Свет
Сијарто: Унгарија е под притисок поради енергетската соработка со Русија

Будимпешта е под притисок да ја прекине енергетската соработка со Русија, изјави денеска унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто.
„Секако дека има политички притисок врз Унгарија, тие сакаат да ја прекинеме енергетската соработка со Русија“, рече Сијарто на пленарната седница на меѓународниот форум за гас во Санкт Петербург.
Тој додаде дека одржувањето на енергетското партнерство со Москва е во интерес на Будимпешта.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Трамп повторно ги повлекува САД од УНЕСКО

Соединетите Американски Држави ќе се повлечат од културната и образовна агенција на Обединетите нации – УНЕСКО, а актуелниот претседател Доналд Трамп продолжува со повлекување на земјата од други меѓународни институции, кои долго време ги критикувал, изјавиле двајца европски дипломати.
Белата куќа веднаш не одговорила на барањето за коментар на „Ројтерс“ за овој потег.
Ова претставува удар за агенцијата со седиште во Париз, основана по Втората светска војна за промовирање мир преку меѓународна соработка во областа на образованието, науката и културата. И „Њујорк пост“ објави за повлекувањето на САД од УНЕСКО повикувајќи се на информации добиени од функционери на Белата куќа.
Трамп презеде слични чекори и за време на својот прв мандат. Тогаш САД исто така се повлекоа од Светската здравствена организација, Советот за човекови права при ОН, глобалниот договор за климатски промени и од иранскиот нуклеарен договор.
Одлуките што ги донесе Трамп беа поништени од неговиот претходник Џо Бајден, кој ја презеде функцијата во 2021 година, со што САД повторно станаа членки на УНЕСКО, СЗО и климатскиот договор. Но, со враќањето на Трамп во Белата куќа, САД повторно се повлекуваат од овие меѓународни агенции и тела.
Претходно, Трамп одлучи да ги повлече САД и од СЗО и да го прекине финансирањето на палестинската хуманитарна агенција УНРВА како дел од ревизијата на учеството на САД во агенциите на ОН, која треба да заврши во август.
УНЕСКО е најпозната по прогласувањето места со културно или природно светско наследство.
САД ѝ се приклучија на оваа меѓународна агенција веднаш во 1945 година кога таа беше основана, но првпат се повлекоа во 1984 година во знак на протест против наводно лошо финансиско управување и антиамериканските потези. Се вратија речиси 20 години подоцна, во 2003 година, за време на мандатот на претседателот Џорџ В. Буш, кој тогаш изјави дека агенцијата спровела потребни реформи.
САД моментно обезбедуваат речиси 8 проценти од вкупниот буџет на УНЕСКО во споредба со приближно 20 проценти кога Трамп првпат ги повлече САД од агенцијата.
Свет
Кремљ за мировните преговори со Украина: Не очекувајте чуда

Кремљ соопшти дека нема причина да се очекуваат чуда од предложената трета рунда директни руско-украински мировни преговори и одби да даде каква било временска рамка за потенцијален договор за прекин на војната.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во саботата изјави дека Киев испратил понуда до Москва да одржи уште една рунда мировни преговори во Турција оваа недела и дека сака да ги забрза преговорите за прекин на огнот.
„Нема причина да се очекува каков било напредок во категоријата чуда – тоа е тешко возможно во сегашната ситуација“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Имаме намера да ги следиме нашите интереси, имаме намера да ги обезбедиме нашите интереси и да ги исполниме задачите што си ги поставивме од самиот почеток“, додаде тој.
Кога беше прашан дали може да даде индикација за тоа како Кремљ гледа на потенцијална временска рамка за можен мировен договор, Песков рече дека не може да даде никакви насоки за времето.
„Има многу работа што треба да се заврши пред да можеме да разговараме за можноста за состаноци на високо ниво“, додаде Песков еден ден откога Зеленски ја обнови поканата за средба со рускиот претседател, Владимир Путин.
Свет
Пилотот е виновен за најголемата авионска несреќа во Јужна Кореја, исклучил погрешен мотор

Истрагата за најсмртоносната авионска несреќа во Јужна Кореја откри дека пилотот исклучил погрешен мотор.
179 лица на летот „2216“ на „Џеџу ер“ загинаа кога авионот се урна во бариера додека се обидуваше да слета на меѓународниот аеродром „Муан“ во декември минатата година. Само стјуардесата и стјуардот преживеаа. Тоа беше принудно слетување по судир со јато птици.
На 29 декември пилотите пријавија удар со птица и издадоа повик за помош додека нивниот авион се приближуваше кон пистата. Снимката покажува авион „боинг 737-800“ како се лизга по пистата без опрема за слетување удирајќи во ѕид и експлодирајќи во огромна огнена топка.
BREAKING: Crash of Jeju Air Flight 2216 in South Korea caught on video pic.twitter.com/r49Wz6OMfh
— The Spectator Index (@spectatorindex) December 29, 2024
Два од моторите на авионот беа испратени во Франција во март на анализа. Неодамнешните наоди на Одборот за истрага на воздушни и железнички несреќи на Јужна Кореја открија дека пилотот го исклучил левиот мотор, кој немал дефекти, наместо десниот, кој бил тешко оштетен од ударот со птицата.
Објавувањето на резултатите од истрагата, закажано за минатиот викенд, беше одложено по протестите на семејствата на жртвите, кои беа запознаени со наодите. Семејствата на жртвите ги обвинија истражителите дека ја префрлаат вината на пилотот игнорирајќи ги другите фактори што придонеле за несреќата.
Сепак, семејствата на жртвите предупредија дека во извештајот не се споменува бетонската бариера на крајот од пистата за која тврдат дека предизвикала толку катастрофална несреќа.
Пилотскиот синдикат на „Џеџу ер“ исто така ги критикува резултатите од истрагата велејќи дека тие премногу се фокусирале на погрешната процена на пилотот и ги потценувале другите фактори што придонеле за несреќата. Извор запознаен со истрагата изјави за „Ројтерс“ дека истражителите нема да ги променат своите наоди бидејќи имаат „јасни докази и безбедносни податоци“.
По несреќата, Министерството за транспорт на Јужна Кореја во јануари објави дека ќе ги отстрани бетонските бариери на седум аеродроми. Во мај семејствата на жртвите поднесоа кривични пријави за небрежност против извршниот директор на „Џеџу ер“, Ким Е-Бае. Ким е меѓу 24-те лица против кои се води истрага за несреќата.
Фото: Принтскрин