Европа
Судот во Виена: Фрицл не може да бара помилување, неговата болест не може да се излечи

Австриецот Јозеф Фрицл беше уапсен пред 14 години, откако беше откриено едно од најтешките семејни злосторства во Европа во 21 век. Тој беше осуден на доживотен затвор во 2009 година затоа што 24 години ја држел и силувал својата ќерка во подрумот на неговата куќа во Амштетен, а таа родила седум деца во повеќе од две децении. Фрицл беше обвинет и за убиство на новороденче.
Според австриските закони, Фрицл може да побара помилување по 15 години затвор. Тоа би било следната година, ако истиот го доживее, пишуваат австриските медиуми. Сепак, последната одлука на Високиот виенски суд го спречи тоа, пренесува ORF.
Пресудата од 2009 година предвидува дека Фрицл мора да ја отслужи казната во затворското одделение за лекување психијатриски пациенти во следните 15 години. Потоа ќе има право да биде префрлен во обичен затвор. Задолжителното сместување во психијатриски затвор и рокот по кој Австриец може да побара помилување ќе истече следната година, анализираат медиумите.
Според нив, откако Високиот суд во Виена го прифати барањето на надлежното државно правобранителство за продолжување на престојот на 87-годишниот Фрицл на психијатриско лекување на осуденици, тој не може да бара помилување ниту да биде префрлен во казнено-поправниот дом.
„До понатамошно известување, неопходно е Фрицл да се задржи во психијатриска установа. Одлуката е оправдана со тоа што тој сè уште има непроменета тешка болест која не може да се лекува“, објаснувањето го објави австриската телевизија ОРФ.
Исто така, судот утврдил дека тој не бил убеден дека опасноста со Фрицл е доволно намалена. Одлуката значи и дека состојбата на Фрицл ќе се проценува еднаш годишно и дека тој не може да бара условна слобода.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Унгарскиот амбасадор во Германија: На Будимпешта никој нема да ѝ држи лекции за односите со Русија

Унгарскиот амбасадор во Германија, Петер Ѓоркеш, најави дека Будимпешта има намера да ја продолжи соработката со Русија на разни полиња.
Тој порача дека Унгарија ќе го стори тоа и покрај санкциите воведени од западните земји, пренесува „РИА новости“.
„Никој не треба да ѝ држи лекции на Унгарија за односите со Русија. Будимпешта зависи од руските суровини повеќе од другите. Нема да воведуваме радикални санкции“, нагласи дипломатот.
Дополнително, Ѓоркеш зборуваше негативно за обидите на Киев да изврши притисок врз својата татковина и за обидите на Берлин да снабдува оружје и да го транспортира преку Унгарија.
„Германија прави многу за Киев, но Украина одговори само со нефер критики. Ме нервира кога Украинците нè критикуваат. Русија јасно стави до знаење дека испораките на оружје ќе станат легитимни воени цели“, рече тој.
Петер Ѓоркеш стана амбасадор на Унгарија во Германија во 2015 година.
Европа
Шолц: Путин не сметаше на ова, a сега го боли глава

Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска изјави дека нападите на руската армија врз станбените згради во Киев ја покажуваат неопходноста од меѓународно единство за поддршка на Украина.
Руската армија утринава го гранатираше Киев и погоди најмалку две станбени згради.
Тој го истакна претходното единство на Г7, Европската Унија и НАТО во организирањето поддршка за Украина.
„ Можеме со сигурност да кажеме дека Путин не сметаше на ова и дека сè уште го боли глава поради големата меѓународна поддршка за Украина, но секако и храброста на Украинците во одбраната на земјата“, изјави денеска Шолц, по првата сесија на самитот на Г7.
Нападите врз цивилни објекти, додаде тој, покажуваат дека поддршката на Украинците е правилна одлука.
Германската влада претходно беше критикувана поради неподготвеноста да испрати оружје во Украина. Сепак, Шолц рече дека „Германија и САД секогаш ќе дејствуваат заедно кога станува збор за безбедноста на Украина“.
Тој додаде дека заедно со американскиот претседател Џозеф Бајден биле едногласни за тоа што треба да се направи.
Европа
Зеленски: Ќе ги вратиме сите наши градови

Украина ќе ги врати сите градови што ги зазедоа Русите, вклучително и Северодонец, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Како што објави претседателот, Украина била погодена од 45 руски проектили во последните 24 часа.
Зеленски ги опиша нападите како циничен обид да се скрши духот на украинскиот народ. Зеленски повторно побара повеќе оружје од Западот, коментирајќи дека немилосрдните ракетни напади потврдиле дека санкциите против Русија не се доволни за да и’ се помогне на Украина.
Северодонецк падна во рацете на руските сили по неколкунеделните борби.