување со глобалните предизвици како што се климатските промени“, и рече Ванг на претседателката на ЕК.
Ванг Ји ќе ги посети Германија и Франција пред самитот ЕУ-Кина на кој ќе учествуваат кинескиот претседател Си Џинпинг и неколку високи европски претставници.