Свет
Сè повеќе републиканци бараат оставка од Трамп
Девет дена пред крајот на неговиот мандат, Доналд Трамп се соочува со сè поголеми повици за негова оставка, дури и од републиканскиот табор, со цел да се избегне тешка постапка за повлекување среде политичка, здравствена и економска криза.
По републиканските сенатори Бен Сасе и Лиза Мурковски, сенаторот Пат Томи синоќа на Си-ен-ен изјави дека оставката на претседателот ќе биде „најдоброто решение“.
„По претседателските избори на 3 ноември на кои загуби, Доналд Трамп беше зафатен од некакво лудило, тој ги направи работите целосно незамисливи и непростливи“, додаде тој.
„Најдоброто нешто за единството на земјата би било неговата оставка“, изјави за Еј-би-си, Алан Кицингер, член на Претставничкиот дом и првиот републиканец кој веднаш во четвртокот побара претседателот да биде прогласен за „несоодветен“ за функцијата.
Но, американскиот милијардер не дава ни најмал знак дека е подготвен да поднесе оставка, рекоа неговите советници.
Претседателката на Конгресот, демократката Ненси Пелоси, која најави дека ќе преземе нешто доколку претседателот во заминување не се повлече, го повика нејзиниот табор да се врати во Вашингтон оваа недела за да одлучи како да го санкционира Трамп за насилниот упад во Капитол, за кој, како што вели, ги охрабрил поддржувачите. Во отвореното писмо до пратениците таа не спомна можно отповикување, но истакна дека „апсолутно е потребно оние што учествуваа во нападот на нашата демократија да одговараат за тоа“.
Обвинението, поднесено од Претставничкиот дом и потпишано од најмалку 200 пратеници, го критикува републиканскиот претседател за „свесно давање изјави“ што предизвика прилив на неговите приврзаници во зградата на Конгресот во средата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во Брисел се дискутира можноста за воведување царини на американски производи, јавува „Фајненшл тајмс“
Во Брисел во тек е итен состанок на европските амбасадори на кој се дискутира за можниот одговор на американските царини што ги воведе Доналд Трамп, пишува „Фајненшл тајмс“.
Една од главните опции што се разгледуваат е воведување царини на американски производи во вредност од 93 милијарди евра. Според изворите запознаени со состојбата, овој пакет на контрамерки бил ставен на чекање минатиот август откако Европската унија постигнала трговски договор со САД. Таа шестмесечна суспензија истекува следниот месец, освен ако Европската комисија не одлучи да ја продолжи.
Како друга можност се спомнува и ограничување на пристапот на американските компании на пазарот на ЕУ. Се очекува францускиот претседател Емануел Макрон да побара активирање на Инструментот против присила на ЕУ, механизам што им овозможува на членките да возвратат трговски мерки против земји што вршат економски притисок.
Досега најавите од состанокот не се објавени, бидејќи дискусијата сè уште е во тек.
Свет
Руте: Разговарав со Трамп за Гренланд
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека разговарал со американскиот претседател Доналд Трамп за безбедносната состојба на Гренланд и Арктикот. Разговорот се одржал телефонски, но Руте не наведе детали за содржината.
Тој најави дека ќе се сретне со Трамп следната недела на Светскиот економски форум во Давос, каде се очекува присуство на политичката и бизнис елита.
Контекстуално, разговорот доаѓа во време кога Трамп бара целосно сопствеништво над Гренланд, кој е автономна територија на Данска. Претходно, тој се закани со зголемени царини за осум земји што одлучија да испратат војници како поддршка на НАТО-вежбата на Гренланд.
Свет
Данска се обидува да го одврати Трамп од идејата дека мора да биде сопственик на Гренланд
Данскиот министер за надворешни работи, Ларс Леке Расмусен, изјави дека Копенхаген се обидува да го разубеди американскиот претседател Доналд Трамп од идејата дека мора да го поседува Гренланд.
Расмусен го изјави ова на прес-конференција во Осло, по средбата со својот норвешки колега. Тој нагласи дека вниманието кон Гренланд не треба да го засени фактот дека во Украина сè уште се води војна и дека е во критична фаза.
И покрај заканите од Вашингтон, Данска, според Расмусен, сака да продолжи со дипломатски пристап. По средбите во Вашингтон со потпретседателот на САД, Џеј Ди Ванс, и со државниот секретар Марко Рубио, решено е да се формира работна група на високо ниво која ќе разгледа дали постои заедничко решение. Првата средба се очекува во наредните недели.

