Европа
Столтенберг: Ќе ја зголемиме поддршката за сите што се изложени на руски притисок, вклучително и Грузија и БиХ

Генералниот секретар на НАТО одржа прес-конференција во Брисел пред самитoт на НАТО и доаѓањето на американскиот претседател, Џо Бајден.
„НАТО и партнерите одговорија на оваа криза со силна поддршка за Украина. НАТО дејствуваше брзо и обединето за да ги заштити, т.е. одбрани сите сојузници. Стотици илјади сојузнички трупи се во состојба на готовност во земјите членки. Во Европа моментно се наоѓаат 100.000 американски војници. Дополнителни одлуки ќе донесеме на утрешниот самит. Очекувам дека лидерите ќе се договорат за зајакнување на позицијата на НАТО во сите домени, со големо зголемување на нашите сили на источното крило на алијансата, на копно, во воздух и на море.
Првиот чекор е да се распоредат четири нови борбени групи на НАТО, во Бугарија, Унгарија, Романија и Словачка, заедно со постојните сили во балтичките земји и Полска. Тоа значи дека ќе имаме осум меѓународни борбени групи на западното крило, од Балтикот до Црното Море. Се соочуваме со нова реалност за нашата безбедност, затоа треба да ја ресетираме нашата одбрана и тоа да го правиме на долг рок. Утре, лидерите на НАТО ќе ја повторат нашата поддршка за Украина.
„Украина има право на самоодбрана во рамките на Повелбата на ОН, а ние им помагаме на Украинците да го остварат тоа основно право“, рече Столтенберг.
Тој рече дека очекува утре сојузниците да се договорат за дополнителна поддршка, која вклучува сајбер-безбедност, како и опрема што ќе ѝ помогне на Украина да се заштити од хемиски, биолошки, радиолошки и од нуклеарни закани.
„Инвазијата на претседателот Путин е брутална, а човечкото страдање е страшно и болно за гледање. Решени сме да направиме сѐ што можеме за да ја поддржиме Украина, но имаме одговорност да обезбедиме војната да не ескалира надвор од границите на Украина и да нема конфликт меѓу НАТО и Русија, што би довело до уште поголем број смртни случаи и уништување. Очекувам и дека ќе ја зголемиме нашата поддршка за сите партнери што се изложени на руски притисок, вклучително и Грузија и БиХ. Работејќи заедно со ЕУ, мора да им помогнеме да го одбранат својот суверенитет“, рече Столтенберг.
Тој повтори дека НАТО дава невидена поддршка за Украина. Рече дека членството на Украина во НАТО не е на агендата на самитот, но помошта за Украина е на врвот на агендата.
Солтенберг ја коментира и вчерашната изјава на портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, кој рече дека Русија ќе употреби нуклеарно оружје, само доколку се загрози нејзиното постоење.
„Русија мора да престане да ѕвечка со нуклеарното оружје. Тоа е опасно и неодговорно. НАТО е тука да ги заштити и брани сите сојузници, а ние ѝ пренесовме јасна порака на Русија – нуклеарната војна не може да се победи и не може да почне. Ова само ја нагласува важноста да се стави крај на војната во Украина. Мораме да направиме сѐ што можеме за да спречиме војната да ескалира надвор од границите на Украина и да стане посмртоносна и опасна од она на што сме сведоци денес. Секоја употреба на хемиско, биолошко и на нуклеарно оружје радикално ќе ја промени природата на конфликтот, а Русија мора да знае дека никогаш нема да може да победи во нуклеарна војна. Нивното континуирано ѕвечкање со нуклеарно оружје и реторика се спротивни на она што го кажаа во НАТО и другите формати за спречување нуклеарен конфликт“, рече Столтенберг.
Тој ја истакна важноста на утрешниот самит.
„Тоа е вонреден самит во вонредна безбедносна ситуација. Се соочуваме со најголемата безбедносна закана од крајот на Втората светска војна. Убеден сум дека сојузниците ќе се договорат за сите важни прашања“, рече Столтенберг.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
(Видео) Зеленски објави снимка од проектил кој погоди зграда, загинале 11 лица

11 лица загинале по гранатирањето на местото Лозова во украинскиот регион Харков, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
На снимката се гледа облак од чад кој се издига над зградата погодена од проектил.
Зеленски на „Фејсбук“ објави видео од експлозијата. Тој изјави дека е зафатена зградата на Домот на културата и дека загинале 11 лица, меѓу кои и едно 11-годишно дете.
„Окупаторите ја земаа културата, образованието и човештвото за свои непријатели. Тие ги гаѓаат со проектили и бомби. Што им е во умот на луѓето кои избираат такви цели? Апсолутно зло, апсолутна глупост“, напиша Зеленски.
Европа
(Видео) Експлозии во украинскиот регион Харков, проектил погодил зграда

Седум лица се повредени по гранатирањето на местото Лозова во украинската област Харков, се наведува во извештаи што ги пренесува „Скај њуз“.
The moment of today’s Russian missile strike in Lozova in the Kharkiv Oblast that hit the building of city’s cultural center.
According to initial information, at least 7 people were wounded as a result of this strike.https://t.co/p938QpifoN pic.twitter.com/J96asR1vjF
— Status-6 (@Archer83Able) May 20, 2022
На снимката се гледа облак од чад што се издига над зграда, која според тврдењата, била погодена од проектил.
Европа
Итен состанок на СЗО, повод – новата епидемија со мајмунски сипаници

Светската здравствена организација ја свикува групата водечки експерти на итен состанок за да разговараат за тековната епидемија на мајмунски сипаници, пишуваат медиумите во светот.
Според извештаите, двојно е зголемен бројот на заболени со заразни мајмунски сипаници во Велика Британија, а тоа го потврдил и министерот за здравство Саџид Џавид, наведувајќи дека има 11 нови случаи на заразени.
„Утринава ги информирав министрите за здравство на Г7 за она што го знаеме досега. Повеќето случаи имаат благи симптоми и можам да потврдам дека набавивме дополнителни дози вакцини кои се ефикасни против мајмунска сипаница“, напишал тој на Твитер.
Медиумите потсетуваат дека мајмунските сипаници последниве денови се шират во Европа, а првите случаи се потврдени во Франција, Италија, Шведска, како и во Канада и во Австралија.
Првиот пациент кој добил мајмунски сипаници на 7 мај отпатувал во Нигерија, од каде се верува дека е заразен, пред да се врати во Англија.
Симптомите вклучуваат треска, главоболки и осип на телото кој започнува на лицето и се шири на други делови од телото.
Според податоците на веб-страницата на Светската здравствена организација, смртноста од мајмунски сипаници била меѓу нула и 11 отсто, а во последно време се движи меѓу три и шест отсто.