Свет
Сè уште се трага по хеликоптерот со кој леташе иранскиот претседател Раиси, објави ИРНА
Државната Иранска новинска агенција (ИРНА) објави дека во тек е опсежна операција за пребарување и спасување откако хеликоптерот со иранскиот претседател Ебрахим Раиси беше принуден да изврши „тешко слетување“ во планинскиот регион во северозападниот дел на Иран.
Инцидентот се случи денеска во шумата Дизмар помеѓу градовите Варзакан и Џолфа во иранската провинција Источен Азербејџан. Раиси се враќаше од Азербејџан, каде присуствуваше на отворање на брана со азербејџанскиот Илхам Алиев.
Неименуван ирански претставник за западните медиуми изјави дека хеликоптерот со кој се превезуваа иранскиот претседател Ебрахим Раиси и министерот за надворешни работи Хосеин Амирабдулахиан се урна додека летал над планинска област во иранската провинција Источен Азербејџан.
Тој истакна дека „животите на Раиси и Амирабдолахиан „се загрозени по хеликоптерската несреќа“.
„Сè уште се надеваме, но информациите кои ни доаѓаат од местото на несреќата се многу загрижувачки“, наведе неименуваниот ирански претставник.
Како што јави ИРНА, повеќе од дваесет целосно опремени тимови за пребарување и спасување, вклучително беспилотни летала и кучиња трагачи, се испратени во областа. Иранските вооружени сили распоредија командоси и специјални сили за да помогнат во операцијата за пребарување.
Поради нерамниот терен на регионот и тешките временски услови, особено густата магла во областа, операцијата за пребарување и спасување би можела да потрае некое време.
Портпаролот на Иранската служба за итни случаи изјави дека осум амбулантни возила се испратени во регионот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Легендарниот рокер Бора Чорба погребан со хитот “Погледај дом свој анџеле“
Легендарниот рокер, фронтмен на групата „Рибља чорба“, Бора Ѓорѓевиќ (72) денес е погребан. Семејството, колегите, но и бројни пријатели и обожаватели се собраа на Градските гробишта во Чачак за да го кажат последното збогум и да се простат од него.
Хорот на гимназијата од Чачак по црковниот обред го испеа најголемиот хит на Бора „Погледај дом свој анџеле“, а овој момент расплака многумина и тоа беше најтажната сцена од гробиштата.
Рокерот Бора Ѓорѓевиќ (72) почина во средата на 4 септември во Љубљана по тешко боледување.Легендарниот рокер ќе почива во родниот Чачак, што му беше и последна желба.
Роден е на 1 ноември 1952 година.
Свет
Вселенското летало Старлајнер на Боинг слета без екипаж
Вселенското летало Старлајнер на Боинг слета без екипаж во пустината во Ново Мексико, со што заврши тримесечната пробна мисија отежната од технички проблеми.
Вселенското летало доцна синоќа самостојно го почна своето шестчасовно патување до Земјата, а астронаутите Буч Вилмор и Сани Вилијамс, првиот екипаж што леташе со Старлајнер, останаа на Меѓународната вселенска станица (МВС).
Беше одлучено Вилмор и Вилијамс да останат на МВЦ до февруари 2025 година, бидејќи Старлајнер се врати на Земјата користејќи маневри премногу опасни за екипажот.
Леталото повторно влезе во атмосферата на Земјата околу 5 часот утрово по средноевропско време, со орбитална брзина од приближно 27.400 километри на час.
Вилмор и Вилијамс ќе продолжат да спроведуваат научни експерименти додека се во вселената, а се очекува да се вратат на Земјата во февруари 2025 година со вселенско летало на компанијата СпејкИкс.
Свет
Регистриран прв случај на детска парализа во Пакистан по 16 години
Пакистан планира итна акција за вакцинација следната недела, откако беше пријавен првиот случај на детска парализа во главниот град во последните 16 години, во услови на пораст на болеста во другите делови на земјата, соопштија денеска властите.
Повеќе од 33 милиони деца на возраст под 5 години ќе бидат вакцинирани од врата до врата почнувајќи од понеделник, рече шефот за полио Ајеша Раза, затоа што вкупниот број на нови случаи годинава се искачи на 17.
Ширењето на вирусот во регионот кој претходно беше прогласен за област без детска парализа претставува нов предизвик за програмата за искоренување финансирана заеднички од ОН и Фондацијата Гејтс, пренесува ДПА.
Случаите со детска парализа во Пакистан го достигнаа врвот од 147 болни во 2019 година, но се намалија на само шест минатата година.