Европа
Столтенберг против независна европска одбрана

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека поддршката за паралелна европска одбранбена организација претставува ризик од поделба и слабеење на Атлантската алијанса.
За време на престојот во Вашингтон на разговори во Белата куќа и Пентагон, Столтенберг ја спомена поддршката на Франција за независна европска одбрана автономна од НАТО, особено по шокантниот договор меѓу Австралија, Велика Британија и САД.
„Разбирам дека Франција е разочарана. Она во што не верувам е секој напор да се создаде нешто надвор од рамките на НАТО, да се конкурира или да биде дупликат на алијансата, бидејќи НАТО останува камен темелник на европската и северноамериканската безбедност“, нагласи Столтенберг.
Австралија ја откажа договорената испорака на електрични и дизел-подморници од Франција и се согласи за производство на нуклеарни подморници со американска и британска технологија, што предизвика Париз и другите европски земји да сметаат дека алијансата веќе не е меѓу приоритетите на Вашингтон, пренесуваат агенциите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Чавушоглу: Парламентот на Турција не може да го ратификува барањето на Шведска и Финска за членство во НАТО

Парламентот на Турција не може во сегашните услови да го ратификува протоколот за членство на Шведска и Финска во НАТО, тоа е невозможно, изјави шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу.
„На гости ни дојде министерот за надворешни работи на шведската влада. Беше во парламентот, се сретна со партиски претставници. Слушна дека сите партии го најавуваат истото, дека без исполнување на обврските кон нас не е можна ратификација. Затоа, во сегашните услови, нема потреба да се зборува за одобрување на тој документ“, рече Чавушоглу на заедничката прес-конференција со својот унгарски колега Петер Сијарто.
Шефот на турската дипломатија нагласи дека „ако Шведска ги исполни своите обврски“, Анкара може да седне и да преговара со Стокхолм.
„Во овој момент, сепак, не можеме да го поддржиме членството на Шведска во НАТО“, рече турскиот министер.
Чавушоглу, сепак, посочи дека Анкара би можела позитивно да го разгледа членството на Финска во НАТО доколку Хелсинки и Северноатлантскиот сојуз одлучат Финска да поднесе барање за членство одделно од Шведска.
Според неговите зборови, Турција во моментот ја гледа кандидатурата на Финска за членство во НАТО во попозитивно светло од кандидатурата на Шведска.
По почетокот на руската специјална воена операција во Украина, на 18 мај минатата година, Финска и Шведска поднесоа барања за влез во алијансата до генералниот секретар на НАТО.
Барањата на Шведска и Финска не ги ратификуваа само две од 30-те земји – Унгарија и Турција, пренесе „Новости.рс“.
Европа
Борис Џонсон: Путин го отвори патот за членство на Украина во НАТО

Со децении користевме дипломатска реторика со две сечила на тема НАТО и Украина и тоа резултира со целосна катастрофа, пишува поранешниот британски премиер, Борис Џонсон, во авторски текст за „Вашингтон пост“.
„Поминавме години кажувајќи им на Украинците дека имаме политика на отворени врати во НАТО и дека тие имаат право сами да си ја изберат судбината и дека Русија не треба да може да наметне вето.
И сето ова време отворено ѝ сигнализиравме на Москва дека Украина никогаш нема да се приклучи на алијансата – затоа што многу членки на НАТО, едноставно, самите ќе стават вето.
Во принцип – да, во пракса – не. Тоа беше пораката.
И каков е резултатот од сето тоа? Што постигнавме со тивко говорење на двете страни?
Резултатот е најлошата војна во Европа во последните 80 години“, според Џонсон.
„Рускиот претседател Владимир Путин уништи безброј животи, домови, надежи и соништа. Ја уништи и најмалата причина да има некаква симпатија кон него или неговата параноја. Попатно, тој направи да исчезне случајот против членството на Украина во НАТО. Украинското население се сметаше за премногу поделено во врска со членството во НАТО; а пред 2014 година секако можеше да се бара.
Ако ги видиме бројките сега, поддршката за членство во НАТО во Украина отиде во стратосферата – таа е 83 проценти според резултатите од неодамнешната анкета. Беше кажано дека Украина не е соодветно воено компатибилна со НАТО. Денес, Украинците користат вртоглаво количество разновидна опрема од земјите на НАТО, со најголема вештина и храброст. Нема апсолутно ништо што НАТО би можел да ги научи Украинците за водење војна – всушност, има многу што тие би можеле да нè научат“, според Џонсон.
„Пред сè, се тврди дека евентуалното членство на Украина во НАТО е провокативно за Путин и Русија. Вистината е дека никогаш не требаше да го прифатиме овој аргумент. Требаше да инсистираме на реалноста – дека Кремљ нема од што да се плаши кога е НАТО во прашање бидејќи е одбранбен сојуз. Но, земјите членки го прифатија ова лажно гледиште. Признавам дека извесно време и самиот го прифаќав“, пишува Џонсон.
Европа
Пожар во шведска нафтена рафинерија, има повредени

Пожарот што избувна во нафтената рафинерија „Нинас“ во шведската општина Нинашамн е изгаснат, а има луѓе со полесни повреди, соопшти полицијата.
„Спасувачките служби бргу пристигнаа на местото и пожарот сега е изгаснат. Погодената област веднаш е евакуирана“, соопшти портпаролот на компанијата „Нинас“.
Претходно од таму изјавија дека гори сурова нафта, но дека зградите не горат и дека нема опасност од ширење на пламенот. Неколку лица добиле полесни повреди, соопшти полицијата.