Европа
Тешки воени бродови на САД и Русија „во шах позиција“ во Јонското Море

Во Медитеранот со денови се одвива многу чувствително американско-руско маневрирање, пренесуваат светските медиуми со напис од италијанскиот весник „Il Giornale“.
Според написите, од една страна, руската морнарица се обидува да изврши притисок врз бродовите на НАТО за да ги протера кон Јонското Море, а од друга страна, САД продолжуваат да испраќаат бомбардери Б-52 над Европа за да ја следат ситуацијата одозгора.
Најновата сателитска снимка, како што пренесуваат гласилата, покажува што се случува во италијанските води на Јонското Море, во близина на брегот на Калабрија: „Предизвикот меѓу американскиот носач на авиони „Труман“ и рускиот разурнувач „Кулаков“ изгледа како партија шах: едниот го чека потегот на другиот“.
Носачот „Труман“ го предводи НАТО во Медитеранот, а друг италијански весник „Република“ (Ла Република) пренесува дека бродот носи ловци-бомбардери „Ф-18 Хорнет“ кои вежбаат во Црното и Балтичкото Море за можна одредба за помош на земјите поблиску до војната во Украина.
Рускиот разурнувач „Кулаков“, од советската ера, беше целосно модернизиран во 2010 година: експертите велат дека е опремен и со крстосувачки ракети „Калибар“, истото оружје со кое Русите ги гаѓаа териториите на Украина.
Тој брод е во движење заедно со големиот руски крстосувач „Варјаг“ кој може да гаѓа неколку цели истовремено и затоа го нарекуваат „убиец на носачи на авиони“.
„Варјаг“ е трет по големина крстосувач од класата „Глори“, изграден за советската морнарица, а сега и служи на руската морнарица.
Ваквата концентрација на руски бродови во Средоземното Море, според светските агенции е последица на намерата на Москва да го контролира движењето на НАТО, а други да интервенираат за да го спречат влегувањето на непријателските бродови во Црното Море.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Кличко: Главна цел на Русија останува освојувањето на Киев

Виталиј Кличко, градоначалникот на Киев и поранешен светски шампион во бокс, им се обрати на собраните на Светскиот економски форум (СЕФ), кој се одржува во Давос, Швајцарија.
Тој рече дека Русија сè уште се надева оти ќе го преземе главниот град на Украина.
„Јасно е дека не станува збор за специјална воена операција, како што тврди Русија, туку за војна, една од најголемите по Втората светска војна. Илјадници луѓе загинаа, меѓу кои и многу деца, а на истокот на земјата се води голема битка“, рече Кличко.
Тој рече дека не е тајна оти окупацијата на цела Украина и понатаму е приоритет на Русија, „а нејзината главна цел е главниот град, срцето на земјата“, додавајќи дека „целиот свет виде докази за воени злосторства преку сателитските снимки на Буча“.
„Сите разбираат дека ова не е специјална операција, туку геноцид врз украинскиот народ“, рече Кличко мислејќи на човечкото страдање во Украина, пренесуваат медиумите.
Европа
Украина: Двајца руски војници се изјаснија за виновни за воени злосторства

Двајца руски војници, кои беа заробени од украинските сили, денеска, за време на второто судење за воени злосторства во војната во Украина, ја признаа вината за гранатирањето на град во источниот дел на таа земја.
За време на судењето во Окружниот суд во Котелевск во централна Украина, државните обвинители побараа казна од 12 години затвор за Александар Бобикин и Александар Иванов за, како што наведоа, кршење на законот за војна, пренесува „Ројтерс“.
Бобикин и Иванов признаа дека биле дел од артилериска единица, која од областа Белгород во Русија гаѓала цели во областа Харков.
Европа
Шолц: Русија нема да победи во војната во Украина, ниту ќе ги диктира условите за мир

Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска изјави дека Русија нема да победи во војната во Украина и посочи дека Москва не смее да ги диктира условите за каков било мир.
„Путин сериозно ќе преговара за мир само ако сфати дека не може да ја пробие одбраната на Украина“, рече Шолц во говорот на Светскиот економски форум во Давос, пренесува „Ројтерс“.