Свет
Трамп го избра екс сенаторот Коутс за шеф на разузнавањето, но не планира преструктуирање
Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп во четвртокот го избра поранешниот сенатор Даниел Коутс за свој директор на националното разузнавање, соопштија двајца функционери од неговиот транзициски тим, во настојувањата да оствари влијание во американската разузнавачка заедница којашто често ја критикува, но нема намера да ја преструктуира.
Официјалната објава на одлуката се очекува до крајот на седмицава, додека Доналд Трамп ќе носи одлуки за другите важни места коишто мора да ги пополни во рамките на подготовките за преземање на Белата куќа на 20-ти јануари.
На 73-годишниот Даниел Коутс, од сојузната држава Индијана, штотуку му завршува шестгодишниот мандат во Сенатот, во кој мина повеќе од десет години и беше во сенатскиот комитет за разузнавање. Претходно мина четири мандати во Претставничкиот дом. Во времето на поранешниот републикански претседател Џорџ В Буш помладиот беше американски амбасадор во Германија.
Доналд Трамп повторно изрази сомневања во процените на американската разузнавачка заедница од администрацијата на претседателот во заминување Барак Обама, дека Русија имала своја улога во кибернетичките упади во текот на претседателската Кампања.
Демократите ја обвинуваат Москва дека сакајќи да го девалвира американскиот систем му помогнала на Трамп и на другите републиканци со крадењето на доверливата преписка меѓу челниците на Демократската партија кои подоцна се појавуваа на WikiLeaks.
Трамп подоцна во четвртокот според локално време, во Кулата Трамп во Њујорк треба да биде информиран за извештајот на разузнавачката заедница за оваа тема од високи функционери, откако извештајот претходно му е поднесен на Обама и беше писмено поднесен во сенатскиот комитет.
Некои американски разузнавачки функционери го поздравија во четвртокот изборот на Коутс, и изразија надеж дека неговото именување е знак дека Трамп настојува да ги поправи односите со разузнавачката заедница по долгите месеци спорење околу нејзините процени дека Русија со хакирањето влијаела врз ноемвриските претседателски избори.
Еден функционер, под услов да остане анонимен, за Reuters изјавил дека исто така се надева оти, доколку биде потврден неговиот избор, Коутс ќе може да го договори она што го нарекол „примирје“ меѓу разузнавачката заедница и избраникот на Трамп за национална безбедност, поранешниот директор на Одбранбената разузнавачка агенција (DIA), пензионираниот генерал-полковник Мајк Флин, кој беше отпуштен од сегашниот директор на американската разузнавачка служба Џејмс Клапер, кој ги координира 19-те разузнавачки агенции и служби на САД.
Истовремено, портпаролот на Трамп негираше во четвртокот дека новиот американски претседател размислува за преструктуирање на разузнавачките служби, демантирајќи го написот за наводната реформа.
Весникот The Wall Street Journal објави дека Доналд Трамп има намера да ја преструктуира Централната разузнавачка агенција (CIA) и да ги намали овластувањата на кабинетот на директорот на националните разузнавачки служби (DNI), кој раководи со сите разузнавачки агенции.
„Тие информации не се точни. Замислата за преструктуирање на разузнавачката заедница не е точна. Таа е потполно неточна“, изјави Шон Спајсер, портпарол на Трамп во текот на телефонската прес-конференција, пренесе AFP.
Како што наведува The Wall Street Journal, повикувајќи се на анонимни извори наводно блиски на Трамп, овој го изнел предлогот за намалување на службите коишто сепак би морале подобро да соработуваат./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Ројтерс: Можно американско воено интервенирање во Иран во наредните 24 часа
Американска воена интервенција во Иран станува сè поизвесна и би можела да се случи во наредните 24 часа, изјавиле европски претставници за „Ројтерс“.
Според еден европски функционер, можноста за американска воена акција значително се зголемила и временската рамка сега се мери во часови, а не во денови. Друг европски извор оценил дека интервенцијата изгледа веројатна.
Израелски функционер изјавил за Ројтерс дека се чини оти американскиот претседател Доналд Трамп веќе донел одлука за интервенција, иако сè уште не е јасно кога би започнала и колкав би бил нејзиниот обем.
Според Ројтерс, САД и Обединетото Кралство повлекле дел од персоналот од воздушна база во Катар, по заканите на Иран за одмазда врз американските бази во регионот. Истовремено, Иран ги предупредил соседните земји дека евентуален американски или израелски напад би имал регионални последици.
Напнатоста дополнително се зголемила по изјавите на Трамп, кој ги повикал демонстрантите во Иран да продолжат со протестите, наведувајќи дека помошта е на пат без дополнително објаснување.
Свет
И Македонија на листата на земји во кои САД ја запираат обработката на имигрантски визи, според „Фокс Њуз“
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ја запира обработката на имигрантски визи за апликанти од 75 земји, соопшти во средата Стејт департмент.
Стејт департментот на социјалната мрежа „Икс“ наведе дека ќе ја суспендира обработката на имигрантски визи за 75 земји чии мигранти, според наводите, користат социјална помош од американските даночни обврзници во неприфатливо висока мера.
За суспензијата на обработката на визите прв објави „Фокс њуз„, повикувајќи се на меморандум на Стејт департментот.
Според извештајот на „Фокс њуз“, меѓу тие 75 земји се Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово.
Извештајот го спомена и портпаролката на Белата куќа Каролајн Ливит.
На списокот се и Азербејџан, Белорусија, Грузија, Ерменија, Молдавија и Русија, пренесе „Радио Слободна Европа“.
Иако Стејт департментот сè уште не објавил официјална листа, во една од објавите на „Икс“ наведе дека „паузата влијае на десетици земји – вклучувајќи ги Сомалија, Хаити, Иран и Еритреја – чии имигранти често стануваат јавен товар за Соединетите Американски Држави веднаш по пристигнувањето“.
„Работиме на тоа да обезбедиме великодушноста на американскиот народ повеќе да не биде злоупотребувана“, додаде Стејт департментот.
Суспензијата на обработката на барањата за имигрантски визи од наведените 75 земји ќе почне на 21 јануари, објави Фокс њуз, додавајќи дека меморандумот им наложува на американските амбасади да ги одбиваат визите согласно важечкиот закон, додека Стејт департментот ги преиспитува своите процедури.
Суспензијата на обработката на визите се поклопува со мерките на администрацијата на Трамп против имиграцијата.
Трамп во ноември вети дека ќе „трајно ја паузира“ миграцијата од сите „земји од третиот свет“ по пукањето во близина на Белата куќа, кое го извршил авганистански државјанин, при што загинал припадник на Националната гарда.
САД долго време одбиваа визи на лица за кои се сметало дека на крајот ќе имаат потреба од државна социјална помош, но Стејт департментот соопшти дека сега ќе го користи истото овластување за целосна суспензија на имигрантски визи врз основа на националност, наведува АФП.
Стејт департментот во понеделникот соопшти дека од враќањето на Трамп поништил повеќе од 100.000 визи, што претставува рекорд за една година.
Министерството за внатрешна безбедност минатиот месец соопшти дека администрацијата на Трамп депортирала повеќе од 605.000 луѓе, а уште 2,5 милиони ја напуштиле земјата доброволно.
Свет
(Видео) Сведоци за несреќата на Тајланд: „Почнаа да паѓаат мали парчиња, па кранот се урна врз возот“
Во североисточниот дел на Тајланд, околу 9 часот по локално време, кран падна директно врз воз во движење, при што возот излетал од шините, а неколку вагони биле згмечени, од кои еден се запалил.
Во моментот на несреќата во возот имало 171 патник. Меѓу повредените има едногодишно дете и лице на возраст од 85 години, а седум лица се во критична состојба.
Локалните медиуми јавуваат дека кранoт подигал голем бетонски елемент кој паднал врз возот и предизвикал излетување на повеќе вагони. Спасувачките екипи со часови ги извлекувале патниците од уништената композиција.
Еден од преживеаните изјавил дека патниците биле буквално фрлени во воздух, додека очевидци за Би-Би-Си Тајланд рекле дека целиот инцидент траел помалку од една минута.
„Почнаа да паѓаат мали парчиња, како бетонски фрагменти. После тоа, кранот се спушти и силно се урна врз возот“, рече жена – сведок на настанот.
„Целиот инцидент траеше помалку од една минута“, додаде таа.
Државните железници на Тајланд покренаа истрага и најавија тужба против градежната компанија одговорна за кранoт. Компанијата Italian-Thai Development соопшти дека ќе обезбеди обештетување и помош за семејствата на загинатите и повредените.
Тајландскиот премиер порача дека „некој мора да сноси одговорност“, оценувајќи дека вакви несреќи се последица на немар и непочитување на процедурите.
Фото: ЕПА

